Како рускиот балет „Заспаната убавица“ е за прв пат поставен на сцената во Европа

Russia Beyond (Photo: Public domain; Legion Media)
Во светската историја на уметноста Сергеј Дјагилев и неговиот „Руски балет“ станаа симбол на креативноста која ги поместува границите и е во потрага по нови идеи и форми. Затоа изведбата на овој балет во класичната кореографија на Мариус Петипа беше уникатен експеримент за Дјагилев.

Рускиот импресарио Сергеј Дијагилев не го замислуваше својот проект за Париз и Лондон како бескомпромисен потфат. Додека ја подготвуваше првата балетска „Руска сезона“ во 1908 година, тој силно сакаше да вклучи во програмата и еден од балетите на петербуршкиот класик на кореографијата Мариус Петипа. Но, сите околности беа против тоа. Во Париз, имено, рускиот балет тогаш се етаблираше како авангардна уметност која носи иновативни содржини и форми.

„Заспаната убавица“ во Мариинскиот театар, 1890.

Сепак, Дјагилев не се откажа од желбата да му прикаже на светот класичен руски балет. Мораше да чека повеќе од десет години за да му се укаже можност за тоа. И кога во 1921 година неговата трупа поради сплет на околности остана без кореограф, Дјагилев сфати дека дошол идеалниот момент. Изборот падна на „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски.

Сергеј Дјагилев

„Незаборавен ден! Три часа живеев во магичен сон, опиен од самовилите и принцезите, раскошните замоци што се прелеваат во злато, магијата на бајката... Целото мое битие како да го повторуваше тој ритам, тој блескав и свеж тек на прекрасните, веќе блиски на моето срце мелодии...“ – вака сценографот на идната поставка Лав Бакст, кој дојден по покана, го опиша своето запознавање со балетот.

Се сметаше дека уметникот (кој истовремено беше и сценограф и костимограф) заедно со кореографот е коавтор на претставата: „Заспаната убавица“ е балет во три чина со пролог и апотеоза. А Дјагилев го претстави во сиот негов раскош, со пет промени на сценографијата и триста костими“.

Костимите на Лав Бакст за „Заспаната убавица“

Директорот на трупата Сергеј Григорјев се сеќава дека импресариото беше толку инспириран од проектот што го подготвуваше како прва сезона. Само што премиерата требаше да се одржи во Лондон, а не во Париз. Таму Дјагилев, имено, успеа да издејствува за поставката за тоа време фантастична сума од 20 илјади фунти.

Сите околности му одеа во прилог на Дјагилев. Во тој момент во Париз, каде што се наоѓаше седиштето на „Рускиот балет“, се најде Николај Сергеев, директорот на Мариинскиот театар, кој совршено ја познаваше оваа претстава. Сергеев ја презеде на себе поставката на балетот. Дјагилев успеа за улогата на принцезата Аурора да ги ангажира Љубов Егорова и Вера Трефилова, угледни балерини на Империјалниот балет.

Љубов Егорова

Покрај тоа, тој успеа да ја добие од Русија и Олга Спесивцева, која стана нова светска ѕвезда.

Олга Спесивцева

Иако Дијагилев сметаше дека „Заспаната убавица“ е совршен балет, реши да внесе одредени новитети во него. Некои од нумерите на Чајковски беа реоркестрирани од Игор Стравински, а кореографски преосмислени од Бронислава Нижинскаја.

Лидија Лопокова во улогата на Аурора

Премиерата предизвика воодушевување, но не и таков триумф каков што очекуваше Дјагилев. Во текот на десетте години пред оваа премиера „Рускиот балет“, имено, имаше репутација на бескомпромисен промотор на новата уметност. Затоа редовните посетители на неговите претстави - интелектуалната, деловната и уметничката елита - беа затекнати од простодушноста и сериозноста со која беше изведена една стара бајка. Тука немаше никаква иронија, туку изобилство на дивертименти и раскош заради раскош.

Руски сезони во Австралија, 1936-1940.

Па сепак, „Заспаната убавица“ остана на репертоарот во Лондон три месеци со секојдневни изведби, па дури и со осум претстави неделно. Сето тоа беа рекорди на посетеност за една балетска претстава. Но, проблемот беше што Дјагилев сметаше на шестмесечна сезона. За да избегне апсење поради неплатени обврски, тој мораше да побегне од Лондон, а администраторите на трупата беа принудени да ги распродадат сценографијата и костимите.

Костим на Лав Бакст за „Заспаната убавица“

Така беа изгубени материјалните артефакти од првата европска постановка на класичниот балет на Мариус Петипа. Но, Дјагилев во старата претстава го забележа нејзиниот безвременски потенцијал. Како што се покажа, во сеќавањето на многу гледачи оваа претстава остана како чудесен сон, идеален балет, од чие сеќавање во текот на многу децении ќе се раѓаат нови претстави, па дури и цели уметнички правци. Така, пред десет години, кога Алексеј Ратмански со Американскиот балетски театар во Њујорк и миланската Скала се обиде да му го врати на светот балетот на Мариус Петипа во формата во која беше создаден, тој ги реконструираше сценографијата и костимите на Бакст. И на тој начин предизвика нов бран на интерес за поставката од 1921 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња