Русинката Гала – сопруга на Салвадор Дали и негова ѕвезда-водилка

Култура
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Дали сликарот би станал познат ако не била неговата сопруга Гала? Можеби да, а можеби и не. Во секој случај, таа одиграла посебна улога во кариерата на познатиот сликар.

Од Русија со љубов

Кога станува збор за Гала, сите упатени пред сѐ помислуваат на нејзиното потекло. Младата муза на Дали била Русинка која израснала во Москва. Нејзиното име било Елена Гомберг Дјаконова. Родена е во 1894 година во Казањ, за набргу потоа со семејството да се пресели во престолнината.

На свои 18 година Елена се разболела од туберкулоза, па нејзините имашни родители ја испратиле во шведското лекувалиште Клавадел за да закрепне. Таа таму се запознала со поетот-надреалист Пол Елијар кој ѝ го дал прекарот Гала, што на француски значи „празник“. Таа била вистинска инспирација на Пол, нејзе тој ѝ ги посветил своите љубовни песни.

Гала и Пол со текот на времето стапиле во брак, а во 1918 година ја добиле ќерката Сесил. Живееле нешто подолго од 12 години. Тоа бил „отворен“ брак, што значи дека и двајцата имале љубовни врски и тоа не го криеле. Најпознат љубовник на Гала во тој период бил познатиот сликар Макс Ернст. Тој едно време дури и живеел во иста куќа со неа и со Елијар.

Гала го запознава Дали

Познанството со Дали било неочекувано. Елијар и Гала во 1929 година го посетиле младиот каталонски сликар Салвадор. Гала била воодушевена, но воедно и многу се лутела.

„Ја чудеше складноста на моите расудувања, и веднаш под платното ми призна дека на почетокот сум ѝ бил одвратен и неподнослив поради лакираната коса како кај професионален танчар на аргентинско танго“, вака Дали ја опишува нивнаа прва средба во својата автобиографска книга „Таен живот“.

Тоа била судбоносна средба. Гала и Дали се засакале и набргу потоа таа се развела од Елијар, препуштајќи му ја грижата за ќерката (која никогаш не ја сакала, па дури и на умирање одбила да се прости од Сесил). Така Гала „полетала“ со непознатиот сликар во неизвесност.

На почетокот Гала и Дали биле мошне сиромашни. Таткото на Дали не сакал да го издржува сина си поради неговите ексцентрични испади, а неговите несфатливи слики никој не ги купувал.

Сфаќајќи колку е талентиран Дали, Гала веднаш започнала да „отвора врати“ на разни галерии, молејќи ги да прифатат експонирање на неговите слики. Во тоа инаку имала искуство, зашто завршила за продуцент и уметнички менаџер, па тоа ѝ помагало да ги промовира делата на Дали до ниво кое му донело светска слава.

Во нивниот дует таа била рационалната половина, како противтежа на незапирливиот талент и ексцентричен карактер на големиот сликар: „Наутро Салвадор прави грешки, а попладне јас ги исправам и ги поништувам договорите што тој лекомислено ги потпишал“, велела таа.

Гала му била финансиски менаџер на Салвадор, но и непресушен извор на инспирација. Била една од двете жени што тој ги сликал на своите платна (покрај Гала таква чест ѝ е укажана само на сестрата на Дали Ана Марија). Колку и да се труделе биографите да ја опишат сопругата на познатиот сликар, сепак тоа најдобро го направил тој самиот, и со слика и со зборови: „Имаше нежно тело, како детско. Линијата на рамената имаат речиси совршена облина, а мускулите на половината кои однадвор изгледаа кршливо, беа атлетски цврсти како кај момче. Но, затоа облината на долниот дел од грбот е навистина женствена. Грациозниот спој на витко, енергично торзо, тенка половина и нежни колкови ја правеше уште попривлечна“.

Живееја долго и среќно

По официјалното стапување во брак во 1934 година Гала и Салвадор отпатувале во САД. За неа тоа не било обично патување, но и дел од пошироката стратегија. Имено, Гала сакала талентот на својот сопруг да му го покаже на богатиот континент. И тоа се остварило. Колку што Дали станувал попопуларен, луѓето сѐ повеќе ја забележувале и Гала зашто тој насекаде се појавувал со неа, држејќи ја под рака. Новинарите за неа пишувале: „Таа го зеде беспомошниот и секако талентиран Дали и од него направи мултимилионер и ѕвезда од светски ранг“.

Заедно минаа 53 години. Дали нивниот брак го има опишано како нешто што секој би сакал да го искуси во животот – како „бескраен меден месец“.

Како и во бракот со Елијар, Гала имала љубовници, понекогаш дури и десет години помлади од неа. Салвадор и самиот се дружел со млади девојки. Но, и покрај тоа, тие никогаш не се разделиле и биле една целина – и во работата, и во приватниот живот.

Крај на љубовта

Во 1969 година дарежливиот Дали на својата главна муза ѝ го подари средновековниот замок Пубол во Каталонската провинција Џирона. За да остави што посилен впечаток на неа, тој го реставрираше замокот и лично ги наслика ѕидовите.

Гала го прифати подарокот под еден услов. Еве како го опишува тоа Дали во своите дневници: „Гала ме зеде за рака и ненадејно рече: 'Уште еднаш ти благодарам за сѐ. Го прифаќам замокот Пубол, но под еден услов: без моја писмена покана тука нема да се појавуваш'“. Салвадор за својата сопруга самиот велел дека има садистички склоности, па со ваквата одлука дури и бил поласкан, зашто сакал кога жената прави околу себе „непристапно утврдување“.

Меѓутоа, откако Гала започна да живее во замокот нивната меѓусебна страст постепено се намалувала. Дури и во доцните години таа се гледала со други мажи. Од друга страна, чувството на сопствена немоќ го правела Дали очаен. Често се карале. Во 1980 година сликарот тешко се разболе, по што нивната претходна страст практично целосно згасна. Две години подоцна Гала почина од тежок облик на грип во својата 89 година.

Дали ја исполни нејзината последна желба и ја погреба сопругата во замокот Пубол и ѝ направи гробница. Не дојде на погребот, но се појави на гробот неколку часа подоцна кога немаше никој во близина. Тој почина во 1989 година, седум години по смртта на својата главна „муза“.