Пет причини да го посетите новиот музеј „Подземна Москва“

Музеј „Подземна Москва“
Овде можете да ги допрете експонатите: сите се автентични и содржат приказни за скриената историја на градот: за московските подземни ходници и тунели, за легендите што ги крие метрото, за засолништата, скривалиштата и тајните командни места.

Единственото цивилно засолниште во Русија кое стана музеј

Додека шетате по улицата, веројатно нема веднаш да го забележите музејот. Тоа е мала, црна зграда на која пишува „Подземна Москва“. Зад натписот има скалила што водат до некогашното цивилно атомско засолниште на Краснопресненската рафинеријата за шеќер „Мантулин“, изградено уште во 1972 година. Фабричките погони одамна запреа, па се чинеше дека засолништето наменето за работниците на фабриката повеќе не е потребно. Меѓутоа, пред неколку месеци вработените на музејот започнаа со негово реновирање. Му го вратија автентичниот изглед и го наполнија со експонати од своите лични колекции.

Уникатните експонати можат да се допрат со рака

Овде експонатите не се во стаклени музејски витрини и можете да допрете речиси сè. На пример, импресивната експозиција на колекцијата предмети за цивилни засолништа е смислена на начин да можат гледачите да стекнат целосна претстава за нивната функција и за тоа како е да се престојува во нив. Можете, на пример, да прелистате некои од списанијата „Правда“ за 1972 година, да дознаете како се вршел посебен третман над оние кои пристигнале од контаминирана зона и да прегледате скафандери за хемиска и биолошка заштита. И можете со свои раце да ја свртите рачката на системот за прочистување на воздухот.

Покрај фасцинантната колекција на гас-маски, музејот има и специјална заштитна комора за мали деца. Таа изгледа како голема спортска торба со филтри и мали прозорци.

Со помош на теренската хемиска лабораторија може да се идентификуваат токсичните материи. Во специјални лабораториски шишиња со налепница со мртовечка глава со вкрстени коски има реагенси со мирис: на пример, мирисот на печено јаболко предупредува за присуство на иперит.

Покрај многубројните уреди, тука има и грамофони за репродукција на звук од грамофонски плочи, но тие не служат за украс. Излегува дека винилот е најсигурниот носач на информации во вонредни ситуации. За разлика од магнетната лента или флеш-меморијата, плочата нема да ве изневери. Аудио-запис на винил се користи за предупредувања за опасност во вонредни ситуации, на пример за емитување сигнал кој предупредува за воздушен напад.

Дознајте како функционира „Тајниот бункер“

Една од просториите на музејот е посветена на тајните бункери со пунктови за комуникација, од кои во случај на катастрофа може да се продолжи со управувањето со државата. На посетителите им се  чини како да се во филм. На сите страни има разновидна опрема: електричен телеграф кој пренесува пораки со Морзеова азбука, телепринтери, телекси и телефони за комуникација на раководството преку заштитени линии.

Дознајте ги легендите за Московското подземје

Во „Подземна Москва“ можете да ја видите скриената страна на главниот град и да се запознаете со легендите и приказните за подземните градски објекти. На пример, се смета дека во најстарите објекти спаѓаат одаите на економот при Архангелскиот храм, изградени во 1485 година. Впрочем, во музејот можете да дознаете кои приказни за подземната престолнина се вистинити, а кои не, и колку бункери на Сталин навистина има во Москва. Популарната теорија дека под Москва има страшни празнини е измислена.

Запознајте го метрото од спореден влез

Веројатно сите го знаат московското метро со станиците кои личат на подземни дворци. Но, не секој видел како изгледа метрото таму каде што патниците не влегуваат. Во музејот се изложени фотографии од тунели и отвори за вентилација, кантини, па дури и печурки кои растат во изобилство во близина на местото каде што минуваат заитаните возови.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња