10 најнаградувани руски анимирани филмови

Союзмультфильм
Од Венеција до Лос Анџелес – советската и руската анимација насекаде беа на цена.

Првиот советски цртан филм кој освои меѓународно признание беше „Песна на радоста“. На фестивалот во Венеција во 1947 година, анимираната бајка на Мстислав Пашченко доби специјална пофалница од жирито. Оттогаш, советските и руските аниматори добија стотици награди од најпрестижните филмски смотри, значително повеќе од нивните колеги од сферата на играните филмови. А два цртани филма врз основа на мислењето на експертите беа прогласени за најдобри во историјата. Интересно е што и двата се дело на ист советски режисер.

1) „Снежната кралица“ (1957), режија: Лав Атаманов 

Својот прв голем меѓународен успех советската анимација го доживеа благодарение на екранизацијата на бајката „Снежната кралица“ на Ханс Кристијан Андерсен. Тоа беше деветтиот долгометражен филм во историјата на московското студио „Сојузмуљтфилм“. Снимен е од Лав Атаманов.

„Снежната кралица“ не само што доби многу признанија (награди во Венеција и Кан), туку доживеа и голем успех во светските кина од Америка до Јапонија. Според анкетата во рамките на филмската индустрија спроведена на филмскиот фестивал за анимација „Лапута“ во Токио, овој филм го зазема 17-тото место на листата на најдобри цртани филмови на сите времиња, при што подобро се рангира „Кошмарот пред Божик“ на Тим Бартон (26-то место) и „Маѓепсаниот град“ на Хајао Мијазаки (29-то место).

Како што вели Мијазаки, токму овој филм на Атаманов го поттикнал да се занимава со анимација.

2) „Остров“ (1973), режија: Фјодор Хитрук

Пред да стане режисер, Фјодор Хитрук долги години работел како цртач за анимирани филмови, што значи дека им вдахнал живот на многу ликови во филмовите на други режисери. Една од неговите најдобри креации беше ликот на раскажувачот Ола Лукое од „Снежната кралица“ на Атаманов. Почнувајќи од своето дебитантско дело „Историја на едно злосторство“ (1962), Хитрук се издвои како еден од најоригиналните автори во СССР и брзо се здоби со меѓународно признание.

А „Островот“, антикапиталистичка приказна за современиот Робинсон, меѓу другото му ја донесе и канската „Златна палма“ во конкуренција на краткометражни филмови.

3) „Еже во магла“ (1975), режија: Јуриј Норштејн

Првото место на ранг-листата на споменатата токиска анкета го зазеде „Еже во магла“ на Јуриј Норштејн - сонлива одисеја на мало еже низ шума во магла до неговиот пријател мечката. Во изработката на десетминутниот филм беше вложен колосален труд. „Ежето“ е сниман на штанд за изработка на анимација на повеќе нивоа со техника на исечоци. Тоа значи дека секој лик и некои елементи на позадината се состојат од повеќе делови, кои рачно се поместуваат малку по малку за да се создаде илузија на движење.

Овој цртан филм освои десетици фестивалски признанија: од Техеран и Хихон до Мелбурн и Чикаго.

4) „Бајка над бајките“ (1979), режија: Јуриј Норштејн

Пред токиската анкета, во 1984 година во Лос Анџелес беше спроведено уште едно испитување на мислењето на професионалците. На тоа рангирање првото место го зазеде уште еден филм на Норштејн. „Бајка над најкама“ е патување низ лавиринтот на сопствените спомени на режисерот, снимен во истата техника на исечоци. Меѓутоа, за победата на американската ранг-листа луѓето во Русија масовно дознаа дури на крајот на осумдесеттите, за време на перестројката. Причината за тоа беше што анкетата беше спроведена во рамките на културната програма на Олимписките игри во Лос Анџелес, кои СССР ги бојкотираше како одговор на американскиот бојкот на Олимпијадата во Москва во 1980 година.

Како и сите филмови на Норштејн, „Бајка над бајките“ има голем број награди, на пример, од Отава, Лил, Оберхаузен итн.

5) „Извивања“ (1987), режија: Гари Бардин

Гери Бардин ја започна својата кариера како актер во анимирани филмови, потоа стана сценарист за анимација и на крајот режисер. Сними неколку анимирани филмови, меѓу кои и исклучително популарниот во СССР „Летечки брод“ (1979). Меѓутоа, Бардин постигна вистински успех кога се посвети на анимација на предмети и почна да оживува сосема неочекувани материјали: јаже, кибрит...

Во филмот „Извивања“, сатирична приказна за лудилото на самоизолацијата, актерите се ликови направени од жица. За овој филм Бардин ја освои „Златната палма“ во Кан.

6) „Сивиот волк енд Црвенкапа“ (1990), режија: Гари Бардин

Уште еден мјузикл во кариерата на Бардин – овој пат од пластелин. Познатата бајка беше раскажана во духот на перестројката, кога падна „железната завеса“. Црвенкапа од СССР оди кај нејзината баба во Париз, а по пат го сретнува не само сивиот волк, туку и трите прасиња и седумте џуџиња од филмовите на Дизни.

Ова дело на режисерот му донесе низа меѓународни награди, меѓу кои и главната награда на фестивалот за анимиран филм во Анси (што во светот на анимацијата е еквивалент на Канскиот фестивал).

7) „Болеро“ (1992), режија: Иван Максимов

Еден од манифестите на новата постсоветска анимација е филм без очигледен заплет кој не може недвосмислено да се толкува. 5 минути гледачот гледа чудно чудовиште како патува по средновековен замок на звуците на „Болеро“ од Равел. Дипломската работа на младиот аниматор Иван Максимов ја освои „Златната мечка“ во Берлин во конкуренцијата за краткометражен филм.

8) „Гагарин“ (1994), режија: Алексеј Харитиди

Ова е случај кога добро избран наслов претвора одличен цртан филм во исклучителен. Насловот, кој на филмот му дава филозофска димензија, го смисли Едуард Назаров, режисерот на култната постсоветска анимирана комедија „Си било еднаш едно куче“. Според сценариото, гасеницата им завидува на пеперутките и птиците. Откако ќе ѝ се даде можност да почувствува што значи да се лета - кога ќе се најде во пердув-топче за бадминтон.

„Гагарин“ на Харитиди беше еден од главните фестивалски хитови на сезоната. Ја освои „Златната палма“ во Кан и беше номиниран за наградата „Оскар“.

9) „Старецот и морето“ (1999), режија: Александар Петров

Александар Петров беше првиот и последен советски режисер на полето на анимацијата кој е номиниран за „Оскар“. Во 1990 година, за наградата на Американската филмска академија беше номинирана неговата „Крава“ (а наредната година СССР престана да постои). Севкупно, Петров ќе биде номиниран уште три пати и конечно ќе добие статуетка - во 2000 година за екранизацијата на романот на Хемингвеј „Старецот и морето“, направена во техниката „сликање на стакло“.

Тоа беше првиот анимиран филм во историјата во формат IMAX.

10) „Не можеме да живееме без вселената“ (2014), режија: Константин Бронзит

Бронзит е единствениот руски режисер кој три пати го освоил гран-прито на престижниот фестивал во Анси. Една од наградите му ја донесе цртаниот филм „Не можеме да живееме без вселената“ - потресна приказна за пријателството и осаменоста. Покрај Анси, филмот освои и голем број награди ширум светот, од Мелбурн до Токио. Па дури и номинација за Оскар (втора на режисерот, во 2009 година неговата „Тоалетна приказна - љубовна приказна“ беше меѓу петте номинирани). Години подоцна, Бронзит ќе се врати на вселенската тема и ќе сними филм со слично име, но со поинаков заплет - „Тој не може да живее без вселената“ (2020). Овој филм ќе влезе во потесниот избор за номинација за „Оскар“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња