Како се облекувале руските болјари?

Russia Beyond
Сé свое си носам со себе - слоевитоста била во мода уште пред неколку века, а главните трендсетери во XV и XVI биле болјарите. За нив важело правилото: колку повеќе слоеви, толку е побогат сопственикот. А еве од што се состоел болјарскиот костум.

Кафтан

Кафтанот бил универзално парче облека, добар за секоја пригода. И за патување, и по дома или во двор. Според тоа од што бил направен кафтанот, лесно можело да се одреди колку е богат и угледен неговиот сопственик. Болјарите претпочитале скапа свила, брокат и кадифе. Кафтанот задолжително имал појас кој исто така зборувал многу. Во зависност од тоа дали е од ткаенина или од кожа со скапоцени камења, соговорниците лесно можеле да заклучат кој се наоѓа пред нив.

Едноредка

Долгата наметка без постава се правела од волна и сукно и се носела преку рамениците со рацете поминати низ посебни процепи на страните. Едноредката го штитела кафтанот од дожд и снег.

Охабењ

За разлика од другата болјарска облека, охабењот се шиел според фигурата, не многу широк, од свила украсена со златни и сребрени конци, атлас или кадифе. Имал процепи од страните низ кои се провлекувале рацете, а долгите ракави се врзувале на грбот. Важен елемент на оваа облека бил „козирот“ - голема подигната јака што можела да се спушти до средината на грбот.

Ферјаз

Ова парче облека шиено од персиска свила, кадифе или брокат имало многу долги ракави. Во исто време, се носел на посебен начин: низ ракавот се провлекувала само една рака, додека другиот ракав останувал празен, висејќи до земја. Зимските ферџази внатре биле обложени со крзно, а летните се правеле од потенка ткаенина. Ферјазот бил свечена облека: на дворот имало посебни денови кога се очекувало да се носи ферјаз.

Бунда

Без разлика дали било лута зима или жешко лето, болјарите секогаш имале повод да облечат бунда, дури и ако тоа значело дека треба да се варат во „личната сауна“. Бундите се правеле од крзно на самур, поларна лисица, визон, хермелин, верверица или обична лисица. Во исто време, бундата се носела со крзното одвнатре и украсена со плиш и брокат. Имало неколку модели. Руската бунда со многу долги ракави и голема спуштена јака многу се ширела кон краевите, при што на долниот крај можела да биде широка три метри! Во исто време, немала некои посебни токи. Целата конструкција се фиксирала со помош на обични појаси. Додека пократката турска бунда била препознатлива по широките ракави. Ја наметнувале преку рамениците и ја закопчувале. Се носела во свечени прилики: на официјални приеми или на ручеци на дворот.

Мурмолка

Капата со централен дел од скап брокат или кадифе се носела и во зима и во лето. Во топлиот дел од годината на неа се закачувал раб од крзно на самур и лисица, а во зима се зајакнувала одвнатре со памучна ткаенина и крзно. За украс можеле да ѝ зашијат бисерно копче или пердув.

Горлатна шапка

Оваа шапка им порачувала на сите дека нејзиниот сопственик е угледна и имашлива личност. Високите горлатни шапки се правеле од крзно на визон, лисица и самур. Порано се украсувале со реси од златни конци, а одозгора обложени со брокат. Дома стоеле на видно место, за гостите веднаш да знаат дека нивниот домаќин оди на царскиот двор. Се носеле преку специјално тркалезно капче („тафја“) или капа направена од обично платно. Целата таа конструкција не било лесно да се држи на глава, па за време на повеќечасовните приеми на дворот болјарите можеле да си дозволат да ја држат преку левата рака.

Чизми

Изгледот го комплетирале чизми од тенка козја, овча или телешка кожа во светли бои со украсени сари. Оние кои ја следеле модата избирале модели со врвот свиткан нагоре, а нивното приближување го најавувало одѕвонувањето на потпетиците.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња