Легендарните облакодери на Москва: Зградата-метро, која мораше да се „замрзне“

Константин Кокошкин/Global Look Press
Нема многу згради во светот кои можат да се пофалат со сопствен влез во метро. Ова е приказна за Сталиновиот облакодер на плоштадот „Црвена порта“ (Красные ворота).

Локација: Улица „Садоваја-Спаскаја“ 21

Година на изградба: 1947-1953.

Што има во зградата: станбен комплекс, административен комплекс, влез во станица на метрото

Како е изградена?

Темелот за оваа зграда, како и за сите други „Сталинови облакодери“, е поставен во 1947 година на 800-годишнината од основањето на Москва. Местото за изградба не е случајно избрано.

Црвената порта и црквата „Св.Тројца архиереи“ во Москва (почеток на 1900-тите).

Во XIX век, на местото на облакодерот се наоѓала куќата на рускиот поет Михаил Лермонтов и црквата „Св. Тројца архиереи“ во која бил крстен поетот. А потоа тука до 1927 година стоеше Црвената порта, т.е. голема триумфална порта посветена на победата на руската војска во битката кај Полтава. Портата беше урната заради изградба на нов голем плоштад, кој беше наречен плоштад „Лермонтов“. Тој и денес го носи името на поетот, а облакодерот на Сталин го доби името „зградата на Црвената порта“ во спомен на поранешната триумфална порта.

Повеќекатницата кај Црвената порта

Според проектот беше предвидено во зградата да има влез во метрото. Пред тоа, ниту еден од седумте облакодери на Сталин не предвидуваше толку смело решение. Архитектите Алексеј Душкин и Борис Мезенцев сфатија дека комбинирањето на повеќекатница и влез во метрото ќе биде многу сложена задача, меѓу другото поради нестабилната московска почва, вибрациите и сл. Меѓутоа, сè дополнително стана покомплицирано со тоа што истовремено се градеа влезот во метрото и темелите на облакодерите (обично прво се градат сите подземни објекти, а потоа над нив се гради самата зграда). Имено, советското раководство не сакаше да губи драгоцено време (за такви работи беа потребни година и пол) и се одлучи за неверојатен експеримент.

Замрзната „кулата во Пиза“

Кога градителите почнаа да го копаат тунелот за метрото, ​​видоа дека ископаната јама веднаш се полнеше со подземни води, а темелот на самиот облакодер требаше да се изгради во непосредна близина на фоајето на идната метро-станица. Тогаш инженерите на „Метрострој“ дојдоа до необично решение и решија да ја замрзнат целата подземна вода во земјиштето до завршување на изградбата на самиот облакодер.

Шилецот на облакодерот кај Црвената порта во Москва. Поглед на југозапад кон Кремљ.

Ископаа 230 бунари со длабочина од 27 метри и во нив спуштија специјални столбови за замрзнување на почвата, кои ја одржуваа температурата на подземната вода на -20 степени Целзиусови. Тоа доведе до подигнување на почвата (волуменот на почвата се зголеми поради ширењето на водата за време на ладењето и претворањето во мраз), а Душкин и Мезенцев го имаа предвид тој факт. Затоа почнаа да го градат облакодерот под наклон, за кога водата во земјата ќе се одмрзне, зградата да не се урне поради поместувањето на центарот на тежиштето.

Така и се случи, во 1950 година, кога водата во земјиштето почна да се топи веќе изградениот облакодер под сопствената тежина ја зазеде правилната положба.

Модерни станови и сопствен влез во станица на метро

Облакодерот на плоштадот „Црвена порта“ во Москва.

Облакодерот заедно со шилецот е висок 138 метри и има 23 ката. Надворешната декорација, како што и доликуваше на амбициозните проекти од ерата на Сталин, е изработена од најскапите и најквалитетните материјали - природен варовник и црвен гранит, додека внатрешноста е направена многу поскромно отколку во другите облакодери.

Лобито на метро-станицата „Лермонтова“ (сегашна „Црвена порта“)

Во централниот хол, наместо гранит и мермер е користен нерѓосувачки челик бидејќи е практичен, а разни украси (како паноа за декорација на ѕидовите и таванот) не беа ни поставени.

Затоа становите, како и во другите облакодери, беа опремени со најнова техника: фрижидери, вграден мебел, мијалник со дробилка за крупен отпад. Имаа модерен систем за вентилација и филтрирање прашина, а температурата во внатрешноста на зградата се менуваше во зависност од сезоната.

Во моментов главниот дел од просториите во облакодерот го зазема корпорацијата „Трансстрој“, а на еден од катовите е отворен ресторанот „Лермонтов“, во спомен на жителот на Москва на местото каде што се наоѓала куќата на поетот. Метро-станицата „Црвена порта“ („Красные ворота“) и понатаму е во функција и, според планираното, во неа се влегува од зградата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња