Како изгледаа ликовите од советските цртани филмови пред да бидат екранизирани?

Russia Beyond (Фонд Анимации/Музей кино)
Некои од омилените цртани јунаци се променија многу во однос на своите првични скици!

„Снежната кралица“ (1957, Лав Атаманов)

Познатиот јапонски режисер Хајао Мијазаки изјави дека оваа советска адаптација на истоимената бајка на Ханс Кристијан Андерсен му покажала кон што треба да се стреми во анимацијата.

Овој советски анимиран класик се стекна со слава не само во својата татковина - редовно се прикажуваше на телевизија за време на новогодишните празници во САД во 1960-тите и 1970-тите.

„Чиполино“ (1961, Борис Дјожкин)

Заснован на бајка од италијанскиот писател Џани Родари, овој цртан филм е поедноставен и пократок од оригиналот. Сценаристот Мстислав Пашченко планираше да го претстави наративот на бајката со сите детали, но режисерот Борис Дјожкин инсистираше на некои скратувања. На крај сите главни настани беа присутни во цртаниот филм и приказната беше зачувана - храбриот кромид Чиполино и неговите пријатели го спасуваат неправедно осудениот татко на Чиполино од затвор и започнуваат револуција.

„Бонифациј на одмор“ (1965, Фјодор Хитрук)

Бајката на чешкиот писател Милош Макурек „Бонифациј и неговите внуци“стана основа за овој цртан филм. Според заплетот, циркускиот лав Бонифациј оди на одмор кај својата баба, но локалните деца не му даваат мир ниту на островот.

Режисерот Фјодор Хитрук изјави дека идејата за овој цртан филм е откриена сосема случајно: „Еднаш, додека ја чистев масата за следната филмска екипа, во една од фиоките најдов неколку листови со текст чукан на машина; пред да го фрлам, прочитав неколку редови. Бев маѓепсан од фразата на директорот на циркусот: „Ако подобро размислам, заборавив дека и лавовите имаат баби!“

„Авантурите на Могли“ (1967-1971, Роман Давидов)

Цела серија цртани филмови настана според „Книгата за џунглата“ на Радјард Киплинг. Интересно е што во рускиот превод на бајката Багира е претворен во женка, а оваа „нова“ адаптација е зачувана и во цртаниот филм.

За време на создавањето на цртаниот филм, Роман Давидов ги принуди аниматорите да влезат во ликот на животните. На оние кои беа задолжени за цртање на Багира, тој им даде задача да ги набљудуваат мачките дома.

„Вини Пу“ (1969-1972, Фјодор Хитрук)

Режисерот не ја гледал американската верзија на цртаниот филм, што му овозможи да создаде своја интерпретација на бајката на Алан Милн. Советскиот цртан филм воопшто го нема момчето Кристофер Робин и целиот заплет е сконцентриран околу Вини Пу и неговите пријатели. Хитрук веруваше дека момчето само нагласува дека ликовите се играчки, додека за советскиот тим за анимација бајката на Милн беше „светот на Вини Пу“.

„Крокодилот Гена“, „Чебурашка“, „Шапокљак“ (1961, 1971, 1983, Роман Качанов)

Овие ликови ги измисли популарниот писател за деца Едуард Успенски, кој во 1966 година ја напиша книгата „Крокодилот Гена и неговите пријатели“. На оваа приказна Качанов ги базираше своите три цртани филмови. Инаку, името Чебурашка потекнува од глаголот чебурахнуться, што значи да паднеш. Успенски го слушнал овој збор додека бил на гости кај свој пријател. Првично, Чебурашка беше навистина некој што постојано паѓаше.

Изненадувачки, редакцијата на „Сојузмуљтфилм“ некако виде политичка сатира во детските цртани за пријателството и добрината. Режисерот беше обвинет дека го исмејувал формирањето на Советот за економска меѓусебна помош во првиот цртан филм „Крокодилот Гена“. Епизодата „Чебурашка“, наводно, го исмејувала пионерското движење. За среќа, цртаните сепак успеаја да постигнат голема гледаност. Ликот на Чебурашка толку многу ја воодушеви публиката што со текот на времето стана еден од неофицијалните симболи на Русија.

„Филм, филм, филм“ (1968, Фјодор Хитрук)

Овој сатиричен краток анимиран филм за „внатрешното функционирање“ на филмското творештво и креативната борба на режисерите е измислен од Хитрук, откако разговарал со режисерот Виктор Шкловски. Овој му кажал на Хитрук како неговите филмови биле забранети, неговите првични идеи извртени и, воопшто, во каков хаос верувал дека се наоѓа советската филмска индустрија. Но, на крајот со насмевка на лицето додал „И тоа е нашата кинематографска среќа!“

„38 папагали“ (1976-1991, Иван Уфимцев)

Оваа анимирана серија се состои од 10 цртани филмови за пријателството на слон, шимпанзо, боа констриктор и папагал. Заплетот често излегува како целосно апсурден; на пример, во првата епизода, пријателите се обидуваат да ја измерат должината на змијата. Сфатиле дека е долга колку 2 слона, 5 шимпанза или 38 папагали. Меѓутоа, на крај, таквиот пристап на креаторите на цртаниот филм се покажа како многу успешен.

Некои веруваат дека аниматорите со нивните ликови намерно ги демонстрирале четирите типа на темперамент според Хипократ: змијата е меланхолик, слонот е флегматик, шимпанзото е колерик, додека папагалот е сангвиник.

„Враќањето на изгубениот папагал“ (1984, Валентин Караваев)

Еднаш Валентин Караваев се шетал низ московските улици, кога здогледал јато врапчиња среде кое стоел папагал, како нешто да ѝ „кажува“ на насобраната толпа птици. Почнал да размислува - како папагалот се нашол на московската улица? Можеби побегнал од сопствениците? И така се родила идејата за цртан филм.

Според заплетот, папагалот по име Кеша живее со дете по име Вова. Но, Кеша има гаден карактер; тој секогаш се кара со својот сопственик и никогаш не го слуша. Птицата редовно одлетува од домот на Вова и запаѓа во секакви пакости, но секогаш се враќа и се смирува со Вова.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња