Кога стасавме во посета кај модерните Чуваши бевме запрепастени од украсите на нивните жени.
Тоа беа шлемови целосно покриени со советски и со стари ковани парички.
Наскоро излезе дека споменатите украси за глава и ѓерданите се само увертира. Традиционалниот чувашки женски накит од парички можел да тежи и до 15-16 килограми!
Многу автохтони народи на Русија за накит користеле ковани монети. Се носеле во Удмуртија, во Татарстан, во Мари Ељ, во Башкирија. За тоа сведочи и зборот „монисто“, ѓердан од парички. Но, овој тренд никаде не бил во толкави размери како во Чувашија.
Најважна ставка биле украсите за глава што самите ги правеле. За девојките капата „тухја“ која изгледала како војничка кацига, а за мажените „хушпу“, отворена на темето, со долг „опаш“. Ваквиот опаш придонесувал за прав грб.
Капите биле богато украсени со тешки сребрени парички, а кога немало доволно се користеле „жетони“, односно имитација на парички. Избрани парички се наоѓале во близина на слепоочниците, а за време на одењето најсилно ѕвонеле. Се користеле само оние монети што не биле во употреба. Во музеите и на старите фотографии јасно се гледаат странски кованици, кои, очигледно, во Чувашија стасувале по Волга, главниот трговски пат во минатото. Покрај паричките, украси за глава се правени и од перли и од мали школки. И тие некогаш биле показател за добрата имотна состојба.
„Девојката jа ставала тухјата на главата кога ќе станела способна за раѓање, со што се покажувало дека е подготвена за брак и за потомство“, вели Надежда Селвестровa, управничка на Чувашкиот музеј на врските во Чебоксари. Тухјата се носела постојано, а се дополнувала со ѓердани со парички (се нарекувале „чапчушки“) и со обетки („алги“).
На венчавката девојката носела хушпа, а својата тухја ја подарувала на помладите сестри. „Хушпата се носела на празниците“, вели Надежда, „а, кога жената веќе била во години ја подарувала хушпата на својата најстара ќерка, а таа носела сурпан, повез во вид на марама. Кога се појавувала жена со капа хушпа на главата што ѕвони, како да велела дека таа може уште да раѓа“.
Покрај украсите за глава, чувашките жени носеле и ѓердани „шулгеми“. Тие потсетувале на торба или на плоча направена од парички со декориран додаток во средината (често со родовски знак, за што подетално пишувавме во статијата за чувашкиот вез). Од кованиците се правеле и обетки „алги“, исто така тешки и звучни.
Ваквиот накит, како што во старите времиња верувале Чувашите, претставувал талисман против злите сили, вели Надежда. „Девојките по правило се мажеле далеку, за да се избегнат бракови со блиски роднини, а при доаѓањето во новото место било потребно да се покаже статусот и да се заштитат од новите, уште непознати духови. Во традиционалната чувашка вера, сите живи битија имале свои духови, од изворите до шумите.
Заштитни својства немале самите парички, ами среброто од кои биле направени. Денес имаме и научни докази дека овој метал може да убие бактерии. Златните монети и имитациите Чувашите практично не ги користеле за накит.
Меѓутоа, постои и неверојатна легенда за потеклото на „шлемот“ со парички. Меѓу далечните предци на чувашките жени биле, ни повеќе, ни помалку, туку Амазонките, прославени по своите воени вештини. Легендата вели дека последните Амазонки го населиле регионот на Волга, а нивниот панцир станал женска носија. Инаку, во народната носија на мажите во Чувашија нема ковани парички.
Само на прв поглед може да се причини дека народната носија е нешто поврзано со старината. Во реалност, обичните луѓе во внатрешноста на Русија почнаа да носат модерна облека пред неколку децении. А, претходно секое домаќинство самото шиело (па, дури и ткаело).
Чувашите мошне го ценеле својот сребрен накит што со генерации се пренесувал. Но, денес практично повеќе го нема, а сето тоа е поради индустријализацијата и колективизацијата во раните советски години, а потоа и за време на Големата татковинска војна. Чувашите своите кованици и ги дале на државата. Средствата се искористиле за купување опрема, од трактори до тенкови. Во текот на гладните години, паричките се менувале за пари.
Денес ваквите историски украси можат да се видат само уште во оддалечените села на Чувашија и во етнографските музеи. „Луѓето ни го носат својот семеен накит, едноставно да го зачуваме“; вели Надежда.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче