На кои уметнички слики може да се види благото на Московскиот Кремљ?

Russia Beyond (Русский Музей; Музеи Московского Кремля)
Историските реликвии на руските кнезови и монарси, покрај салите на Оружејната палата каде што се чуваат, може да се видат и на уметнички слики, гравури и скулптури.

1. Пехари, шлемови, седла, футроли за пиштоли

Сликата „Иван Грозни му го покажува благото на англискиот амбасадор Хорси“ ја насликал Алексеј Литовченко врз основа на сеќавањата на дипломатот кој 1573 година пристигнал во Москва. Царот, кој веќе тешко одел, секојдневно го носеле во ризницата каде што им кажувал на дворјаните што се чувало во неа. Па дури и барал да му се донесе жезолот од рог на еднорог со дијаманти, рубини, сафири, смарагди и други скапоцени камења кои ги викал пријатели на убавината и доблеста и непријатели на порокот.

Шлемот на Александар Невски и седло арчак

Меѓу богатствата што го опкружуваат Иван Грозни може да се видат шлемот на Александар Невски, шапката на Мономах, Казанската шапка, парчиња брокат, пехари од школка од наутилус и во вид на петел, потоа седла, кадифени торби за седло, коњски амови, узенгии од турска изработка.  

Шапката на Мономах и Казанската шапка

Најинтересно е што амбасадорот Хорси речиси и да не видел некој од тие предмети, освен шапките. Сите тие биле донесени во ризницата најрано во XVII век. На сликата, инаку, тие се наредени како што биле поставени во салите на Оружејната палата во XIX век.

2. Престолот на Иван Грозни

Легендата вели дека престолот со резбани плочи кои прикажуваат сцени од животот на цар Давид, фигурите на тритони и купидоно, всушност бил дел од миразот на царицата Софија Палеолог, сопругата на Иван III. За свечените молебни во кои учествувал царот бил носен во храмовите во Кремљ. На крајот на XIX век скулпторот Марк Антокољски направил скулптура на Иван IV Грозни како седи на резбаниот престол. Изведбата била толку добра што легендата дека престолот му припаѓал токму на овој владетел едноставно никнала сама по себе.

3. Фустанот за крунисување на Екатерина Велика

Неверојатно раскошниот фустан бил дизајниран за крунисувањето на Екатерина Велика. Сребрениот брокат е украсен со двоглави орли (повеќе од 170) од свилени и златни нишки и нежна чипка Брабант. Портретите на императорката во таа одора ги насликале Стефано Торели и Виргилус Ериксен.

4. Орденот на Свети Ѓорѓи од прв степен

Високото воено признание на Русија, Орденот на Свети Ѓорѓи, е воспоставена од Екатерина Велика во 1796 година. Прв лауреат била самата царица. Тоа може да се види на нејзините портрети од Фјодор Рокотов и Александар Рослин.

Вкупно 25 луѓе биле наградени со Златен крст со ѕвезда и натпис „За служба и храброст“ пред револуцијата во 1917 година, меѓу кои се и Александар Суворов, кнезот Георгиј Потемкин и генерал-фелдмаршалот Петар Румјанцев.

5. Одората на Николај II на костимираниот бал од 1903 година.

За учесниците на величествениот бал што се одржал во Зимскиот дворец им била шиена облека во руски стил. Директорот на Ермитаж Иван Всеволошки и сликарот Евгениј Пономарјов креирале за Николај II одежда слична на онаа што ја носел царот Алексеј Михајлович. Германската фабрика „Дондорф“ печатела карти за играње во 1911 година, инспирирана од изгледот на учесниците на балот. Последниот руски цар е прикажан како крал срце.

6. Шлем од времето на Дмитриј Донски

Конусновидниот челичен шлем, украсен со претстави на Христос, Богородица, Јован Претеча, Свети Никола и ангели, бил изработен од московски и грчки мајстори во втората половина на XIV век. Најверојатно му припаѓал на некој од големите кнезови, бидејќи обичните шлемови не биле украсувани така. Токму овој шлем на главата го има Добриња Никитич на сликата „Богатири“ на Виктор Васнецов.

7. Колимага (кочија)

Затворената кочија со четири седишта и прозорчиња обложени со смарагдно кадифе, му припаѓале на брајанскиот старешина Франциск Лесноволски, а потоа и на болјарот Никита Иванович Романов, роднина на Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови. Богато украсената кочија може да се види на сликата на Василиј Суриков Утро пред погубувањето на стрелците“.

8. Парадниот шлем на царот Михаил Фјодорович

Веројатно најпознатиот шлем во руската историја. Многу е лесно да го препознаете. Прикажан е на Големиот грб на Руската империја, на грбовите на принцовите и великите кнезови, на орденот „Александар Невски“. Токму со тој шлем Невски е прикажан на сликата на Павел Корин, како и на мозаикот на метро-станицата „Комсомолскаја“. Всушност, шлемот, или поточно ерихонската шапка, му припаѓала на царот Михаил Фјодорович. А го изработил и украсил со златни орнаменти, скапоцени камења и релјефни прикази на архангел Михаил  дворскиот оружар Никита Давидов.

9. Двете шапки на Мономах

Кога во 1682 година умрел царот Фјодор Алексеевич, кој немал деца, поради болјарските интриги, рускиот престол привремено го делеле неговите двајца помлади браќа - Иван и Петар. За двојното крунисување требало да се набават и двојни царски круни. На Иван Алексеевич како на постар му припаднала шапката на Мономах, а за Петар Алексеевич била изработена шапка на Мономах која не спаѓала во реликвиите за најважните и најсвечените пригоди. Украсена е со филигранска техника во злато, спинел и смарагд, додека на врвот има крст со бисери. Сликарот Карл Брож за албумот „Крунисување на руските цареви“ ги насликал двајцата принцови во моментот на нивното крунисување.

10. Круната на Ана Ивановна

На сведоците на крунисувањето на императорката Ана Ивановна им било тешко да поверуваат дека подготовките за церемонијата траеле само неколку месеци. За тоа време мајсторите успеале да сошијат фустан од француски брокат и да направат две круни, едната за крунисувањето, а другата за свечени приеми. Императорската круна е украсена со две и пол илјади дијаманти, рубини и турмалини. Дворскиот уметник Луј Каравак ја насликал Ана Ивановна во сиот нејзин сјај, во фустан што се прелевал во сребрени тонови и наметка со крзно од хермелин, додека на главата ѝ блескака круна.

11. Чизмите со високи сари на Петар Велики

Царот не само што успевал да управува со земјата и да „отвори прозорец кон Европа“, туку и самиот си ги правел обувките. На пример, си шиел чизми со високи сари во холандски стил. Таквите обувки се носеле преку чизми од крзно. Сарите биле високи речиси 90 сантиметри, а штиклата 7,5. Петар Велики честопати е прикажуван на портретите во овие чизми, како што е случајот, на пример, со сликата на Петар Дрождин и Алексеј Антропов.

12. Бармите на царот Алексеј Михајлович

Од сите симболи на царската власт, бармите биле најраскошни. Широката кружна јака украсена со претстави на светци и скапоцени камења била единствениот симбол на моќ што не се наследувал. Новиот монарх морал да има своја варијанта. За царот Алексеј Михајлович ја изработиле истанбулски мајстори, седум медалјони обложени со рубини, дијаманти и смарагди со ликовите на Богородица, Свети Константин и Елена, Василиј Велики и светиот воин Меркур. На еден од најпознатите портрети на императорот, насликан од мајстор на Оружејната палата, Алексеј Михајлович е прикажан во свечена облека, со топка со крст (держава) и жезол во рацете, додека неговите раменици се украсени со скапи барми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња