- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Традиционално, рускиот православен крст има шест или осум краци. Се состои од една вертикална и една или две хоризонтални пречки во горниот дел. На долниот дел од вертикалата има уште една дијагонална пречка на која, според толкувањето, се потпирале Христовите стапала. Ја симболизира вагата што ги мери човечките гревови.
- Повеќе за рускиот крст дознајте овде.
Вакви крстови со повеќе краци се среќаваат уште од VI век во Византија, од каде Стара Русија го примила христијанството заедно со неговите симболи. За време на Иван Грозни крстовите со повеќе краци станале доминантни. Тој бил првиот руски кнез кој се прогласил за цар и му било важно да ја нагласи поврзаноста на неговата власт со Византија.
До XVI век во Стара Русија можеле да се видат различни крстови. На пример, во Велики Новгород се среќавале крстови испишани во круг. Тие личеле на „келтскиот“ крст и потекнувале од Византија. Кругот го означувал ореолот на светецот или круната од трње.
Имало и крстови на кои наместо долната пречка имало нешто што наликувало на полумесечина.
Што значи христијанската полумесечина?
Денес полумесечината е нераскинливо поврзана со исламот како еден од главните симболи на оваа религија.
Но, христијанската полумесечина нема никаква врска со исламот. Се користела уште во VI век во христијанска Византија и била еден од симболите на Константинопол. Според една верзија, овој симбол бил преземен од Отоманската империја откако Турците го освоиле градот.
Според едно толкување, крстот со полумесечината симболизира сидро. Имено, во посланието на апостол Павле се вели дека „Крстот“ за душата на христијанинот претставува надеж, „сидро на душата, цврсто и сигурно“. Додека храмот е брод кој им помага на верниците да стигнат до Царството Небесно.
Но, крстот не е само распнувањето, дури и пред христијанството тоа бил широко распространет симбол на сонцето. „Комбинацијата на крстот и полумесечината во целина се вклопува во космолошката симболика од паганско потекло: крстот и полумесечината ги симболизираат сонцето и месечината“, пишува Борис Успенски во книгата „Соларно-лунарната симболика во формата на рускиот храм“. „Меѓутоа, во исто време и двата од овие симболи“, продолжува Успенски, „имаат друго, христијанско значење: крстот на очигледен начин го претставува Христос, додека месечината во христијанската традиција ја симболизира Богородица“.
Тоа го потврдува и пасус од Откровението на Јован Богослов: „И се појави голем знак на небото: жена облечена во сонце, и месечина под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди“. Месечината, исто така, често се сретнува на иконите на кои е прикажана Богородица.
Како уште е користена месечината во православието
Полумесечината е исто така важен симбол на Христовото раѓање. Се чини дека го повторува обликот на јаслите, лулката во која лежел новородениот Исус во Витлеем. Затоа путирот за причест и крстилницата, на пример, имаат полукружен облик.
Но, полумесечината во православието има и поинаква примена. Полукружниот облик на иконите го претставува ореолот на светецот. На скапоцените ризи на иконите може да се најде и елемент наречен „цата“. Тоа е посебен украс во вид на полумесечина или двојна полумесечина декоративно обрабена која се става под градите на Христос, Богородица, Света Троица и некои други особено почитувани светци (Св. Јован Крстител или Св. Никола, за пример). На фотографијата подолу можете да го видите ореолот во вид на венец од ризата на иконата и „цатата“ што се наоѓала на градите на светецот.