- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Пролет во улицата „Заречнаја“ (1956)
Ова беше еден од најпопуларните советски филмови од 1930-тите кој во кино го гледаа 30 милиони луѓе. Всушност, се доживуваше како химна на новиот советски повоен начин на живот. Романтичната мелодрама ја раскажува приказната за млада учителка коај е испратена во индустриски град да ги едуцира работниците од локалната фабрика. Таму запознава симпатичен, но непослушен ученик. Бидејќи и двајцата се горди и независни луѓе, не можат едноставно да бидат заедно, туку се борат со комплицираните чувства и односи.
2. Жеравите летаат (1957)
Една двојка млади луѓе лудо вљубени еден во друг шетаат цела ноќ низ Москва до изгрејсонце. Меѓутоа, утрото излегува дека нацистите го нападнале СССР и дека започнала Втората светска војна. Девојката останува во Москва, а нејзиниот љубовник заминува на фронтот...
Ова се смета за еден од најромантичните и, во исто време, најдраматичните советски филмови. И еден од ретките филмови за војна кој не содржи никакви воени сцени. Во режија на Михаил Калатозов, тоа беше единствениот советски и руски филм што некогаш ја освоил главната награда на Канскиот филмски фестивал - Златната палма.
3. Алови едра (1961)
Прекрасна бајка која заслужува да биде анимирана од „Дизни“! Ова е адаптација на големото платно на истоимениот авантуристички роман на советскиот писател Александар Грин. Ќерката на пензиониран морнар која живее покрај море (во измислена земја) на другите им изгледа малку чудно. Откако ќе слушне пророштво на еден стар волшебник, почнува да верува дека еден ден ќе дојде принц со брод со алови едра и ќе ја одведе. На крајот, приказната докажува дека желбите секако можат да се остварат!
4. Хусарска балада (1962)
Ова е сјаен мјузикл за војната од 1812 година, во која Наполеон ја нападнал Русија. Седумнаесетгодишна девојка не сака да биде само безделник, па се облекува како хусар и оди во војна. Примена е во хусарскиот полк и никој не се сомнева дека е девојка. Но, во исто време, таа се вљубува во убав и храбар хусар.
5. Иронија на судбината (1976)
Овој филм е најпознат како омилен новогодишен филм во Русија и се прикажува на ТВ секој 31 декември. Но, и покрај лукавиот заплет кој се одвива во новогодишната ноќ, тоа е исто така многу романтична комедија. Еден ерген на средни 30 години кој живее со својата мајка, се опива со пријателите во јавна бања. Потоа случајно го качуваат на авион кој лета од Москва за Ленинград. Со оглед на тоа што советските предградија на овие градови се многу слични по изглед, тој ја наоѓа истата улица и зграда - па дури и успева со своите клучеви да отклучи и да влезе. Но, што се случува кога ќе се појави вистинската сопственичка на станот?
6. Канцелариска романса (1977)
Интровертен канцелариски работник сонува за напредување во кариерата, но не покажува добри резултати. Тогаш еден стар пријател го советува да почне да флертува со својата шефица. Првично сметајќи ја за стара и грда, тој одеднаш гледа дека е многу помлада - и поубава... Како ќе заврши оваа канцелариска романса? Покрај тоа, ова е многу забавна комедија!
7. Москва не им верува на солзите (1980)
Овој филм награден со Оскар зборува за млада девојка од провинција која оди во Москва и наоѓа работа во фабрика. Но, таа сонува за голема кариера. Откако случајно ќе забремени и ќе биде оставена од нејзиното момче, таа продолжува напорно да работи и да учи - и всушност успева да стане успешна. Но, што е со љубовта?
8. Љубов и лаги (1981)
Ова е мелодрама за средношколка по име Катја, која започнува да излегува со момче по име Рома во новото училиште во кое неодамна се префрлила. Другите соученици ја исмејуваат нивната врска, додека нивните родители се против оваа млада љубов и се обидуваат да ја раскинат. Но, ништо не може да застане на патот на вистинската љубов, нели?
9. Станица за двајца (1983)
Пијанист патува низ Советскиот Сојуз со воз. За време на долгото запирање на станица во еден мал град, тој оди во ресторан на ручек. Храната е ужасна и тој одбива да плати, но келнерката не го пушта. Додека се расправа со неа, пијанистот го пропушта возот. Така, тој е принуден да остане на железничката станица два дена додека да пристигнат следните возови - и на крајот станува многу близок токму со таа келнерка…
10. Љубов и гулаби (1985)
Хит на советските кино-благајни, ова е сè уште еден од најпопуларните филмови меѓу Русите денес, а репликите од него одамна станаа секојдневни фрази. Човек кој живее во мало село е голем сонувач. Тој троши многу пари и време на своите миленици гулаби, додека сопругата постојано му вика. Еден ден тој решава да оди сам на одмор и запознава една интересна градска дама. Но, дали имаат нешто заедничко?