Осум најстравотни руски филмови

Ленфильм; Первое творческое объединение
Што е пострашно: опасност од вселената, суштества од пеколот, губење на најблиските, насилство или тоталитаризам? За вас ги избравме филмовите кои навистина можат да ве исплашат.

Закана од вселената: „Спутник“ (2020)

„Спутник“, 2020 / реж. Егор Абраменко.

Во годината на пандемијата се појави филм под наслов „Спутник“ (нема никаква врска со истоимената вакцина). Дејството се одвива во 1983 година. Советско вселенско летало триумфално се враќа на Земјата. Меѓутоа, од луѓето се крие мистериозна катастрофа која еден член на екипажот го чинела животот. Осомничен за тој настан е преживеаниот космонаут, кого го сместуваат во таен центар под надзор на специјалните служби. Набргу потоа излегува дека тој донел непознат облик на живот од вселената...

За тоталитарната држава и слепата вера: „Драги другари!“ („Дорогие товарищи!”) (2020)

„Драги другари!“, 2020. / реж. Андреј Кончаловски.

Филмот на Андреј Кончаловски е базиран на историски настан. Во прашање е Новочеркаското стрелање во 1962 година, кога армијата и КГБ го сузбија бунтот на работниците кои се кренаа против поскапувањето. Учесниците во демонстрациите беа стрелани, а државата потоа направи сé за да ја скрие нивната смрт со воведување целосна цензура и блокади со контрола на патиштата. Филмот е посветен на еден од најстрашните настани од советската историја, неговите непосредни учесници и нивната оценка за сé што се случувало (а таа оценка е прилично шокантна).

За словенската нечиста сила: трилогијата „Гогољ“ (2017-2018)

Гогољ. Виј, 2018. / реж. Егор Баранов.

Во приказната на Гогољ, Виј е суштество од старите словенски легенди кое доаѓа на овој свет од длабочините на пеколот. Има огромни очни капаци кои висат до земја и му треба помош да ги подигне. Но кого и да погледне Виј со тие очи... Можете да погодите што се случува со тој несреќник.

Трилогијата „Почеток“/„Виј“/„Страшна одмазда“ е снимена по мотиви на повеста „Виј“ од Николај Василевич Гогољ. Едно од најморничавите  дела на руската литература беше пренесено на екранот.

За мртвите пријатели: „Без пријатели“ („Убрать из друзей“/„Unfriended“) (2015)

„Без пријатели“ („Unfriended“), 2015. / реж. Леван Габриаѕе.

Средношколката Блер си муабети на „Скајп“ со друштвото од класот и повремено фрла поглед на „Фејсбук“. А таму во еден момент стигнува порака од нејзината пријателка Лора... Но Лора починала пред една година. Мислејќи дека некој го хакирал профилот на Лора, Блер ја отстранува нејзината покојна пријателка од списокот на пријатели. Но, пријателката (или некој друг во нејзино име) нема намера да се повлече, туку се појавува ту на „Фејсбук“, ту на „Скајп“ на групен видеоповик. И никако не може да се исклучи или избегне на кој било начин.

Филмот на Тимур Бекмамбетов за виртуелна одмазда на ниво на саспенс може да се натпреварува со најдобрите примероци во жанрот на псевдокументарната комедија како филмот „Паранормална активност“ (анг. Paranormal Activity), само без привиденија и други нечисти сили кои неочекувано се појавуваат на екранот. Но, без тие натприродни додатоци, филмот е дури и поморничав, бидејќи нема никакви невозможни појави, туку само луѓе кои гледаат во веб-камерата, целосна неизвесност и вознемиреност.

За канибализмот: „Шопинг тура“ („Шопинг-тур“) (2013)

„Шопинг тура“, 2012. / реж. Михаил Брашински

Тоа е еден од првите руски филмови во жанрот пронајдена снимка (found footage).. Овој нискобуџетен филм (чинеше само 70.000 долари) на кинематограферот Михаил Брашински е невообичаено реалистичен. Чувството е како да гледате „ story“ на пријател на социјална мрежа, но со многу мрачна содржина. Приказната се заснова на наводна древна финска традиција дека еднаш годишно, на летната долгодневица, секој Финец мора да изеде еден странец. И доаѓа тој ден. Кој немал време да се скрие, самиот си е виновен.

За загубата на најблиските и враќањето од оној свет: „Да се живее“ („Жить“) (2013)

„Да се живее“/„Living“, 2011. / реж. Василиј Сигарев

Три лица се соочуваат со смртта на блиски и сакани луѓе. Таа сцена поврзана со најстрашното нешто во животот е тешко да се поднесе. Сите ликови треба да соберат сила и храброст и да ја преживеат траумата, но мора да поминат низ вистинска тортура и неверојатни страдања.

Поради овој филм режисерот Василиј Сигарев беше дури и критикуван за злоупотреба на некрореализмот – толку не ги штедел уметничките методи. Тој се осмели да ја покрене темата на смртта, која е табу во Русија. Затоа филмот е од една страна храбар, а од друга неподнослив и страшен.

За залезот на советската епоха: „Карго 200“ („Груз 200“) (2007)

„Карго 200“ / реж. Алексеј Балабанов.

„Карго 200“ е условна ознака што се користи при транспортирање на телото на војник убиен во борбени дејствија. Дејствието се одвива во 1984 година, неколку години пред распадот на СССР. Советските војници се борат во Авганистан и се враќаат дома во поцинкувани ковчези. Алексеј Балабанов за тој период го сними својот најшокантен филм, прикажувајќи ја метафоричната пресуда за „земјата на развиениот социјализам“. Тоа е приказна за големиот економски застој, за дивеењето на полицијата, за буењето на криминалот, насилството и тоталната апатија. „Ништо не измислив во филмот. Кажав сé што сакав да кажам за тој период, сé што се насобра во мене“, објасни Балабанов. Таа изјава сама по себе беше толку моќна и страшна што актерите веќе во подготвителната фаза се откажуваа од своите улоги. Филмот ја доби наградата на Здружението на руски филмски критичари и беше прикажан на филмскиот фестивал во Венеција.

За нуклеарна експлозија: „Писма на мртов човек“ („Письма мертвого человека”) (1986)

„Писма на мртов човек, 1986. / реж. Константин Лопушански.

Што ќе биде по нуклеарна војна? Се смета дека нема да има ништо. Но, нобеловецот Ларсен сепак бара спас од нуклеарното бомбардирање во подземните простории на историскиот музеј, заедно со музејските работници. Тие не знаат дали војната сé уште трае и секој од нив на свој начин страда поради трагедијата на човештвото. Ларсен пред сé се прашува како човештвото можело да се уништи самото себе со свои раце? Во потрага по одговор, тој дури создава математичка формула и доаѓа до парадоксален заклучок.

Премиерата на филмот на Константин Лопушански практично се совпадна со катастрофата во Чернобил. Писателот Аркадиј Стругацки го окарактеризира ова филмско остварување како „паметна и брутална драма за современите луѓе во ситуација чија можност треба да се исклучи од историјата и за таа цел целото човештво да ги употреби сите свои сили“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња