6 филмови и серии од Русија кои веднаш можете да ги погледнете на Нетфликс

Во моментов најинтересните руски филмови и серии на овој стриминг сервис, почнувајќи од трилери и акција до романтични мелодрами.

Епидемија / To the Lake (2019)

Најпознатата руска серија во странство. Се појави на платформата во 2020 година како Netflix Original и на крајот на годината стана осмата најгледана серија која не е на англиски јазик. Секако, на серијата помогна ѝ случајното совпаѓање со вистинската пандемија на корона вирусот, но клучот за успехот не е во тоа. Се работи за одлично напишан, феноменално снимен и одигран трилер. Не бадијала и самиот Стивен Кинг ја пофали „Епидемија“ на Твитер, пишувајќи: „многу добро...шпагети вестерн, но со снег“.

Епидемија на непознат смртоносен вирус доведува до социјална и политичка криза, а главните ликови одлучуваат да одат со автомобил на безбедно место. Во исто време групата е растргната од внатрешни несогласувања. Серијата е заснована на бестселерот на Јана Вагнер „Вонгозеро“, а изненадувачки, самата книга беше објавена во Америка дури ова лето. Во „Њујорк Тајмс“ е наведена како еден од најдобрите новитети на неделата.

Подобри од луѓето / Better than Us (2018)

Првата руска серија што се појави на платформата во престижната категорија Netflix Original. Покрај тоа, тоа е најдолгиот руски проект на овој видеосервис со 16 едночасовни епизоди.

Концептот на „Подобри од луѓето“ делумно потсетува на акциониот филм „Јас, робот“ (2004) базиран на расказот на Исак Асимов и норвешкиот хит „Вистински луѓе“ (2012). Дејствието се одвива во блиска иднина, во која андроидите станале дел од секојдневниот живот и ги замениле луѓето на нискоквалификуваните работни места. Ариса, која доаѓа во семејството на патолози, е прототип на новата генерација роботи. Таа е способна да чувствува, може да сака и мрази, постои самостојно и, и покрај законите на роботиката, може дури и да убие човек. Сè како кај луѓето.

Чернобил / Chernobyl 1986 (2021)

Данила Козловски е суперѕвезда на рускиот филм, ширум светот познат по сериите „Викинзи“ (го играше новгородскиот кнез Олег), „МекМафија“, „Велепредавство“, како и фантастичната хорор-комедија „Академија за вампири“. Меѓутоа, помалку познато е дека тој е и успешен режисер.

Играниот филм „Чернобил“, второто режисерско остварување на Козловски, беше донекаде упропастено од истоимениот конкурент. Во времето на појавувањето на американско-британската серија (2019) веќе се снимаше „Чернобил“ на Козловски, но денес ненамерно е придружен со назнаката „руски одговор“. Работата е всушност многу поедноставна, двата проекти се многу добри, во нешто слични, во нешто различни. Станува збор за визуелно инвентивен филм за катастрофа за тоа како пожарникарот Алексеј, не особено добар човек, е принуден да стане херој.

Сребрени лизгалки / Silver Skates (2020)

Неверојатно убав, вистински божиќен и романтичен филм заснован на прилично едноставна идеја: Петербург на крајот на XIX век, ишаран со водени канали, кога мразот ќе стегне станува лавиринт од лизгалишта. Кој има лизгалки е крал на градот. Зиме особено успешно оперира дружина џепчии-лизгачи предводена од марксистот Алексеј, во која случајно влегува чесниот младич Матвеј, чиј татко ги одржува и пали градските светла. Како што обично се случува во бајките, кутриот се вљубува во аристократката Алиса...

Автор на сценариото, базирано на делата на американската писателка Мери Мејпс Доџ, е Роман Кантор, коавтор на „Епидемија“. Заедно со режисерот на „Сребрени лизгалки“ Михаил Локшин моментално работи на екранизацијата на романот на Михаил Булгаков „Мајсторот и Маргарита“.

Мајор Гром: Доктор за чума /Major Grom: Plague Doctor (2021)

Во Русија нема толку богата традиција на стрипот како, на пример, во Америка или Франција, но во последно време индустријата бележи голем продор и почнува да го освојува филмот. „Мајор Гром“ е првата високобуџетна екранизација на стрип во Русија, која според замислата на авторот треба да роди цел филмски универзум како „Марвел“.

Дејствието на фантастичниот акционен филм се одвива во алтернативна реалност, во која непоткупливиот и суров детектив мајорот Гром влегува во судир со супернегативец кој себеси се нарекува Доктор за чума. Дејствието е повеќе од познато, но авторите ја истакнуваат петербуршката посебност, а акционите сцени се зачинети со хумор.

Sпарта / Sparta (2016)

Возбудлив трилер за тоа како виртуелниот свет може да влијае на реалниот свет. Наставничка се фрла низ прозорец за време на час. Истражител започнува истрага и открива дека децата во одделението играат исклучително брутална компјутерска игра.

Серијата донекаде потсетува на блокбастерот на Стивен Спилберг „Првиот играч на потег“ и серијата „Прво бакни ме“ во режија на Егор Баранов, познат по хорор-франшизата „Гогољ“, фантастичната биографија на класикот на руската литература Николај Гогољ. Во една од главните улоги се појавува Александар Петров, уште една суперѕвезда на рускиот филм. Странската публика имаше можност да го види во филмот на Лук Бесон „Ана“. Тој игра и во новата продукција на Роман Полански „Палата“, чија премиера се очекува во Венеција.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња