- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Водечкиот советски писател Максим Горки во 1932 година дојде на идеја да создаде еден вид резиденција за книжевници. Слично нешто видел и во Европа. Концептот се состоеше во тоа да се изберат дваесетина талентирани писатели и да им се обезбедат целосни финансиски и други услови за непречено да се создаваат книги „во склад со сериозните прашања на времето“.
Сталин ја поддржа идејата и предложи таа да се развива чекор понатаму: „Не е доволно за писателите да се изгради хотел во близина на Москва. Писателот не би сакал на подолг период да се одвои од семејството... За писателите не треба да се гради хотел некаде во близина на Москва, туку град во кој би можеле да живеат заедно со своите семејства, без да си пречат едни на други, и да се посветат на творештвото“.
Така, во 30-тите години на минатиот век, во населбата Переделкино, недалеку од Москва, настана „Гратчето на писателите“. Писателите добиваа куќи доживотно на користење, а шест месеци по нечија смрт, советот на гратчето можеше да донесе одлука за нов сопственик.
Првите жители на Переделкино беа Борис Пастернак, Борис Пиљњак, Иљја Еренбург, Исак Бабељ, Корнеј Чуковски и многу други. Тука во различни времиња живееја и Валентин Катаев, Александар Фадеев, Константин Симонов, Евгениј Евтушенко, Булат Окуџава. Сè на сè, тоа беа најзначајните творци на советскиот книжевен Олимп.
Денес, меѓу дрвените куќи на писателите, може да се видат и раскошни вили на богати жители на Москва, опкружени со непристапни огради, долж кои поминуваат многу туристи и хипстери на пат кон Пастернак и други великани.
Како да стигнете таму:
- Со приградски воз: до станицата МЦД-4 „Переделкино“ (од Киевската железничка станица) и понатаму 20 минути пеш или со автобусот 468 и 316 до станицата „Гратче на писателите“.
- Со метро: до станицата „Новопеределкино“ и автобусот 316 до станицата „Гратче на писателите“.
- Со автомобил: до паркингот покрај Храмот на благоверниот кнез Игор Черниговски и уште 10 минути пеш.
Резиденцијата на патријархот и гробиштата на писателите
Секој што ќе дојде во Переделкино задолжително налетува со поглед на огромниот разнобоен Храм на благоверниот кнез Игор Чернигов.
Оваа градба од 2012 година, со своите разнобојни куполи, наликува на храмот „Св. Василиј Блажени“ на Црвениот плоштад. Новата црква е проектирана во модерна интерпретација на „рускиот стил“.
Зад црквата е сместена летната резиденција на патријархот Московски и на цела Русија.
Одовде можете да дојдете пеш до населбата на писателите преку Переделкинските гробишта, каде што почиваат познати творци како Борис Пастернак, Корнеј Чуковски, поетот Арсениј Тарковски (татко на познатиот режисер Андреј Тарковски), Роберт Рождественски, Евгениј Евтушенко и многу други.
Домот на творештвото на писателите
По десет минути пешачење наидувате на капијата на населбата. Ќе ве пречека тивка подмосковска шума со асфалтирани патеки како во советски санаториум.
Најпрвин ќе наидете на модернистичка советска градба со ѕидови од стакло. Тоа е Домот на творештвото на писателите - централното собирно место во Переделкино. Тука се одржуваат книжевни вечери, изложби, има ретро-библиотека со многу пријатна атмосфера и, се разбира, кафе-ресторан.
Зградата е изградена во 1966 година и се користела како клуб, кино и библиотека. Меѓутоа, во деведесеттите беше запуштена. Дури во 2020 година беше реновирана со големо внимание за деталите и зачувување на духот на шеесеттите години на минатиот век.
До Домот на творештвото има зграда во стилот на сталинскиот ампир. Зградата со столбови е подигната во 1955 година. Имаше 40 соби, кои беа уредени како работни кабинети за писателите. Имено, оние автори кои немаа сопствена куќа можеа да поднесат молба за привремено сместување во оваа зграда.
Наминете до бифето во сутеренот и ручајте во советски стил, замислувајќи како некогаш тука се гоштевале познати писатели.
А доколку сакате да ручате со прекрасен поглед на шумата, веднаш до него се наоѓа ресторанот „Библиотека“. За време на викендите секогаш има многу луѓе. Затоа, доколку не сте премногу гладни, земете чај и пирошки од бифето и продолжете со прошетката.
Уште една зграда во стилот на советски санаториум е локалниот хотел. За да ја поминете ноќта таму, потребно е однапред да резервирате соба.
Во 2020 година во Переделкино повторно беше лансирана програмата за сместување книжевници. Пријава за престој во хотелот „Дом на творештвото“ можат да поднесат писатели, драматурзи, преведувачи и истражувачи.
Потоа продолжете по селскиот пат кон куќите на писателите. Меѓу првите е куќата на Корнеј Чуковски. „Во нашата викендичка веќе поминав еден ден и многу ми се допаѓа. Апсолутна тишина. Шума. Може да поминат недели а да не видите жива душа“, напиша тој.
Чуковски често примаше во посета деца. Им читаше стихови, поминуваше време со нив. А потоа издвои дел од својата парцела за детска библиотека и вложи сопствени средства во нејзината изградба. Чуковски живееше во Переделкино од 1938 до 1969 година, сé до својата смрт. Денес таму има музеј и споменик на историјата.
Оставајќи го Чуковски зад себе, одиме на гости кај уште еден познат жител на Переделкино.
Борис Пастернак живееше во својата куќа во Переделкин од 1939 до 1960 година. Притоа познатиот советски писател сакаше да работи во градината.
Пастернак живееше овде дури и кога падна во немилост на власта, кога неговите дела речиси не се печатеа и кога беше критикуван за романот „Доктор Живаго“, објавен на Запад, за кој ја доби Нобеловата награда. Сите тие настани се одразија на здравјето на писателот. Почина во Переделкино, каде што е погребан. Денес неговата куќа е музеј.
Го напуштаме Пастернак и полека се враќаме на станицата и паркингот. Но, на враќање, не забораваме да ја погледнеме дрвената куќа на аголот. На тоа место Андреј Тарковски го сними својот култен филм „Огледало“.