- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Без маж или брат
Зад грбот на непознатата убавица во отворената кочија лесно се препознава Александринскиот театар и контурите на Аничковиот дворец во Петербург.
Современиците на Крамској, само кога набрзина би ја погледнале сликата од 1883 година, веднаш би помислиле со незадоволство: ова е скандалозна ситуација - млада жена седи сама во кочија, без машка придружба. Имено, во тоа време тоа било нечуено! Самостојно излегување во свет за една дама било речиси невозможно: таа секогаш била придружувана од нејзиниот татко, сопруг, брат или роднина.
Облечена по последна мода
Непозната како да го облекла најдоброто за една пригода: кадифена шапка „Франциск“ со ноево перо и бисери, фино изработени кожни ракавици (кои се нарекувале „шведски“) и капут од кројот „Скобелев“ со украсни ленти порабен со крзно. Можеби ќе ви се стори дека тоа е едноставно приказ на „тренди изглед“ каде се искомбинирани сите најпопуларни работи во сезоната. Но, така можеле да се облекуваат само дами со сомнителна репутација. Меѓу аристократите се сметало за невкусно да се носи облека по последна мода. Критичарите од тоа време не се двоумеле да ја наречат хероината на сликата „куртизана во кочија“, „производ на големите градови“, „скапа камелија“.
Љубовница на царот или ќерка на сликарот?
Постојат многу верзии за тоа кого всушност прикажал сликарот, од такви кои звучат уверливо до целосно фантастични. Најчестата претпоставка е дека како модел на Крамској му послужила скапа проститутка, на што укажува погледот на Аничковиот дворец покрај кој на Александринскиот плоштад се собирале дами со сомнителен морал.
Други верзии ја поврзуваат непознатата со царската династија Романови. Можеби на портретот е прикажана сестрата на генерал Скобелев, Зинаида Богарне.
Имено, војвотката од Лајхтенберг имала афера со великиот кнез Алексеј Александрович. Или кнегињата Екатерина Долгорукова, миленичка и нерамноправна сопруга на Александар II. Тие не се плашеле да ги прекршат правилата на пристојноста и понекогаш излегувал да се возат во кочија без придружба. Можеби непознатата била кнегињата Варвара Туркестанова, дворска дама на царицата Марија Фјодоровна и љубовница на Александар I.
Има и помалку популарни и сосем реални верзии. На пример, дека убавицата на платното е ќерката на Иван Крамској, Софија. Или, од друга страна, Матрјона Савишна Бестужева. Имено, кнезот Бестужев бил лудо вљубен во собарката на својата тетка и добил дозвола да стапи во тој нерамноправен брак.
Носи несреќа
За платното на Крамској се поврзани бројни легенди. Една од нив тврди дека сликата носи несреќа. Прв го почувствувал тоа лично сликарот. И покрај очекувањата, Павел Третјаков не ја откупил „Непознатата“ за својата колекција.
Сопствениците на сликата ги следела несреќа: пијанство, жената побегнала со љубовникот, пожар во кој останало неоштетено само платното на Крамској. Нејзини последни сопственици беа сопственикот на фабриката за шеќер Павел Харитоненко и неговата сопруга Вера. Во 1917 година нивната вила во Москва беше национализирана заедно со колекцијата слики. Така, во 1925 година „Непознатата“ сепак се најде во Третјаковската галерија.