Десет популарни песни од советските цртани филмови

Кира Лисицкаја (Photo: „Союзмультфильм“)
Приспивна, песна за другарство, весела новогодишна композиција и други мелодии што ги знае секое руско дете се наоѓаат на овој список.

1. „Песната на мамутчето“ од цртаниот филм „Мама за мамутче“ („Мама для мамонтенка“, 1981)

  • Музика Владимир Шаински
  • Текст Дмитриј Непомњашчи
  • Пее Клара Румјанова

„Нека чуе мама, нека дојде мама “, пее кутрото мамутче кое преживеало со тоа што сосема случајно се одмрзнало од мразот. Тргнува на долг пат на санта мраз да ја бара мајка си. Од оваа песна на многу генерации им навираат солзи. Ја изведува Клара Румјанова, со чиј глас говорат триста јунаци од советските цртани филмови.

2. „Приспивната на мечката“ („Колыбельная медведицы“) од цртаниот филм „Умка“, 1969.

  • Музика Евгениј Крилатов
  • Текст Јуриј Јаковлев
  • Пее Аида Ведишчева

Ова е веројатно најпознатата советска и руска приспивна песна, која дури и денешните мајки обожаваат да им ја пеат на своите малечки. Песната „Спијат твоите соседи белите мечки, спиј и ти, спиј, малечко“ во изведба на Аида Ведишчева ја има слушнато секое дете барем еднаш пред спиење.

3. „Песната на другарите“ („Нема ништо поубаво на светот“) од цртаниот филм „Бременските музичари“, 1969.

  • Музика Генадиј Гладков
  • Текст Јуриј Ентин
  • Пеат Олег Анофриев, Анатолиј Горохов и вокален ансамбл

Публиката го засака овој цртан филм и поради музиката на Генадиј Гладков со елементи на рокенрол, и поради јунаците кои потсетуваат на хипици. Плочи со аудиоснимката од цртаниот филм се продаваа во милионски тираж. Песната за другарите која вели „нема ништо поубаво од талкање по светот со другарите“ ја изведуваат Трубадурот (Олег Анофриев) и хорот на Бременските музичари. Возрасните исто така уживаат да ја пеат на караоке.

4. „Синиот вагон“ („Голубой вагон“) од цртаниот филм „Старицата Шапокљак“ („Старуха Шапокляк“, 1974)

  • Музика Владимир Шаински
  • Текс Едуард Успенски
  • Пее Владимир Ферапонтов

Во овој хит од серијата цртани филмови за авантурите на Чебурашка и крокодилот Гена се пее за минливоста на животот и за надежта за подобро утре што нé очекува во иднина. Музиката за сите делови на цртаниот филм ја компонираше познатиот детски композитор Владимир Шаински, а зборовите ги напиша авторот на книгата Едуард Успенски. Песната ја отпеа Владимир Ферапонтов, иако гласот на крокодилот Гени го позајми Василиј Ливанов.

5. „Песната на крокодилот Гена“ („Нека трчаат несмасно пешаците по барите...“) од цртаниот филм „Чебурашка“, 1971.

  • Музика Владимир Шаински
  • Текст Александар Тимофеевски
  • Пее Владимир Ферапонтов

Многу популарна роденденска песна испеана од крокодилот Гена. Нему му е жал што тој ден доаѓа само еднаш годишно, но и покрај лошото време и поројниот дожд, тој е расположен и фантазира за тоа како ќе дојде волшебник, бесплатно ќе му прикаже филм и ќе му подари петстотини сладоледи. , т.е. дека ќе исполни сè за што сонува секое советско дете.

6. „Раскажи ни Снежана, каде беше?“ од цртаниот филм „Ну погоди!“, 1974.

  • Музика Генадиј Гладков
  • Текст Јуриј Ентин
  • Пеат: Клара Румјанова и Анатолиј Папанов

Ова е весела новогодишна песна која ја пеат Зајакот (Клара Румјанова) и Волкот (Анатолиј Папанов). Ситуацијата е комична затоа што Зајакот се преоблекол во Дедо Мраз, а Волкот во Снежана. Во песната се  повторува називот на цртаниот филм затоа што на предлог на Дедо Мраз (Зајакот) да излезе и да танцува, Волкот ја пее „Не, Дедо Мраз, ќе видиш ти“.

7. „Облаци – белогриви коњи“ од цртаниот филм „Трјам! Добар ден!“ („Трям! Здравствуйте!“, 1980)

  • Музика Владимир Шаински
  • Текст Сергеј Козлов
  • Пее Клара Румјанова

Многумина речиси и не се сеќаваат на овој цртан филм за Мечето, Ежето и Зајакот, но затоа песната во изведба на Клара Румјанова стана многу позната и популарна. Тројцата другари ги прашуваат облаците каде им се брза и ги замолуваат да ги повозат по небото.

8. „Песна за мечтата“ („Песня о мечте“) од цртаниот филм „Летечкиот брод“ („Летучий корабль“, 1979)

  • Музика Максим Дунаевски
  • Текст Јуриј Ентин
  • Пеат: Татјана Шабељникова, Гари Бардин, Рогволд Суховерко и Михаил Бојарски

Оваа песна во цртаниот филм, стилизиран во духот на руската бајка, ја пеат четворицата јунаци - принцезата Забава, нејзиниот татко-крал, Полкан кој сонува таа да му биде жена заради богатството и власта, и обичен оџачар. Секој пее за своите соништа и секој си ја замислува среќата на свој начин, но секој го пее истото: „Ах, да ми се оствари сонот! Каков живот би дошол тогаш!“.

9. „Вистински другар!“ („Цврстото другарство нема никогаш да ослабне...“) од цртаниот филм „Тимка и Димка“, 1975.

  • Музика Борис Савељев
  • Текст Михаил Пљацковски
  • Пее Клара Румјанова

Ретко кој сé уште се сеќава на приказната за мечето Димка и мачето Тимка. Овој куклен филм е наменет за многу мали деца. Меѓутоа, сите ја знаат песната за тоа каков треба да биде вистински другар: „Другарот нема да те остави во неволја, и нема да поставува непотребни прашања!“

10. „Насмевка“ („Улыбка“) од цртаниот филм „Малиот Ракун“ („Крошка Енот“, 1974)

  • Музика Владимир Шаински
  • Текст Михаил Пљацковски
  • Пее Клара Румјанова

Ова е уште една песна која стана популарна независно од цртаниот филм. Секое мало дете во Русија знае дека „од насмевка тмурниот ден станува посветол“ и дека треба да ја споделите насмевката за таа „да ви се врати уште многу пати“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња