10 руски филмови кои заработија најмногу во странство

Индар Джендубаев/Bazelevs Production, Глобус, 2015
Добрите приказни се привлечни и интересни за гледачите ширум светот. Ако на тоа се додаде богат визуелен јазик и уверлива глума, добиваме интернационален хит. Овие руски филмови остварија добра заработка и ја освоија американската, европската и азиската публика.

„Сталинград“, 68 милиони долари

Првиот руски филм во формат IMAX 3D, воената драма на Фјодор Бондарчук, привлекува внимание пред сé со своите технички карактеристики.

Остварувањето за еден настан од Сталинградската битка заработи најмногу пари во поновата историја на руското кино (за 2013 година), а филмот беше одлично прифатен на пазарот во САД и Кина. Во Кина, „Сталинград“ дури заработи најмногу меѓу нехоливудските филмови и филмовите кои не се на англиски јазик (на оваа позиција беше до 2015 година).

Реакциите за филмот беа различни, но Русија го номинираше за Оскар, иако не влезе во потесниот избор.

Движење нагоре“, 60 милиони долари

Оваа спортска драма е инспирирана од настаните на XX Летни олимписки игри во Минхен во 1972 година, кога машката кошаркарска репрезентација на СССР ја победи репрезентацијата на САД во финалниот натпревар.

По неговата премиера во 2018 година, филмот беше на прво место по заработка во Русија, додека вкупно заработи 60 милиони долари. Посебно е интересен благодарение на одличната глума и фотографија.

„Ноќна стража“, 34 милиони долари   

Филмот во жанрот урбана фантастика заснован на романот на Сергеј Лукјаненко често се нарекува „првиот руски блокбастер“. Филмот на Тимур Бекмамбетов за борбата меѓу светлите и мрачните мистични сили во опкружување на модерна Москва постави рекорд во заработка во домашните кина, а потоа стана хит во Америка (1,5 милиони долари) и други земји. Ова остварување се стекна со култен статус, стана инспирација за интернет мемиња и фрази.

Режисерите Квентин Тарантино и Дени Бојл го наведоа „Ноќна стража“ како еден од нивните омилени филмови, а магазинот Empire го вклучи во листата на 100 најдобри остварувања на светската кинематографија.  

„Викинг“, 30 милиони долари

Историската драма со руски филмски ѕвезди е снимена во духот на „Игра на тронови“, а зборува за доаѓањето на власт на кнезот Владимир (го игра Данила Козловски) и примањето на христијанството во Русија. Основата на сценариото е летописот „Повест за минатите лета“.

Ова е еден од најскапите филмови во историјата на руската кинематографија. Критичарите ги пофалија импозантните воени сцени и обемот на раскажувањето, но критикуваа некои историски грешки.

„Монгол“, 26,5 милиони долари

Филмот, снимен во копродукција на Русија, Казахстан и Германија, е во режија на Сергеј Бодров. Станува збор за биографска приказна за Темуџин, подоцна познат како Џингис-кан. Приказната за војник кој станува познат владетел и војсководец беше номинирана за „Оскар“ како најдобар филм надвор од англиското говорно подрачје во 2008 година.

Блокбастерот, снимен со холивудски методи, беше прикажан во 30 земји во светот. Најмногу заработи во САД, Франција, како и во Велика Британија, Италија, Шпанија и Турција.

Некои го објаснуваат успехот на филмот со тоа што азиската култура е генерално во мода. Во исто време, имено, во кината се прикажуваа: „Мумија: Гробницата на царот на змејовите“, „Забранета империја“, „Кунг-фу панда“. Сепак, мора да се признае дека „Монгол“ е снимен квалитетно и автентично. Публиката особено позитивно ги оцени воените сцени, костимите и драматургијата.

„Снежна кралица 3: Оган и мраз“, 24,6 милиони долари

Рускиот одговор на бајката за принцезите Елса и Ана од „Леденото кралство“ е анимираниот филм „Снежна кралица 3: Оган и мраз“. Главните ликови се Кај и Герда кои пораснаа и продолжуваат да доживуваат различни авантури. Во класичната бајка на Андерсон се појавуваат нови јунаци, а заплетот е значително променет.

Приказната беше особено популарна во Кореја. Претходниот дел од франшизата - „Снежна кралица 2: Повторно замрзнување“ - заработи речиси 6 милиони долари во странство, од кои најголемиот дел во Кина.

„Хардкор“, 27 милиони долари

Научно-фантастичниот акционен филм на Иљја Најшулер е снимен на специфичен начин. Гледачите го следат дејството преку очите на главниот лик, како во компјутерска игра. Според заплетот, тој има амнезија и треба да ја спаси својата жена од банда платеници.

Светската премиера на филмот се одржа на филмскиот фестивал во Торонто, а во него играат руски и странски актери: Шарлто Копли, Данила Козловски, Хејли Бенет.

„Хардкор“ѝ се допадна многу на американската публика. Филмот вкупно заработи речиси 17 милиони долари, а најмногу во САД (9,2 милиони). На публиката ѝ се допаднаа акционите сцени, динамичниот заплет, необичниот пристап кон снимањето и глумата.

„Метро“, 15 милиони долари

„Метро“ на Антон Мегердичев е драма која им парира на холивудските филмови од истиот жанр. Според заплетот, при изградбата на метро станица, во тунелот се појавува пукнатина низ која продира вода од реката Москва. Поројот се заканува да ги удави патниците.

Филмот-катастрофа комбинира елементи на драма и трилер, некои актери страдаа од клаустрофобија на снимањето, а пет студија работеа на специјалните ефекти. Трудот на филмската екипа се исплати и филмот им се допадна на гледачите во Франција, Германија и Шпанија.

Тој е змеј“, 10,5 милиони долари

Бајковитиот филм со елементи на источна митологија „Тој е змеј“ стана вистински хит во Кина. Во филмот за кнегињата Мирослава, која за време на нејзината венчавка ја грабнува змеј, играат Марија Поежаева и Матвеј Ликов. Во основата на нетипичната љубовна приказна е романот за човекот-змеј кој по грешка граба принцеза.

Драматичните сцени, необичната природа (филмот, меѓу другото, е снимен во Бугарија) и специјалните ефекти особено им се допаднаа на гледачите во Кина. Интересно е што на графиката работеше стручњак кој претходно во рамките на студиото на Питер Џексон работеше на „Аватар“, „Кинг Конг“ и „Господарот на прстените“.

„Заштитници“, 9,7 милиони

Акциониот филм за советските суперхерои беше примен многу студено во руските кина. Но, негативните реакции на приказната која потсетува на „Одмаздници“, „Лига на правдата“ или „Фантастична четворка“ не влијаеја на меѓународната продажба на филмот. Во странство филмот заработи речиси 10 милиони долари. Најголемиот дел од заработката беше остварен во Кина, но и на Латинска Америка ѝ се допадна фантастичната приказна со човекот-мечка, невидливата жена и другите јунаци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња