Модни додатоци во руски стил (ФОТО)

Russia Beyond (Photo: Timmaster; Вахтомова Василина)
Марами, накит, венчиња, па дури и корпички - сите овие детали од типично руски стил имаат долга традиција и интересна историја и се актуелни и денес.

Марами и шамии

Во Русија имало голем број на мануфактури кои произведувале разни марами и шамии, но само производите на некои од нив со текот на времето прераснале во препознатлив дел на рускиот стил и омилен сувенир за странците.

Павлопосадските марами се произведуваат од 1795 година во градот Павлов Посад. Фабриката ја основал селанецот Семјон Лабзин, а неговите потомци го развиле бизнисот. На почетокот на ХХ век тоа беше најголемото производство на марами и шамии во Русија. Специфичноста на павлопосадската марама е во тоа што се прави од волнен конец, има квадратна форма и симетричен дезен со цвеќиња и други цветни орнаменти.

Уште една позната марама е оренбуршката пердувеста марама. Повеќе од 300 години плетачките во околината на уралскиот град Оренбург ги плетат овие марами со свои раце од влакната на локалните долговлакнести кози, што дава посебна топлина, па има дури и лековити својства. Светската слава ја стекнале во 1857 година, кога биле претставени на светската изложба во Париз. Се смета дека квалитетна оренбуршка марама се препознава по тоа што може да се помине низ бурма, бидејќи мора да биде многу тенка и лесна, иако е прилично голема.

Традиционален накит

Златарите и денес прават накит со традиционален дизајн. Висечките обетки-голубци (од зборот „голубь“) на фотографијата лево се изработени од сребро, бисери и гранати од златарот Тимофеј Журављов. Слични може да видите и кај руската убавица на платното на Константин Маковски од десната страна.

На сликата се гледа и накит кој се нарекувал „наручи“ или „зарукавја“. Станува збор за украс за рака кој ја извршувал функцијата на манжетна.

Традиционалниот накит „монисто“ бил свечен женски украс кој се носел на градите. На ленен конец се нижеле мониста и школки, а понекогаш и парички.

Но, монистото било скапо, додека секој можел да направи обичен ѓердан со мониста. Сè зависело од материјалот: скапи ѓердани се правеле од килибар, бисери и други благородни материјали, а евтини дури и од сушени бобинки и коски.

Ленти и венчиња

Девојките во Стара Русија носеле венчиња - свечени украси за глава украсени со скапоцени камења или стакло, извезени со злато, мониста и бисери. Современите дизајнери нудат своја, поедноставена верзија на овој украс која може да се носи секој ден.

Уште еден моден додаток биле лентите за коса. Девојките ги плетеле во плетенките, со што покажувале дека се подготвени за брак. По свадбата, панделките им ги подарувале на другарките. Денес не треба да знаете како да ги плетете лентите за да ги носите - можете да набавите модел со ластик.

Лукошко

Лукошко е вид корпичка која се користела за собирање печурки и бобинки и таква имала секоја селска куќа. Корпичката се правела од кора на листопадни дрвја или од прачки, достапни материјали кои често се користеле за изработка на предмети за секојдневна употреба.

Корпичката почнала да се третира како чанта дури во ХХ век и модата на плетени чанти се проширила не само во странство, туку и во СССР.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња