10 музеи и галерии во Москва кои можете да ги посетите БЕСПЛАТНО

ВДНХ
За вас ги избравме најинтересните музеи, галерии и културни центри во руската престолнина за кои не ви се потребни влезници.

1. Дом на културата „ГЕС-2“

Зградата на поранешната електрана во центарот на Москва, која некогаш го снабдувала Кремљ со струја, бирото на познатиот архитект Ренцо Пјано ја преобрази во ултрамодерен културен центар. Во него се одржуваат концерти, перформанси, изложби, предавања и интердисциплинарни проекти. Сè на сè, како во вистински дом на културата, тука живее уметноста во сите нејзини облици.

2. Московски музеј на современата уметност (ММОМА)

Во филијалата на овој музеј во Ермолаевскиот сокак е отворен едукативен центар. Неговата програма се состои од предавања за историјата на културата и филозофијата, современата уметност и архитектурата. Изложбените проекти што се одржуваат овде може да се наречат „уметнички истражувања“. Тие се занимаваат со темата на формирање збирки на современи уметници во музеите и ја презентираат сопствената музејска колекција.

3. StellaArtFoundation

Фондот на колекционерката и филантроп Стела Кесаева ги поддржува младите уметници и го промовира современото руско творештво. Збирката на фондот вклучува над илјада и петстотини дела како на признати руски класици, така и на нови автори. Изложбите во Stella Art ги претставуваат делата на Борис Орлов, Сергеј Шеховцов, Дмитриј Гутов, Вадим Захаров и други мајстори. Денес фондот е сместен во просториите на кулата „Меркур“ во Москва-сити.

4. „Музеон“

Најголемиот парк на скулптури во Русија. Долж неговите патеки се распоредени над илјада советски и современи дела. Токму на ова место во 1990-тите беа донесени многубројни скулптури на Маркс, Ленин, Сталин и други политички лидери. Го има и споменикот на Феликс Ѕержински од уметникот Евгениј Вучетиќ, кој некогаш стоел на Лубјанскиот плоштад. Има и скулптури од уметници кои создавале во шеесеттите („шеесетниците“), како и од современи автори.

5. „Вински завод“

Во просториите на поранешната пиварница во 2007 година беше отворен еден од првите руски приватни Центри на современа уметност, во кој се сместени десетина галерии. Меѓу нив се: pop/off/art, XL галерија, Fine Art gallery и други. Тука можете детално да ги проучите трендовите на современата руска уметност, да се запознаете со новите имиња и да погледнете изложби на познати автори.

6. Музеј на водата

Овде ќе дознаете сè за тоа како се развивало и како е организирано денес водоснабдувањето во Москва. Меѓу експонатите има нацрти и мапи, како и макети на разновидна опрема. Иако на прв поглед станува збор за многу технички музеј, неговата посета потсетува на интересната потрага „Запознај го својот град“. Колку само вреди приказната за Ростокинскиот аквадукт, изграден на крајот на XVIII век! Или историјатот на првиот водовод во Кремљ, изграден уште во времето на Иван Калита. Бонус: музејот е сместен во исклучително убава стара градба од црвена тула која припаѓала на првата канализациска станица во Москва.

7. Центар за креативни индустрии „Фабрика“

Креативниот кластер беше отворен на територијата на поранешна советска фабрика за хартија. Во неговите простории се сместени неколку галерии на современа уметност, како и сопствена арт-резиденција. Во изложбените сали на „Фабрика“ се претставуваат проекти-истражувања на тема фабричка култура и советско секојдневие, авангардата и интеграцијата на современата уметност во јавните простори.

8. Музеј на коњите

Речиси сто години овој музеј собира документи, слики, фотографии и предмети од применетата уметност посветени на коњите. Основата на збирката е збирката на Јаков Бутович. До револуцијата од 1917 година, тој собрал цела галерија на слики со коњи. Овде можете да видите дела на Михаил Врубељ, Николај Сверчков, Питер Клодт, Валентин Серов, Евгениј Лансере и други класици на сликарството. 

9. Фондот на Андреј Чеглаков

Во изложбениот салон на фондот може да се видат дела од обемната и разновидна збирка на колекционерот и бизнисмен Андреј Чеглаков. Фондот најчесто организира тематски изложби врз основа на сопствената колекција која опфаќа дела на европскиот модернизам и руската авангарда, советските и современите руски автори. Исто така, во овој простор се одржуваат предавања и средби со уметници, перформанси и концерти.

10. „Лев Толстој. Војна и мир. Оживеани страници“

Овој проект ве води во светот на познатиот роман, а го реализира Музејот „Толстој“ од Москва. Павилјонот бр. 61 во изложбениот комплекс ВДНХ е претворен во простор во кој оживуваат сцените од „Војна и мир“. Посетителите можат да ги следат настаните од битката кај Бородино, да учат чекори следејќи ги танчерите на балот и да играат карти во стар стил. Мултимедијалната изложба ќе ве запознае со романот, историјата на руското благородништво и филозофските погледи на Толстој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња