„Добро се чувствувам во мојата стара бунда. Таа е како куќа што човек ја носи со себе. Луѓето ќе ве прашаат дали денес е ладно надвор, а вие нема да знаете што да им одговорите, можеби е, но од каде да знам?“, се зборовите на Осип Мандељштам посветени на руската бунда. Навистина, добра бунда ќе ве стопли и дури и во најлутата зима.
„Семејство“
Сергеј ИвановЗборот „бунда“ (рус. „шуба“) влегол во рускиот јазик од арапскиот збор jubba, што значи „капут со долги ракави“. Во Русија, уште од старо време бундата била симбол на богатство, бидејќи крзното отсекогаш било скапо. За да се направи дури и бунда долга до колената биле потребни 50-60 куни или сребрени лисици. Што носеле тогаш обичните луѓе? Бунди од овча кожа или од зајачко крзно, кои биле многу поевтини и полесно се набавувале од куните, сребрените лисици или самурите.
Во Киевска Русија и во руските земји воопшто пред монголско-татарската инвазија во 13 век крзното се користело наместо пари, а кога се извезувало на Блискиот исток и во Европа се разменувало за сребро и злато, со што се поттикнувала употребата на благородните метали за ковање пари во Русија. По монголско-татарската инвазија некои руски земји им плаќале на Монголо-Татарите данок во крзно, на пример, Новгородското кнежевство им плаќало данок во крзно од самур.
Кадар од филмот „Монгол“
Сергеј Бодров постариот/СТВ, 2007Високите монголски заповедници го користеле руското крзно за бунди и ги носеле како знак на богатство и моќ. Своите бунди ги носеле на посебен начин. Една бунда носеле со крзното одвнатре за топлина, а друга со крзното однадвор за убавина. Руските кнезови, а потоа и болјарите, овој начин на покажување богатство заедно со многу други обичаи го презеле од Монголо-Татарите. Дури и круните на руските цареви биле опшиени со крзно, што исто така бил монголски обичај.
Меѓутоа, руските кнезови, болјарите и генерално имашливите луѓе ја прифатиле навиката да носат бунди со крзното навнатре. Бундите биле во вид на ѕвоно (се ширеле надолу) со широки ракави и крзнени јаки свртени нанадвор. Од надворешната страна овие бунди биле покриени со скапи ткаенини како брокат, сатен или кадифе, извезени со златни нишки и украсени со скапоцени камења.
Богаташите понекогаш носеле неколку бунди истовремено, особено за празниците. Како статусен симбол, носеле бунди дури и лете! Замислете си само како се потеле болјарите во своите бунди и високи шубари во загушливите простории на дрвените дворови за време на напорен летен ден!
Петар Велики во 18 век се откажува од бундите на дворот. Сите дворјани, чиновници и воени офицери морале да го прифатат европскиот стил на облекување. Но, зиме, сепак им се враќале на проверените бунди, кои сега изгледале малку поинаку, без премногу украси и вез. Сепак, бундите и понатаму се носеле со крзното навнатре. Само обичниот народ ги носел со крзното однадвор, како ние денес. Современиот изглед на бундата во 18 и 19 век би му одговарал на некој кочијаш или селанец.
Но, сите, без оглед на класата или религијата, страдале од сеприсутните вошки и болви. Шарл Франсоа Масон, Французин во руска служба кон крајот на 18 век, запишал: „Кога ќе пристигнат руските дами на бал, на лакеите им ги оставаат своите величествени бунди од црно-кафеаво крзно, од арктичка лисица, хермелин, куна и самур; додека ги чекааа господарките лакеите лежат на овие крзна. Кога дамите си заминуваат од балот лакеите ги завиткуваат во скапоцените крзна, веќе заразени со паразити...“ Значи, тоа била дополнителната цена што требало да се плати за да се носи бунда. Но, тоа не можело да ги спречи дамите.
Постоеле одредени правила за дамите за носење бунда. Како што објаснува историчарката Јулија Демиденко, „при носењето крзно важеле правила во хиерархијата, не според класата, туку според возраста и социјалниот статус. Постарите жени носеле самур, а младите девојки сибирска верверица, овца-каракул или зајак“. Младите девојки морале да носат поевтино крзно, дури и ако нивното богатство им овозможувало да носат визон или самур. Таков бил обичајот. На крајот на 19 век станало мода девојките и жените да носат бунди со крзно однадвор, покажувајќи ја неговата убавина.
Во Русија никој не ни помислувал да фрли стара бунда. Дури и да била износена, сепак можела да се преобликува или барем зачуваните делови да се употребат за капа или јака за друга бунда, бидејќи крзното отсекогаш било скапо.
Тоа не се смени ниту во советско доба. Добрата бунда беше навистина скапа за советскиот граѓанин, додека извозот на крзно, значаен за руската економија, продолжи. Во 1925-1926 година уделот на извозот на крзно во вкупниот извоз на СССР сочинуваше 89,6%. Од 1930-тите години изработката на крзнени производи потпадна под монопол на државата. На 25 ноември 1939 година властите забранија индивидуално производство на бунди и индивидуална трговија со крзнени производи со цел да го заштитат домашното производство од профитери.
Извозот и масовното производство на бунди за Црвената армија за време на Втората светска војна доведе до тоа Советска Русија да ги исцрпи резервите на животни за производство на крзно. Во 60-тите години на минатиот век природното крзно и понатаму беше дефицитарна стока. Директорите на производство се жалеа дека само третина од крзното што пристигнуваше во фабриките за преработка беше со добар квалитет. Во 1958 година Никита Хрушчов интензивно заговараше воведување на вештачко крзно. Вештачка бунда од имитација на овча кожа чинеше 1000 рубли (додека бунда од природна овча кожа чинеше 4000). Во тоа време платата на чистачка беше 30 рубли месечно, продавач во стоковна куќа заработуваше 100 рубли месечно, а висококвалификуван работник и до 200 рубли. Тоа значи дека за повеќето бундата чинеше цело богатство.
Меѓутоа, вештачките бундите имаа голем недостаток: не беа дури ни половина топли како природните. Затоа луѓето во Советскиот Сојуз сепак посакуваа природно крзно, се обидуваа да набават природни бунди и шубари, вложувајќи многу време во грижата за нив.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче