10 најпознати фрази од советските филмови

„Џентлмени со среќна рака“

„Џентлмени со среќна рака“

Александар Сериј/Мосфильм, 1971.
Цитати од филмови, а особено од комедии снимени во СССР, влегоа во народот како крилатици. Еве ги најпознатите и најчесто користените.

1. „Барам да продолжи банкетот!“ („Я требую продолжения банкета!“)

Фраза од филмот „Иван Васиљевич ја менува професијата“. Ја изговара советски граѓанин, кој поради дефект на времепловот ќе се најде во минатото и за кого сите веруваат дека е Иван Грозни бидејќи многу личи на него.

Отпрвин тој е скромен и непријатно му е да се претвора дека е цар, но откако ќе испие доволна количина алкохол, станува сé похрабар.

2. „Не сум виновна јас, тој самиот дојде!“ („Не виноватая я, он сам пришёл!“)

Сцената од филмот „Дијамантска рука“ во која на актерката Светлана Светличнаја ѝ пука брустхалтерот се смета за безмалку првата еротска сцена во советската кинематографија.

А всушност, нашата хероина намерно се обидува да опие и соблазни примерен советски граѓанин и семеен човек.

3. „А вас, Штирлиц, ќе ве замолам останете“ („Штирлиц, а вас я попрошу остаться“)

Разузнавачот Штирлиц од серијата „17 моменти на пролетта“, инфилтриран во највисокото раководство на нацистичка Германија, е можеби најпопуларниот лик во целата советска кинематографија.

Фразата на неговиот шеф „А вас би ве замолил да останете“ звучи злокобно, бидејќи навестува дека тој можеби на некој начин се издал?

4. „Има челуста да ти ја раскинам, фаровите да ти ги истргнам...“ („Пасть порву, моргалы выколю…“)

Оваа фраза во култниот филм „Џентлмени со среќна рака“ ја изговара обичен воспитувач во детска градинка, кој на специјална задача ќе се најде во затвор и се преправа дека е криминалец од висок ранг.

Овие зборови навистина звучат застрашувачки за оние кои не знаат дека намерно толку грубо ги изговара еден симпатичен и добар воспитувач на советски деца.

5. „Студентка, комсомолка, спортистка, најпосле, таа е едноставно убавица!“ („Студентка, комсомолка, спортсменка, наконец, она просто красавица!“)

Така и само така се вели за секоја советска девојка од премиерата на филмот „Кавкаска пленица“ или „Новите авантури на Шурик“.

И сé уште велат така. За волја на вистината, често во пократката варијанта „студентка, комсомолка, спортистка, и едноставно лепотица“.

6. „Колку е одвратна оваа ваша риба во желе!“ („Какая гадость эта ваша заливная рыба!“)

Ова е фраза од новогодишниот филм „Иронијата на судбината“, а ја изговара еден убаво воспитан човек кој обично не си дозволува толкава „слобода на изразување“. А и кој би се осмелил на маса да ѝ каже на домаќинка дека подготвила нешто одвратно?!

Но, во настап на љубомора, тој консумира премногу алкохол и отворено кажува дека неговата сакана е лоша готвачка.

7. „Муља, неме нервирај“ („Муля, не нервируй меня“)

Генијалната актерка Фаина Раневскаја беше позната по своите афоризми и анегдоти. Меѓутоа, оваа фраза од филмот „Најденче“ („Подкидыш“), која главниот женски лик му ја кажува на својот сопруг, стана своевиден народен мим.

И до ден-денес, кога некој навистина не сака да се скара со својата поубава половина, а криво му е, може со придушен глас да извика со израз на незадоволство: „Муља, не ме нервирај!“

8. „Не ме учи како да живеам, подобро помогни ми материјално“ („Не учи меня жить, лучше помоги материально“)

Хероината од филмот „Москва не им верува на солзите“, кој доби Оскар, не ги почитува законите на пристојноста, туку го слуша своето срце и сонува како ќе ја најде својата среќа во животот.

Затоа таа бескрајно лаже, прво преправајќи се дека е ќерка на професор, а потоа некој друг, сé со надеж дека ќе запознае успешен и богат млад човек. А кога ќе ѝ префрлат дека е несериозна, таа воопшто не се возбудува, туку ја изгоавара оваа фраза.

9. „Семјон Семјонич...“ („Семен Семеныч…“)

Оваа фраза од комедијата „Дијамантска рака“ значи разочарување и е идентична со изјавата: „Па од кај сега тоа ?!“

Во принцип, кога некој ќе заборави нешто важно или ќе направи некоја очигледна глупост, може да каже развлечено: „Сееемјон Семјооонич“.

10. „Што сакаш, да ти го дадам и клучот од станот каде што лежат парите?“ („Может быть тебе дать еще ключ от квартиры, где деньги лежат?“)

Тој „клуч од станот каде што лежат парите“ е синоним за неверојатна среќа и успех. Колку би било убаво да најдеме таков клуч - само отклучуваш и си влегуваш, а таму многу ничии пари!

Оваа потсмешлива фраза ја изговара авантуристот Остап Бендер во филмот „Дванаесет столови“ на едно дете просјак кое од него бара милостина. Што се однесува до материјалната состојба, во тој момент тие беа целосно еднакви.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња