- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
1. Во паркот се зачувани остатоци од средновековната престолнина
Името „Зарјадје“ значи дека оваа област, која се протега зад Кремљ, помеѓу реките Москва и Варварка, се наоѓа „зад редот дуќани“ (руски: „за рядами“) каде што тргувало од XII век. Од XV век, Зарјадје се третира како многу престижен дел од градот. Тука е роден Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови. Во паркот и денес можете да ја посетите лулката на царската династија, т.е. Куќата на болјарите од семејството Романови, инаку едно од најстарите зданија во Москва.
Зарјадје, а со него и целото подрачје на Китај-город, неколку векови било опашано со камен ѕид. Изграден е во XVI век за заштита од непријателски напади, а го граделе истите мајстори кои го изградиле Кремљ. Ѕидините на Китај-город биле долги 2,6 километри и дебели 6 метри. Урнисаниот бедем е срушен во ХХ век, зачувани се само неколку сегменти од старото утврдување. Еден од нив се наоѓа во Подземниот музеј на „Зарјадје“.
2. На местото на паркот била планирана изградба на сталински облакодер
Локацијата до Кремљ не им даваше мир на советските архитекти. Им се чинеше дека тоа е идеално место за супермодерна зграда, која ќе ги замени старите градски згради и ќе се издигне над реката Москва.
Дали облакодерот треба да биде на местото на старите куќи? Зошто да не. Во текот на 1940-тите московските власти дојдоа до заклучок дека Зарјадје претставува совршена локација за административна зграда од 33 ката, т.е. за осмиот сталински облакодер во Москва. Изградбата започна во 1947 година, но проектот беше прекинат по смртта на Сталин. На крај на тоа место беше изграден хотелот „Русија“, за кој кон крајот на 1960-тите се зборуваше дека е најголемиот на светот.
3. Стана најмодерен парк во Русија
Во 2017 година на местото на хотелот „Русија“ се појави модерен парк, во кој градските објекти хармонично се вклопуваат во природниот пејзаж. Изграден е според проектот на американските бироа Diller Scofidio + Renfro и Hargreaves Associates и московската компанија Citymakers.
„Зарјадје“ е најмодерниот парк во земјава. На пример, во медиумскиот комплекс „Лет“ („Полет“) можете виртуелно да патувате низ Русија и да ги видите нејзините планини, езера и шуми од птичја перспектива. А со сладолед и кафе овде ќе ве послужат и ќе ви ги наплатат келнери-роботи.
Шетајќи по алеите и терасите на паркот, можете делумно да се запознаете со природата на Русија, бидејќи во нив се претставени преку 120 видови растенија од различни делови на земјата: од тундрата и тајгата, до мочуриштата и степите. Во „Зарјадје“ речиси и да нема градска врева, свири тивка музика и практично од секое место се протега фантастичен поглед на стара Москва.
4. Единствен објект во Русија на листата на магазинот „Тајм“
Московскиот парк е единствениот руски објект кој во 2018 година магазинот „Тајм“ го стави на својата листа на 100 најдобри места на светот. Изданието наведува дека за прв пат по половина век во руската престолнина се појавил нов јавен простор.
5. Паркот има изложбени сали и музеи
Во Зарјадје има неколку музеи, а меѓу нив се древните одаи на Стариот англиски дворец (таму се наоѓало првото странско претставништво во Московското кнежевство) и одаите на болјарите од семејството Романови со експозиција за историјата на болјарството во XV и XVI век. Во Подземниот музеј, изложбениот салон на Медиа центарот и во Паркинг галеријата се одржуваат изложби на современата уметност.
6. Најдобро место за фотографирање
Главната атракција на паркот „Зарјадје“ е Лебдечкиот мост, кој изгледа како да лебди во воздухот над реката Москва. Нуди прекрасен поглед на Кремљ, Москворецкиот и Раушкиот кеј, Големиот московорецки мост и облакодерот на Котељничкиот кеј. Овде секогаш е преполно затоа што секој сака да има фотографија со автентичен амбиент и поглед на главниот град на Русија.
7. Во паркот е реконструирана ледена пештера
Александар Пономарјов специјално за „Зарјадје“ направи уметничка инсталација од закривени цевки долги 14 метри, во кои се замрзнати 70 тони вода. Оваа пештера е „простор на вечната зима“ каде што ќе имате чувство дека се наоѓате некаде на крајниот север на Русија.
8. Можете на најбрз начин да ја пропатувате Русија
Дали сте заинтересирани за најбрзиот начин да ја пропатувате Русија? Тогаш би требало да го посетите „Флорариумот“, футуристичка аеропонска оранжерија во која растенијата растат без вода или почва. Дури и не изгледа на обичен арборетум (збирка на дрвја и грмушки), туку се извртува во спирала. Има над 300 растителни видови од сите региони на Русија сместени во 89 специјални боксови со растенија. Целата рута низ „Флорариумот“ е долга само 49,5 метри и официјално се смета за најкратката варијанта за патување низ Русија.
9. Овде се наоѓа најсовремената концертна сала во Русија
Во „Зарјадје“ можете да се шетате, а може и да слушате музика. Концертната сала изгледа како кутија од кристал. Покриена е со „стаклена кора“, така што дневната светлина продира низ проѕирните ѕидови, а навечер ја претвора зградата во огромен светликав кристал. Акустиката на салата ја проектираше познатиот јапонски инженер Јасухиса Тојота, автор на слични проекти за концертните сали на Мариинскиот театар, Елбската филхармонија во Хамбург и салата „Волт Дизни“ во Лос Анџелес. Концертната сала ја отвори уметничкиот раководител на Мариинскиот театар Валериј Гергиев.
10. Можете да гледате филмови во формат од 360 степени
Друга интересна работа во „Зарјадје“ е киното во кое се прикажуваат филмови во формат од 360 степени. Во него нема седишта и за време на проекцијата можете да се шетате и да изберете поефикасен агол на гледање. Гледачите чувствуваат како дува ветер, чувствуваат различни мириси и целосно се препуштаат на дејството на филмот. На пример, овде можете да одите во вселената со Јуриј Гагарин, бидејќи медиумските уметници Јан Калнберзин и Евгениј Афонин создадоа видеосеквенца што создава впечаток на патување низ вселената.