Ова е Александар Петров, еден од главните актери во „Палата“, новата црна комедија на Полански

Александар Петров

Александар Петров

Антон Новодережкин/TASS
Лук Бесон меѓу многубројните кандидати за улогата во неговиот шпионски трилер „Ана“ непогрешливо го избра Александар Петров, а на претстојниот филмски фестивал во Венеција со голема возбуда се очекува премиерата на новиот филм на Роман Полански, сатиричната комедија „Палата“ со рускиот актер во една од главните улоги.

Роден е 1989 година во Переслав Залески, во семејство на електричар и медицинска сестра. Уште од раното детство сонува да стане фудбалер. Игра во спортското училиште и градскиот тим и добива покана да тренира во Москва. Но, поради повреда мора да престане да спортува и се запишува на Економскиот факултет.

На универзитетот игра во студентскиот театар КВН („Клуб на весели и снаодливи“), а во втора година учествува во работилница каде што се запознава со театарски педагози од Москва. После тоа решава да остави сè и да оди во познатото училиште во главниот град, државната театарска академија РАТИ-ГИТИС.

На филм почнува да се појавува уште во текот на школувањето, а негов прв важен проект е серијата со елементи на фантастика „Кога ќе процвета папратот“ во 2012 година. „Не копам по своите грешки, не ги анализирам до најситни детали. Тоа е веќе готово, снимено и емитувано, нема враќање назад“, признава актерот.

Александар продолжува да гради кариера во романтични комедии, акциони филмови, а со серијата „Метод“ во која го глуми саканиот човек на главниот женски лик, си го трасираше патот. Правата за прикажување на овој детективски психолошки трилер ги купи „Нетфликс“.

Александар Петров во „Привлекување“

За пресвртница во кариерата го смета филмот на Фјодор Бондарчук „Привлекување“ за вонземјански брод што слетува во Чертанови (градски кварт во Москва). За време на дистрибуцијата, филмот заработи повеќе од една милијарда рубли. Александар игра една од главните улоги, а на снимањето ја запознава својата голема љубов, актерката Ирина Старшенбаум. Беа во врска три години, се верија, но венчавката и бракот изостанаа.

Александар Петров во филмот „Гогољ. Почеток“

Биографските филмови и историските ликови навистина го „сакаат“ Александар. Да речеме, тој совршено се трансформираше во невротичниот и вознемирен Николај Гогољ во истоимената франшиза (за оваа улога беше награден на американскиот фестивал Accolade Global Film Competition), одлично го играше фудбалерот Едуард Стрелцов. „Имам впечаток дека сите ликови што ги играв се во склад со мојата личност. Впрочем, како можеш да играш некој кој воопшто не ти е близок“, истакнува тој.

Александар не ја запоставува ниту својата европска кариера. Играше кај Лук Бесон во шпионскиот трилер „Ана“ заедно со Хелен Мирен, Лук Еванс, Килијан Марфи. Се појави во помала, но маркантна улога на хулиган од деведесеттите години на минатиот век, чие однесување влијае на судбината на главниот лик.

Александар Петров во „Ана“ на Лук Бесон

Пресудните периоди во филмот го следат секој негов чекор. Во „Палата“ на Роман Полански дејствието се одвива на преминот од 1999 во 2000 година. Бруталниот, до кожа потстрижен руски момчак Антон, игран од Александар, како и другите ликови (Мики Рурк, Фани Ардан, Оливер Мазучи) се вовлечени во калеидоскоп на чудни настани.

„Фактот што се најдов во проектот на Роман Полански е вистински подарок. Излегува дека на некој начин сме од иста крв, бидејќи тој го третира филмот како чудо. Полански не само што снима филмови со неверојатен професионализам и не само што има дар од Бога, туку во секој детал го внесува она што мене ми се чини најважно во филмот, а тоа е елементот на чудо. Впрочем, без чудо нема ни филм“, истакнува Петров.

Покрај снимањето блокбастери („Мраз“, „Текст“), Петров стигнува да пишува и поезија, ги игра своите монодрами („Повторно роден“ и „Планетата Максимус“) и настапува на сцената на московскиот театар „Ермолов“. Актерите отсекогаш сонувале да го играат Хамлет, а Александар имаше среќа за тоа на 24 години. „Филмот во голема мера спаѓа во кругот на моите омилени интереси. Но, ниту без театарот не можев да живеам. Кога го играте Хамлет, чувствувате целосна катарза и ресетирање“, признава тој.

Засега не се познати понатамошните планови на Александар, ниту дали наскоро ќе се појави во некој руски или странски проект, но она што е сигурно е дека нема намера да запре. Особено што често повторува во интервјуата дека неговата главна цел во врска со филмот е „Оскар“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња