8 начини да се победи мамурлакот (Русите ги тестираа на себе)

Russia Beyond (Photo: timnewman/Getty Images, t_kimura/Getty Images, Say-Cheese/Getty Images, Hanna_Alandi/Getty Images)
Постои начин да го избегнете мамурлакот наутро по непроспиената ноќ. Тоа е да НЕ пиете воопшто. Но, ако сте пиеле, не очајувајте! Русите имаат решение.

Одрекување од одговорност: порталот Russia Beyond не поддржува прекумерна употреба на алкохол и пред да ги пробате овие методи на лекување мамурлак консултирајте се со вашиот лекар.

Првото и основно правило е да пиете умерено. Дури и ако сакате да се „убиете“, секогаш имајте на ум дека ниту еден момент на радост не вреди колку вашето здравје и уништено утре. Но, ако веќе пиете, тогаш не би било лошо да следите неколку правила во текот на процесот за да си го олесните сопственото „утре“.

1. Не мешајте пијалаци, а ако ги мешате, тогаш во Русија важи правилото дека секој нареден треба да биде посилен од претходниот

„Големиот Гетсби“ (The Great Gatsby, 2013)

Коктелите се фино нешто, но многу е поголема веројатноста дека ќе ви предизвикаат главоболка и мамурлак! Подобро е да изберете еден вид на пијалак и да го консумирате цела вечер, и секако не е добро да се префрлите на друг или трет вид. Но, ако се префрлате и сте почнале со вино, тогаш не треба да завршувате со пиво. И обратно. Во случај сепак да го менувате пијалакот, важно е следниот да не биде послаб од претходниот. Русите не препорачуваат да се префрлите од вотка на пиво, иако честопати самите го забораваат тоа правило и страдаат поради тоа.

2. Активен јаглен

Секој човек што сака да се развесели знае дека мамурлакот може да се избегне доколку се направат навремени подготовки, по можност пред консумацијата. Русите користат активен јаглен, кој е природен апсорбент. На некои места во странство нема активен јаглен, па Русите кои живеат во такви земји секогаш носат од Русија големи количини од овој лек против труење и лошо варење. Според тоа, голтањето неколку таблети пред почетокот на забавата е спасоносен ритуал на секој „професионалец“. Ако некој заборави да го изврши ритуалот пред консумирањето, може да го направи потоа, пред спиење. Денес постојат помодерните средства „Полисорб“ и „Ентеросгел“, но стариот добар активен јаглен е проверена работа (и чини многу помалку).

3. Вода со лимон

Пожелно е да се погрижите за себе на време и пред спиење да ставите до креветот чаша вода со лимон. Напитокот е едноставен, но добро ќе му се најде на дехидрираниот организам наутро и брзо ќе го „стартува“ од раните зори. А уште подобро ќе биде ако се најде и шише кисела вода.

4. Вода од туршија

„Особини на националниот лов“ („Особенности национальной охоты“, 1995)

Секому нема да му текне да ја пие водата од туршијата, на пример, директно од тегла со кисели краставички. Но, кога Русинот е мамурен, кога му пука главата или му се врти, си дава себеси збор „никогаш повеќе нема да пијам“ по којзнае кој пат, а неговата рака самата го отвора фрижидерот и ја фаќа теглата со кисели краставички.

Тоа е традиција која речиси генетски се пренесува од колено на колено, но има и свое практично објаснување. Солената вода му помага на организмот да не дехидрира, да ја задржи водата и да ја воспостави рамнотежата на електролитите. Затоа маратонците за време на трката користат таблети со сол. Покрај тоа, во процесот на ферментација на зеленчукот, се појавуваат многу витамини и сите тие исто така му помагаат на организмот да се опорави.

5. Супа против мамурлак

„Москва не им верува на солзите“ („Москва слезам не верит“)

За некого утрото почнува со кафе, а за мамурниот човек со супа. Секоја грижлива жена му готви пилешка супа на својот сопруг наутро по веселбата. Масниот булјон и тестенините се спас во случај на мамурлак, бидејќи ја нормализираат работата на желудникот.

Ќе биде уште подобро ако се зготви погуста чорба, на пример, боршч, сољанка или густа чорба од грашок со суво месо. Но, тука демне нова опасност. Заедно со густата чорба со месо, Русинот махинално посегнува по чашката, колку да си го прочисти грлото!

6. Прошетка на свеж воздух

„Мамурлак“ (The Hangover)

За конечно да се опоравите, соберете сили и излезете надвор. Дури и ако времето е лошо, дури и ако има надвор е мраз. Движењето на свеж воздух ја подобрува циркулацијата и му дава на телото кислород. Но, и тука не треба да претерувате бидејќи претераната физичка активност (трчање, скијање, лизгање и сл.) во состојба на мамурлак може да биде штетна за срцето.

7. Екстремен бонус за оние најхрабрите – руска парна бања

„Иронија на судбината“

Лекарите сигурно не би го одобриле овој метод, но Русите не се плашат од никого и од ништо. Некои намерно пијат навечер за да одат во „бања“ (руска парна бања) наутро. Високите температури можат да бидат сериозно оптоварување за организмот, но на Русите им се допаѓа кога мамурлакот ќе им излезе „преку потта“. Тие веруваат дека на тој начин телото се ослободува од митските токсини и од сé што е „штетно“.

8. Најекстремниот начин, ако ништо друго не помага

„Кавкаска пленица“ или „Новите авантури на Шурик“

Ако сте пробале сè, а главата сè уште ве боли, чувствувате непријатност и мачнина во стомакот, а немир во душата, тогаш нема друга опција - треба да прибегнете кон крајната мерка, а тоа е пивото! Русите често го пијат во парна бања, што е дури и екстремно.

Многу искусни љубители на добрата капка истакнуваат дека дури и една чаша од овој магичен пијалак „крева од мртвите“ и „го разубавува животот“. Тој метод, меѓутоа, е прилично опасен, бидејќи кој ќе застане на една чаша? И така се создава маѓепсан круг, а ние не одобруваме прекумерно консумирање алкохол и пијанство! Бидете претпазливи!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња