Како изгледаат сега местата од уметничките слики? (СЛИКИ + ФОТОГРАФИИ)

Култура
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Старата Москва, ѕидините на Кремљ, селата во срцето на Русија и други места од уметнички слики денес се толку многу променети што не можете да ги препознаете. Но, има и такви места кои со векови изгледаат исто како во моментот кога биле сликани.

Михаил Гермашев „Стара Москва. Улицата Арбат“

На сликата на Михаил Гермашев е прикажана една од главните улици на Москва. Арбат изгледал многу поинаку во 1913 година, кога е насликано ова платно. Многу од зградите на сликата повеќе не постојат. На пример, вилата на принцот Трубецки (зградата со шест столбови десно) била уништена од експлозија во 1941 година. На сликата на „Стара Москва“ се наоѓа и црквата „Св. Никола Јавениот“, за која се поврзани одредени сцени со Пјер Безухов во романот на Толстој „Војна и мир“. Црквата е урната во 1931 година. Местото прикажано на сликата сега е широка пешачка улица со многу кафулиња и главната зграда на Истражниот комитет на Руската Федерација.

Фјодор Алексеев „Поглед на Воскресенската капија“

Пред повеќе од 200 години, на местото на плоштадот „Манежни“ пред Московскиот кремљ течела реката Неглинаја (Неглинка). Алексеев го прикажал на сликата и првиот камен мост во престолнината, изграден во 1603 година за време на Борис Годунов. Во тоа време, Кремљ бил редовно варосуван во бело, и така било сé до 1880-тите, кога однадвор се обложува со препознатливата црвена тула.

Денеска на местото на реката има плоштад, а реката е скротена во цевки и спроведена под земја. Мостот не е демонтиран, само е покриен со земја, за во 1990-тите археолозите да го откопаат, по што на тоа место беше отворен подземниот Музеј на археологијата, каде може да се видат разни артефакти од главниот град. Воскресенската капија, која е лево на сликата, била срушена во 1931 година, а нејзината реконструирана верзија била подигната дури во 1995 година.

Жерар Делабарт „Моховаја улица и куќата на Г. Пашков. Москва. 1799 година“

Францускиот уметник го насликал ова дело во 1795 година за време на владеењето на Екатерина II. На платното е прикажана една од вилите на „првиот крал на вотката“ Пашков. Во пожарот од 1812 година, вилата била значително оштетена, па подоцна била обновена. Сè уште стои на истото место и во неа се сместени одделенија на Руската државна библиотека. Меѓутоа, веќе ги нема прекрасната ограда и убаво уредениот парк. Тоа било отстрането за да се прошири улицата Моховаја.

Алексеј Саврасов „Гавраните долетаа“

На сликата создадена во 1871 година е прикажано зафрленото село Молвитино во Костромската област. Храмот во позадина всушност не се наоѓал на тоа место, но неговиот прототип навистина постои, а тоа е црквата „Воскресение Господово“ во истото село.

Ова населено место постои и денес, иако сега се нарекува Сусанино.

Максим Воробјов, „Островот Елагин ноќе“

Елагин е најсеверниот остров на Санкт Петербург. Пред да биде забележан и уреден од благородници во XIX век, на него имало негостољубиви мочуришта и непроодни шуми. Островот Елагин му припаѓал на врховниот дворски мајстор Елагин, по кого го добил името. Тој подоцна ја претворил оваа територија во место за одмор на царското семејство и за обичните жители на северната престолнина. Сега таму се наоѓа Централниот парк „Киров“.

Паркот речиси целосно го зачувал својот историски изглед, главно благодарение на архитектонските споменици - имотите, мостовите и насипите. Во него има и уникатна модерна стаклодувачка работилница која работи во рамките на музејот.

Иван Ајвазовски, „Поглед на Москва од Воробјови гори“

Воробјови Гори е највисоката точка во главниот град. Оттаму може да се опфати со поглед речиси целиот центар на Москва, иако не било секогаш така. Во 1849 година, на местото на прометната метропола имало големо поле, а храмот „Христос Спасител“ бил во изградба, што Ајвазовски и го прикажал на платно.

На местото од кое уметникот сликал денес се наоѓа популарен видиковец. Од него се протега поглед врз густо населените области и на „Лужники“, еден од најголемите стадиони во Русија.

Константин Коровин „Москворецкиот мост“

Ѕидините на Кремљ и Московорецкиот мост се најпрепознатливите градби во главниот град. Сликата на Коровин покажува како изгледало ова место во 1914 година.

Многу работи се смениле оттогаш: куќите изградени до ѕидините на Кремљ биле урнати во 1936 година. Срушена е храмот „Св. Никола“ која се наоѓал пред храмот „Св. Василиј Блажени“. Дури и Москворецкиот мост тогаш бил од дрво. Дури во 1938 година бил изграден нов од камен.

Иван Ајвазовски, „Аулот Гуниб во Дагестан. Поглед од источната страна“

Во XIX век уметникот патувал по Кавказот и таму настанала сликата посветена на убавината на Кавкаските планини. Ајвазовски обично сликал по сеќавање во своето ателје, но „Аул Гуниб“ ја насликал на лице место. Затоа, не е изненадувачки што платното многу прецизно го одразува изгледот на тогашниот предел. Згора на тоа, дури и сега планината прикажана на сликата не е променета. Единствено денес аулот (кавкаско село) на нејзините падини стана популарен и се смета за едно од најдобрите климатски одморалишта во Дагестан. Меѓутоа, во минатото било многу тешко да се стигне до ова место поради големата висинска разлика и немањето добри патишта.

Александар Бенуа „Куќата на Ана Монс“

 

„Куќата на Ана Монс“, 1911, Александар Бенуа

Оваа слика е создадена во 1911 година. Ја прикажува вилата на Ана Монс, миленичката на Петар I. Легендата вели дека Петар ѝ ја подарил оваа вила кога на сите им ја откриле врската. Меѓутоа, на платното куќата и нејзината околина не изгледаат баш како во ХХ век. Беноа за својата работа го користел описот на зградата од архивите за да им го даде на тие места изгледот што го имале во XVII век. Инаку, самата вила го претставува единствениот архитектонски споменик на германската колонија (Германска Слобода) - историскиот кварт на Москва во кој живееле претежно странци кои не преминале во православие и/или не знаеле руски.

И денес вилата стои на своето старо место, но не може да се посети бидејќи е затворена за туристи. За волја на вистината, може да се набљудува оддалеку.