- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Утринските новогодишни прослави во градинките и во училиштата беа најомилениот празник на советските деца. Тие долго се подготвуваа за тој ден, учеа стихови напамет, песни и танци, а понекогаш се поставуваа и цели претстави. Беше вообичаено децата на „елка“ (така се нарекува таквата претстава) да дојдат облечени како за на маскенбал.

Уљјановски регионален локален музеј „И. А. Гончаров“
Обично родителите ја играа улогата на костимограф. Многу малку родители можеа да купат костими во продавницата „Детски мир“, поголемиот дел мораа самите да се снаоѓаат, така што сѐ зависеше од нивната инвентивност и креативност.
Снегулки и зајчиња

Државен историско-локален музеј во Омск
Најпопуларна варијанта беше девојче-снегулка во двојка со момче-зајче. Не е јасно како настанал овој обичај. Може да се претпостави дека причината е во едноставноста на кројот, со оглед на тоа што родителите со бабите и со дедовците тоа го правеа ноќта наспроти празникот од она што го имаа при рака.
Дмитриј Козлов/МАММ / МДФ/Russia in photo
„Костимот снегулка беше наједноставен за правење. Се зема бела потсукња и на неа во круг се шијат широки ленти со набори. Тие се правеа во повеќе слоеви додека не се добие нешто слично на шпанска сукња. Потоа, за сукњата да биде како снегулка и убаво да стои, се раствораше скроб во вода, во него се потопуваше сукњата и се сушеше завртена наопаку. А, потоа озгора се додаваше сјај и светки за костимот да биде посјаен. Горниот дел беше уште поедноставен. Се зема бела маица и на неа се шијат тантела и светки“, раскажува Ољга која и самата носела таков костим на прославите во седумдесеттите години од минатиот век.
Дмитриј Козлов/МАММ / МДФ/Russia in photo
Оние што имаа можност купуваа ацетат (ацетатна свила) и шиеја поквалитетен фустан. Но, такви немаше многу. Проблемот не беше дури ни во ткаенината, туку во тоа што за сериозно шиење, потребна беше машина што не ја имаше секој. И секако, беше потребно време, а сите членови на семејството беа вработени.
Архива на Галина Габнис/Russia in photo
Со зајчињата сѐ беше уште поедноставно. Момчето ќе го облечеа во бела кошулка и темни куси панталончиња, а потоа ќе му додадеа пеперушка и на панталоните ќе му залепеа опаш од вата. Главниот дел од костимот беа ушите, а тие се правеа од картон на кој се лепеше вата и потоа со патент се прицврстуваа за косата.
Црвенкапа
МАММ / МДФ/Russia in photo
За сите девојчиња да не бидат снегулки, некои родители на своите ќерки им шиеја костими од други јунаци. Ољга еднаш била Црвенкапа: „Поради дефицитот квалитетна ткаенина често се купуваше однапред, пред да затреба. Наспроти една Нова година ми сошија костим токму од црвен сатен кој беше купен многу порано. Мајка ми ми соши сукња и блуза, а татко ми ми направи нешто како корсет од цврст картон и го прeслече со црна ткаенина. Излезе нешто како шампионски појас на ММА, кој ги поврзува сукњата и блузата“.
Малвина исто така беше јунакиња на детските утрени прослави. Таа мораше да има светла коса, но никој не сакаше да ризикува и да ја обои косата на своето дете, а никаде немаше ни перика со таква боја. Затоа Малвина се обележуваше сам со бојата на костимот. Имаше убав син фустан и на главата огромна панделка.
Космонаут
TASS
По летот на Гагарин во космосот (1961) костимот на космонаут влезе во мода. За волја на вистината се правеше само за момчињата.
Родителите го правеа така што на кој било комбинезон ќе налепеа или ќе зашиеја фолија. Кацигата ја правеа од картон, но престижно беше да се најде стара кацига за мотоцикл и да се облепи со фолија. Така костимот навистина личеше на скафандер, а на шлемот со црвени букви пишуваа „СССР“, како на вистинскиот.
Животинки
Архив на Марина Воронина/Russia in photo
Се продаваа и убави маски на животни. Тоа беше наједноставен начин од детето да се направи мечка, лисица, зајче или верверица.
Здружение на музеи, Череповец
Но, луѓето сепак шиеја и вакви костими, често од стари износени бунди што повеќе не беа за носење, а се чуваа во плакарите. Така понекогаш зајчињата изгледаа како вистински.
Национални костими
Евгениј Тиханов / Sputnik
СССР беше составен од републики во коишто живееја различни народи, така што националната носија исто така беше популарна. На пример, костимот на Украинка се состоеше од сукња со престилка, пешкир, блуза со широки ракави и разнобоен венец на главата со голем број сатенски ленти во плетенка. Момчињата носеа шалвари и кошула со широк појас.
Николај Козловски/МАММ / МДФ/Russia in photo
Девојчињата понекогаш се облекуваа и како Ромки, со долга цена сукња, голем број перли, шарена шамија префрлена преку рамо и завиена коса преку која се врзуваше шамијата. Постоеше и узбекистански костим: наметка со дречливи бои, извезена „тјубетејка“ (плитка капа) и голем број плетенки.
Архива на Галина Габнис/Russia in photo
Подоцна, во текот на деведесеттите години од минатиот век, по распадот на Советскиот Сојуз, во продавниците можеше да се најде сѐ. Децата одеа на утринските прослави во костими на Бетмен и на Спајдермен. Сепак, некои семејства продолжија самите да шијат костими зашто новите не им се допаѓаа: „Се сеќавам како веќе на почетокот на 2000-тите самата му сошив костим на синот. Зедов една стара кабеста наметка и од неа направив пиратска униформа со еполети и со златни реси. Не ми се допаѓаа нити костимите на зајчиња и мачиња, ниту на јунаците од стриповите. А, ни квалитетот не беше задоволувачки“, раскажува Ољга.
- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа