- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Дали Сенегалецот од Мароко, кој гостуваше со циркус во царска Русија, можеше да претпостави дека ќе стане советска филмска ѕвезда? Тешко. Но, ваков неверојатен пресврт на судбината навистина се случи во животот на Кадор Бен-Салим, чија биографија, мора да се признае, и ден-денес има нерасветлен почеток и крај.
Ѓаволчето Том Џексон
Младичот пристигна во Русија во 1912 година. Трупата марокански акробати на Мулај Саид тогаш со успех гостуваше во градовите на Руската империја. На еден од нив по име Кадор Бен-Салим толку многу му се допадна новата земја што реши да остане таму. Познато е дека пред кариерата во циркусот работел како морнар и настапувал со улична трупа циркузанти. Веќе во 1916 година, тој се приклучи на трупата на познатиот акробат Александар Сосин во Верни (како што тогаш се викаше Алма Ата). Таму настапуваше со точката „Аргентинско танго“, но неговата душа се стремеше да направи нешто повеќе од настап во арената. И Кадор се пријави како доброволец во редовите на Црвената армија. На фронтот се најде во состав на дивизијата на познатиот Василиј Чапаев.
Правнуката на Чапаев во својата книга „Мојот непознат Чапаев“ споменува дека во дивизијата служеле многу странци и дека дури е зачувана фотографија на црнец „по име Џоник“. На бојното поле, на Кадор му се случи речиси смешна случка: поради повреда на ногата немал време да се скрие од белогардејците и се преправал дека е мртов. Без да чека непријателот да се оддалечи тој почнал да се движи, преплашувајќи ги сите.
„Во штабот пријавија дека на бојното поле е виден човек воскреснат од мртвите. Командантот нареди да се најде „црвеното ѓаволче“ и наредбата беше извршена. „Покојникот, се покажа, течно зборува француски и англиски, многу е паметен и префриган“, го прераскажува Сосин овој настан во своите мемоари.
Враќајќи му се на мирнодопскиот живот, Бен-Салим се најде во Тифлис (денешен Тбилиси) и почна да настапува во локалниот циркус, овој пат како боксер под псевдонимот Том Џексон. Но, во 1922 година, во неговиот живот ненадејно дојде до пресврт, кога режисерот Иван Перестиани им понуди на циркуските уметници да се појават во екранизацијата на суперпопуларната книга на Павел Бљахин „Црвените ѓаволчиња“ за борците од Првата коњаничка армија.
Ѕвезда на големото платно
Актерите на првиот советски вестерн сами ги изведуваа сите вратоломии. Кадор одеше по јаже преку планинска клисура, изведуваше смртоносни скокови од карпи, трчаше по покривот на воз во движење. Филмот веднаш стана хит. Го нарекуваа „чудо на советската кинематографија“, а гледачите стоеја во долги редици за билет.
Тифлиските циркузанти се појавија во уште четири филмови кои беа продолженија на „Црвените ѓаволчиња“: „Савур-гробницата“, „Злосторството на малата кнегиња Ширванскаја“, „Казната на малата кнегиња Ширванска“, „Илан-Дили“.
Кариерата на Бен-Салим тргна по нагорна патека. Тој беше првиот актер чиј портрет се појави на насловната страница на главното списание за кинематографија „Советски екран“. И играше во уште неколку други филмови. Меѓу другото, во улогата на лакеј во „Пловидбата на мистер Лојд“ - нем филм за пороците на буржоазијата. Како и улога во „Враќањето на Нејтан Бејкер“, филм на тема како се градеше социјализмот во Белорусија.
Во 1930-тите трагите на актерот се губат. Повеќе не се појавуваше на филм. Настапуваше во циркус, патуваше низ земјата, но не е познато каде најде живеалиште на крајот. Можеби отишол некаде каде што беа потребни неговите многубројни таленти како војник, акробат, боксер и актер. Запаметен е во историјата како првиот црнокож советски актер.