Едноставни обреди и амајлии со кои малите народи во Русија се штитат од лошите духови

Russia Beyond (Георгий Петрусов/МАММ/МДФ/Russia in photo;Getty Images; Legion Media)
Тропање по мебел, камен во форма на стрела, ритуално облечен овен, овие и други начини за ослободување од несреќи, клетви и мрачните сили се користат и денес.

Башкирски триаголници

Башкирите за заштита од злите духови користат триаголни предмети. Наједноставниот обред вклучува парче хартија на кое се напишани ритуални заштитни зборови (обично се земаат делови од Куранот, но тоа не е задолжително). Потоа хартијата се витка во триаголник и се завиткува во мала крпа или марама. Таквите амајлии се носат околу вратот, во торба или во џеб на облеката.

Јакутско сребро

Јакутите веруваат дека сребрениот накит е сигурна заштита од лошите сили. Среброто треба да биде мат и темно, никако сјајно и полирано. Во повеќето случаи ваков накит го носеле не само жени, туку и мажи и деца. За една од најмоќните амајлии важи накитот со орнамент во вид на ромб, тнр. „биес харах“ (во превод петоок).

Чукотски лажици

Повеќето ритуали во борбата против лошите духови кај Чукчите подразбираат ритуално принесување жртва, но постојат и многу поедноставни начини. Обична лажица, која треба да ја чувате до вас и со неа да чукате по мебелот за да се слушне гласен звук. Чукчите веруваат дека гласните звуци ги бркаат лошите духови.

Татарски челик и камења

Татарите како заштита од мрачните сили често користат различни камења, но предност му даваат на камеолот. За да може обичен камен да се користи како амајлија, неговата форма мора да личи на врв од стрела.

Татарите исто така веруваат дека секој челичен предмет под перницата штити од лошите духови. Тоа било особено важно за децата и родилките.

Башкирска пиперка и лук

Башкирите користат како амајлии и црвени пиперки и лук. Ги ставаат над вратата и се сигурна гаранција дека во куќата нема да влезе ниту еден лош дух. Сепак, за секој случај, над вратата откај улицата се закачува и потковица или под прагот се става шајка.

Огновите на Евенките и овен во ритуална одора

Кај Евенките повеќето заштитни ритуали, како и кај многу малцински народи кои живеат во Русија, се поврзани со оган. Најчесто се користел помал оган, а на духовите како жртва се принесувале одредени намирници во зависност од целта што се сакало да се постигне. Така, ако требало да се исчисти душата од мрачните сили, во огнот се сипувала вотка, а за да се одоброволат духовите, се жртвувало месо (на духовите најмногу им се допаѓало еленското месо, но поради околностите тоа било заменувано со овчо месо). Модерните Евенки  речиси престанаа да убиваат животни за ритуални цели. Наместо тоа, овните сé почесто се облекуваат во ритуални одори и се пуштаат во шума.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња