Во Русија во почетокот на 20 век мошне популарни биле разбојничките, робијашките, скитничките и просјачките песни, но тие немале никаква врска со крадачките песни (рус. „блатные песни“). Станува збор за феномен на криминална музика кој се појавил во првите години од постоењето на СССР.
Колепката на крадачката музика била Одеса. Таа кон крајот на 19 век била четврти град по бројот на жители во Руската Империја и второ пристаниште по промет на стока. Одеса исто така била и главен еврејски град во Империјата поради воведувањето на таканаречената „црта на населување“. За оваа „црта“ биле заинтересирани руските трговци од централните губернии, кои формално и побарале таа да се воведе, во настојувањето да се ослободат од конкуренцијата на еврејските трговци, со образложение дека тие припаѓаат на друга вера.
Во „Прописите за населување на Евреите“ од 1804 година имало список на губернии во кои Евреите можеле да се населат и каде што можеле да тргуваат. Тоа биле западни и југозападни губернии, вклучително и Херсонската губернија и нејзиниот главен град Одеса. Во прочуеното пристаниште оделе многу Евреи и во „цртата на населување“ тие не ги имале сите права што ги имало православното население. Не може слободно да ги напуштаат своите губернии и им бил ограничен изборот на занимања и занаети. Тоа поттикнало многумина Евреи да влезат во криминалните кругов. Прекупци, маниплатори, крадци и провалници од секаков вид бил голем дел од еврејското население во губерниите во рамките на „цртата на населување“. И токму во таа криминална средина се појавил зборот blat – кој на јидиш означува член на крадачка банда, односно. „свој“ човек (оттука и називот на руски „блатная песня“).
Од каде потекнува крадачката песна?
Музиката отсекогаш играла огромна улога во животот на секој еврејски град. Свадби, погреби, верски празници и обични веселби во крчмите на пристанишните локало – сето тоа било проследено со еврејски традиционални мотиви, односно „Клезмера“ (така се нарекувала музиката, а и музичарите што ја изведувале). На почетокот на 20 век во Одеса се отвориле многу „илузиони“- стационарни кина со нем филм во кои музичка придружба обезбедувале пијанистите „тапери“. Покрај тоа, тие свиреле и на сите познати мелодии.
Бољшевиците во 1917 година го укинале царскиот поредок, а заедно со него и „цртата на населување“, по што еврејското население во „цртата“ се стекнало со исти права како и сите граѓани на советска Русија. Во текот на дваесеттите години од минатиот век, во времето на Новата економска политика (НЕП), професионалните еврејски музичари влегле во кафанската средина на двете руски престолнини, така што мотивите на „клезмерите“ станале мошне популарни. Мнозинството руски слушатели ги знаат и денес – песните „Мурка“ и „Седум и четириесет (7:40)“ се напишани на мелодија на традиционалните „клезмери“.
Крадачката песна настанала кога руските стихови почнале да се пишуваат на класична мелодија на клезмерите. Клучот за популарноста на новата музика бил во тоа што, за разлика од руските „затворски“ песни, музиката на клезмерите се нагласувала со слаб ритам, синкопа во која можело лесно и со жар да се танцува. Силно влијание на формирањето на крадачката песна имала и ромската музика, којашто на почетокот од 20 век била мошне популарна во Русија. Токму ромските романси направиле главен инструмент во изведувањето крадачки песни да биде гитарата.
Државата се противи
„Ако денес сакате да го погледнете естрадниот репертоар 1925-1928 ќе морате да нурнете во мрачниот жабјарник на фокстротот, ромските и крадачките песни, како и безбројните препеви на 'интимните' песнички од царското време“, негодуваше во 1931 година дописникот на списанието „Работник и театар“ („Рабочий и театр“). Државата веќе кон средината на дваесеттите години од минатиот век започна борба против кафеанските и салонските жанрови музика, како и против крадачките песни. Зошто овие песни беа толку популарни?
Официјалната советска естрада во текот на дваесеттите и на триесеттите години од минатиот век извади мноштво силни и патриотски песни, но не нудеше никакви шегаџиски, секојдневни и тажни композиции. Оваа празнина ја пополни криминалната и забавната музика, во чиј состав беа не само крадачките песни, туку и шегаџиски шлагери – „Пржено пиле“ („Цыплёнок жареный“) и „Школата за танц на Соломон Пљар“, како и работничките – „Тулички“ („Кирпичики“) и „Чашки од дебело стакло“ („Стаканчики гранёные“). Максим Кравчински, историчар на крадачката песна, го цитира Олег Чистјаков, изведувач на овие песни: „Тие (песни) зборуваа за проблемите на денешнината со својот едноставен јазик... Независно од припадноста на општествениот статус луѓето ги слушаа и ги пееја со солзи во очите“.
Главниот репертоарски комитет од втората половина на дваесеттите години забранувал естрадно изведување крадачки песни како музички дела коишто ги „опслужува вкусовите на непманите и на малограѓаните“. Од друга страна, љубимецот на публиката Леонид Утјосов ги пеел песните „Од одескиот затвор“ и „Натегање“ (рус. „Гоп со смыком“) со чисто криминална содржина. Утјосов (вистинско име Лазар Вајсбејн) е роден во 1895 година во Одеса и веќе во текот 1920-те станал познат глумец и изведувач. Основал сопствен оркестар во 1929 година, а во 1934 година заедно со актерката Љубов Орлова глумеше во филмот „Весели момци“ и стана познат во целиот Советски Сојуз. Утјосов уште во 1932. година ги сними на грамофонски плочи песните „Од одескиот затвор“ и „Натегање“, а во 1935 година во Кремљ, на лична молба на Сталин ја изведе песната „Натегање“ за поларните истражувачи од мразокршачот „Чељускин“.
Крадачките и ромските песни биле популарни дури во круговите на партиската елита. Прочуената ромска пејачка Изабела Јурјева (1899-2000) памети како ја канеле во Кремљ на затворени партиски прослави и ја молеле да пее „ромски“ песни од својот репертоар кои официјално биле забранети.