Поради „железната завеса“, советските филмови за време на Студената војна беа застапени во странските кина само во ограничена мера, а честопати не ни доаѓаа на престижните фестивали. Дури во текот на перестројката и отприлика до средината на деведесеттите светот го преплави бран на интерес за руските филмови кој, за волја на вистината, брзо ослабна.
Меѓутоа, и покрај сите тешкотии, некои советски и руски филмови успеаја да ги совладаат сите бариери и да освојат признание од луѓето од браншата. Ова е списокот на најпрестижните награди што ги освоија руските филмови.
Ремек-делото на Сергеј Бондарчук „Војна и мир“ е грандиозна шестчасовна епопеја базирана на романот на Лав Толстој. Тоа беше првиот советски филм номиниран за Оскар (1969). И веднаш победа!
Втората статуа ја донесе во СССР, колку и да звучи чудно, големиот јапонски режисер Акира Куросава во 1976 година. „Дерсу Узала“, екранизација на мемоарите на светскиот патник Владимир Арсењев, беше единствениот филм што Куросава го сними надвор од својата татковина.
„Москва не им верува на солзите“ на Владимир Мењшов – лауреатот во 1981 година - е веројатно „најамериканскиот“ советски филм. Приказната за една жена која сама се пробила во животот, за девојка од провинција која поминува пат од обична работничка до директор на фабрика, најпрвин ја освои советската публика, а потоа и американските академици. Со околу 90 милиони продадени билети, ова е еден од најголемите успеси во целата историја на советското кино.
На крај, единствениот постсоветски руски филм кој освои „Оскар“ беше „Изгорени од сонцето“ на Никита Михалков (1995). Тоа е приказна за еден ден од животот на советски командант на дивизија, кого во филмот го игра самиот режисер. Главниот лик одмора во својата дача и ужива во животот, сè уште не знаејќи дека ќе биде една од првите жртви на репресиите на Сталин.
Венецискиот фестивал традиционално е најмногу „русофилски“. Советските и руските филмови мошне често се наоѓаа во натпреварувачката програма на фестивалот и освојуваа награди. Логично е победниците на Венециското гран-при да се меѓу најдобрите руски филмови.
Првиот „Златен лав“ во Москва го донесе Андреј Тарковски во 1962 година. Режисерот веќе доживеа успех со дебитантскиот филм „Ивановото детство“. Тоа е приказна за момче кое за време на Втората светска војна останува сирак и станува војник-извидник.
Вториот победник во Венеција беше Никита Михалков во 1991 година со трагикомичната приказна за пријателството меѓу монголски овчар и руски шофер „Урга - територија на љубовта“.
Како што во свое време се случи со Тарковски, Венеција претвори уште еден руски дебитант во светска ѕвезда - Андреј Звјагинцев. Неговиот филм „Враќање“ е приказна за патувањето на татко и двајца синови со трагичен расплет. Во 2003 година, филмот стана сензација, освојувајќи ја не само главната награда, туку и наградата за најдобро дебитантско остварување. За прв пат и двата „Златни лава“ (што ги доделуваат различни жирија) отидоа во исти раце.
Најпосле, во 2011 година, лауреат на гран-прито стана еден од највпечатливите и најбескомпромисните режисери на денешницата Александар Сокуров, со екранизацијата на Гетеовиот „Фауст“. Инаку, да напоменеме дека директор на фотографија во „Фауст“ беше Бруно Делбонел, кој претходно ги сними „Чудесната судбина на Амелија Пулен“, „Хари Потер и полукрвниот принц“, а соработуваше и со Тим Бартон и браќата Коен.
„Подем“ на Лариса Шепитко - победник на Берлин во 1977 година - е приказна за моралот скриена во воена драма. Според сижето, за време на Втората светска војна Германците заробуваат двајца партизани. Им се дава избор: соработка со непријателот или смрт. Ова беше последниот филм на талентираната режисерка. Две години подоцна, таа загина во авионска несреќа.
Точно десет години по првата „Златна мечка“, еден советски филм повторно го освои Берлин. Филмот „Тема“, трагикомична драма за креативната криза на популарен и официјално признат писател, му ја донесе наградата на режисерот Глеб Панфилов. Филмот беше завршен уште кон крајот на седумдесеттите, но помина седум години „во бункер“ (беше забранет од цензурата) и се појави во кината дури во времето на перестројката.
Можеби звучи изненадувачки, но советската/руската кинематографија има само една победа во Кан. Во 1958 година „Златната палма“ ја доби мелодрамата „Жеравите летаат“ на Михаил Калатозов, приказна за девојка која го чека својот љубовник од фронтот на Втората светска војна. Филмот го освои жирито не само со извонредната глума (еден француски критичар ја спореди актерката Татјана Самојлова со Брижит Бардо), туку и со иновативната снимателска работа на Сергеј Урусевски. И покрај застарената техника што ја користеше, тој успеа да постигне невообичаено непречено и слободно движење на камерата.
Во 1964 година Калатозов и Урусевски снимија уште едно заедничко дело - „Јас сум Куба“. Станува збор за збирка филмски новели за тоа како се промени животот на „островот на слободата“ по победата на социјалистичката револуција. Филмот не освои големи награди, но по многу години неговата вредност сепак беше препознаена. Денес на различни листи на најдобрите светски филмови, тој може да се сретне дури и почесто од „Жеравите летаат“. Меѓу обожавателите на овој филм се и Мартин Скорсезе и Френсис Форд Копола, кои лично ја финансираа неговата реставрација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче