Дваесет ремек-дела на Дијамансткиот фонд на московскиот Кремљ

Гохран России
Тука се чуваат делата од јувелирска уметност, скапоцени камења, најголемите пронајдени блага и грутки злато, инсигнии за крунисување на царевите и сите украсни предмети кои имаат особено значење за историјата на Русија.

Во Русија уште од Петар Први се евидентираат и се чуваат скапоцености. Во посебен фонд за благородни метали и скапоцени камења се издвојувале инсигниите за крунисувањето на царевите, накитот на припадниците на царското семејство и различни јувелирски украси од ретки камења, брилијанти, злато и сребро, како и уникатни скапоцености и злато.

Во 1920 година болшевиците ја основалe Државната ризница за скапоцености („Гохран“), каде покрај царската ризница се чуваат и национализираните јувелирски ремек-дела што им припаѓале на благородниците и на спаиите. „Гохран“ сѐ уште постои и во својата колекција на јувелирска и каменорезечка уметност редовно додава современи изработки. Најважните ремек-дела од оваа збирка се изложени во Дијамантскиот фонд на Кремљ. Ви подготвивме преглед на највпечатливите експонати.

1. Големата императорска круна

Дворскиот јувелир Георг Фридрих Екарт и мајсторот за обработка на дијаманти Жереми Позје за само два месеци го направиле ова ремек-дело, создадено за крунисувањето на Екатерина Втора во 1762 година. Главната инсигнија на Руската Империја ја красат 75 бисери и 4.936 брилијанти, а на врвот е украсена со редок црвен рубин од речиси 400 карати.

2. Малата императорска круна

Обично за време на крунисувањата императорот ја ставал оваа круна на главата на својата сопруга. Имало неколку слични круни. Определен број болшевиците продале на Запад. Научниците претпоставуваат дека овој примерок е направен во 1801 година за сопругата на императорот Александар Први Елизавета Алексеевна. Круната има 48 крупни и 200 ситни брилијанти.

3. Жезол

Жезлото е еден од најважните симболи на царската власт. Овој златен жезол е долг речиси 60 сантиметри. Го има направено Леополд Пфистерер во 1762 година по нарачка на Екатерина Велика. Посебно е вреден поради легендарниот дијамант „Орлов“ од 189,6 карати. Го купил во 1774 година и ѝ го подарил на императорката нејзиниот миленик, грофот Георгиј Орлов.

4. Держава

И ова е мошне важна царска инсигнија. Таа е симбол на Царството Небесно. Јувелирот Екарт ја има направено за крунисувањето на Екатерина Втора. Украсена е со цејлонски сафир од речиси 200 карати.

5. Орденот на Светиот апостол Андреј Первозвани

Овој орден до Револуцијата од 1917 година бил најголемата државна награда на Руската Империја. Го вовел уште Петар Први.

Орденот е во облик на кос крст со светлосина боја со фигура на распнатиот свети Андреј Првозвани. Околу крстот од брилијанти прикажан е грбот на Руската држава – двоглавиот орел под императорската круна.

За крунисувањето на Екатерина Велика направени сe брилијантски синџир, знак и ѕвезда на Орденот на Свети Андреј Првозвани, кои подоцна ги ставале на себе руските императори на денот на устоличувањето.

6. Брилијантскиот „Голем букет“

Во Русија осумнаесеттиот век се доживува како век на брилијантите. На тронот имаше неколку императорки и нивниот накит се состоеше од вистински ремек-дела на јувелирската уметност. „Големиот букет“ бил украс на свечениот фустан на императорката Елизавета Петровна. Композицијата цветни брилијанти е составенa од цветови дива ружа, ирис, нарцис и различник. Лисјето е направено од смарагди.

7. Брилијантски порт-букет

Порт-букетот од 1770 година е женски еквивалент на машкиот цветен украс на реверот. Тоа е помала футрола за цвеќе која со шпенадла се прицврстува на фустанот. Во оваа минијатурна „ваза“ може да се стави дури и вода. Околу златните стебла покриени со емајл се извива брилијантска лента заврзана во машна.

8. Брош со колумбиски смарагд

Ова е единствениот камен кој има историско значење. Станува збор за густ зелен колумбиски смарагд со блага синкаста нијанса од 136,25 карати. Каменот во брилијантска рамка од лисја винова лоза го украсува брошот од втората четвртина на 19 век. Ѝ припаѓал на великата кнегиња Александра Јосифовна, сопруга на синот на царот Николај Први.

9. Дијадемата на Марија Фјодоровна

„Руска тијара“ – вака на Запад ги нарекуваа сличните дијадеми во облик на кокошник. Тие на рускиот двор непрекинато биле во мода од почетокот на 19 до почетокот на 20 век. Оваа тијара ѝ припаѓала на Марија Фјодоровна, сопругата на императорот Павел Први. Најголемата скапоценост на тијарата е виолетовиот брилијант од 13,35 карати.

10. Белегзија со портретен дијамант

Оваа златна нараквица во готски стил со смарагди и емајл направена е во Франција во 1820 година и е вистинско ремек-дело на јувелирската уметност. Минијатурата со ликот на императорот Александар Први е направена на слонова коска. На врвот има дијамант од 27 карати. Ова е најголемиот портретен дијамант на светот.

11. Орденот „Победа“

Највисокиот воен орден на СССР е воведен во 1943 година. Го имаат добиено само 17 лица, вклучително и страни војсководци на сојузничките единици. Орденот е направен од платина и од злато. Ѕвездата од рубин е обвиена со брилијанти, а на светлосината емајлирана позадина прикажани се бедемите на Кремљ со Мавзолејот на Ленин и Спаската кула. Натписите „Победа“ и „СССР“ се од бел емајл.

12. Ѕвездата на маршалот на Советскиот Сојуз

Овој почесен знак се доделувал на маршалите и на адмиралите на Советскиот Сојуз. Петокраката е од платина и од злато, инкрустрирана со пет тркалезни брилијанти. Во центарот има композиција од брилијанти во облик на советската петокрака. Оваа „маршалска“ ѕвезда е прикажана дури и на поштенска марка на СССР.

13. Уралски смарагди

Во Русија се ископува големо количество различни скапоцени камења и скапоцености. Во Дијамантскиот фонд застапени се и кристали на спинел, топаз, лазурит и јаспис. Особено се ценат уралските наоѓалишта на смарагди. Две грутки тешки околу еден килограм се пронајдени некаде околу 1969 и 1978 година.

14. Дијамантот „26 конгрес на КПСС“

Во Дијамантскиот фонд постои колекција дијаманти посветени на конкретни настани. Меѓу нив најголем (ова е воедно и најголемиот јувелирски дијамант во Русија) е овој дијамант со боја на лимон од 342,57 карати. Пронајден е во 1980 година во кимберлитната јама „Мир“. Го има добиено називот „26 конгрес на КПСС' во чест на конгресот кој е одржан во 1981 година.

15. Грутката злато „Камила“

На Урал во 1745 година откриено е мошне богато наоѓалиште на злато, и во текот на следниот 19 век Русија станала една од водечките земји по количеството експлоатирано злато. Скапоцените примероци најчесто се претопувале, но некои, особено интересни, се оставале за проучување. Во Дијамантскиот фонд се чуваат повеќе од сто грутки со најнеобични облици (на пример „Мефисто“ и „Зајачки уши“). Грутката злато „Камила“ е тешка 9.3 килограми и е пронајдена во 1947 година на Колимското наоѓалиште.

16. Грутката платина „Вилица“

Грутките платина прилично ретко се среќаваат во природата. Дијамантскиот фонд поседува крајно ретки примероци. Еден е од најголемите е „Уралскиот џин“ тежок 7.8 килограми, кој однадвор повеќе личи на обичен камен. А, оваа грутка со необичен облик потсетува на вилица и е тешка 4,7 килограми. Пронајдена е на Урал во првата половина од 19 век.

17. Приврзок со малинова боја од виолетов турмалин

Овој турмалин во облик на јагода или на грозд од 1777 година на Екатерина Велика ѝ го подарил шведскиот крал Густав Трети. Оваа скапоценост има 260,86 карати и големина од 4 х 2,7 х 2,3 сантиметри. Зелените лисја од емајл на златната позадина се во хармоничен контраст со неговата необична боја. Земјата на потекло на овој минерал е најверојатно Мјанмар, од каде пропатувал низ многу ризници на европски владетели сѐ дури Швеѓаните не го заплениле во Прага во 1648 година.

18. Брилијантскиот брош „Ружа“

Во 1965 година при „Гохрана“ отворена е првата експериментална лабораторија на јувелирска уметност. Екипа од петмина мајстори работела на реставрацијата на ретки експонати од Дијамантскиот фонд, од круни до советски признанија. Јувелирите Виктор Николаев и Генадиј Алексахин во 1970 година од 1.500 јакутски брилијанти го направиле брошот „Ружа“ со мошне комплицирана конструкција. Биле инспирирани од фотографија со сличен брош кој ѝ припаѓал на последната руска царица Александра Фјодоровна.

19. Дијадемата „Руска убавица“

Оваа дијадема од платина, злато, брилијанти и 25 крупни бисери исто така има свој историски прототип. Слична тијара во облик на кокошник во 1841 година нарачал императорот Николај Први за својата сопруга Александра Фјодоровна. Дијадемата по револуцијата е продадена во странство и денес најверојатно се наоѓа на Филипините. Јувелирите од Дијамантскиот фонд во 1987 година направија иста таква дијадема. Автор на оригиналот е Карл Болин.

20. Карта на Русија од дијаманти

Оваа карта на Русија е направена така што нејзината цела територија е посипана со дијаманти. Со црвен рубин со корунд е обележана Москва. Уралските планини се прикажани со зелени кристали, додека со црн дијамант е означен градот Мирни, престолнината на руската индустрија на дијаманти. Со посебен кристал обележано е Архангељското наоѓалиште.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња