Како руските балерини ја научија Европа да танцува

Серафима Астафјева, Ољга Преображенскаја и Љубов Егорова

Серафима Астафјева, Ољга Преображенскаја и Љубов Егорова

Russia Beyond (Photo: Sputnik; Public domain)
Во првата половина на дваесеттиот век ширум светот поимите како што се „балет“ и „руски“ беа речиси синоними. Благодарение на феноменалниот успех на „Руските сезони“ на Сергеј Дјагилев, уметноста што во Европа важеше за архаична, забележа триумфално враќање на големите сцени.

За некој да стане член на професионална балетска трупа на почетокот на минатиот век морал да има руско презиме, а ако сакал да учи балет часовите кај балерините од руските Императорски театри биле неизоставни. Револуцијата од 1917 година сите нив ги исфрли од светлите просторни сали на Театралната улица во Петербург во мали темни студија во Париз, Ница, Лондон, Берлин, Загреб, Њујорк, Шангај.

„Морам да кажам дека своето танцувачко образование им го должам на руските педагози, солисти на Императорските театри кои предаваа во Париз“, истакнуваше легендарниот балетски танчар и кореограф Морис Бежар. „Во моментот кога дојдов во Париз наидов на цела колонија руски педагози кои денес е тешко да се опише. Тоа е свет којшто повеќе го нема. Сите тие, како да беа излезени од некој расказ на Чехов или на Гогољ“.

Запознајте ги балерините кои го научија светот да танцува.

Ољга Преображенскаја

Ољга Преображенскаја

За разлика од поголемиот број колеги, Преображенскаја започна да предава многу пред да замине во емиграција. Миленичката на прочуениот Мариус Петип која музиката знаеше да ја направи видлива и Цезар Пуни да го воздигне до Петар Чајковски, немаше добитна комбинација во ракавот, но имаше аналитички ум. Набљудувањето на часовите на предавачите од различни школи, од кои настојуваше да го земе само најдоброто, ѝ беа добредојдени во сопствената практика. Потоа, за помош во подготовките на нови ролји ѝ се обратија Агрипина Ваганова и Љубов Егорова. По револуцијата Преображенскаја имаше своја класа во матичната балетска школа. Нејзините истражувања во доменот на синтезата на италијанската решителна виртуозност, француската мекост и руската музикалност, го формираа маркантниот современ руски балетски стил кој подоцна дефинитивно најде свое место во системот на Ваганова.

Преображенскаја емигрираше од Русија во 1921 година, даваше часови во Буенос Аирес, Лондон, Милано, Берлин, додека конечно не се пресели во Париз. „Без оглед на виката што ги следеше нејзините часови, Ољга и нејзините ученици, без сомнеж, се почитуваа меѓусебно“, сведочеше балерината Нина Тихонова, ќерка на руски емигранти. „Ете зошто нејзините ученици, следени од тој гнев, всушност никогаш не се лутеа на неа. Во неа немаше ниту ронка вулгарност, нејзината иронија никогаш не беше навредлива. Верувам дека викаше за кај учениците да предизвика максимална тензија. Во балетот морате да научите како да ги држите под контрола нервите и да не ја губите главата“.

Нејзиното студио на булевар Капуцин стана едно од најатрактивните места за балетската Европа. Со листата на ученици што таа ги имаше ретко која друга академија можеше да се пофали. Меѓу нив беа Ирина Баронова, Марго Фонтејн, Игор Јускевич, Жорж Скибин, Милорад Мишковиќ, Надја Нерина, Андре Еглевски, Пјер Лакот и неколку генерации уметници коишто го дефинираа современиот балет во светот.

Љубов Егорова

Љубов Егорова

„Мојата учителка беше фантастична жена, Љубов Егоровна. Ми беше како мајка и многу придонесе за формирањето на мојата култура. Кога стасав во Русија за поставка на Фараоновата ќерка и отидов во Петербург во Театарскиот музеј за да најдам материјали за овој балет, на врвот на првата папка што ја отворив имаше фотографија на Егорова во нејзината омилена улога на Аспиција. За мене тоа имаше симболично значење. Таа беше тука за да ме заштити“, велеше кореографот Пјер Лакот.

Покрај Лакот во тоа време часови кај Егорова земаше и Морис Бежар. Имаше војна, а во париското студио беше ладно. Кога стануваше неиздржливо, Егорова која во емиграција се омажи за кнезот Никита Трубецкој, на помош го бараше мажа си: „Кнезу, донесете јаглен!“

Бежар немаше многу пари за часови. Години подоцна велеше како Егорова му организирала часови заедно со некоја неталентирана ученичка.

„Таа ќе плати, а ти ќе вежбаш“, била категорична добродушната Егорова, посветувајќи ѝ десет минути на богатата ученичка, а останатите педесет на талентираниот ученик.

Нејзиното париско студио отворено во 1923 година го посетуваа и Ролан Пети, Серж Лифар, Зелда Фицџералд, Розела Хајтауер и многумина други.

Серафима Астафјева

Серафима Астафјева, кон крајот на 19 век

Астафјева никогаш не стаса до титулата балерина ан Императорските театри. Високата танчарка со маркантен изглед се гордееше со блиските роднински врски со писателот Лав Толстој и најверојатно немала ниту амбициозни планови поврзани со кариерата. Се омажи многу млада, роди дете и се задоволуваше со епизодни солистички улоги. Но, во нив се покажуваше и Сергеј Дјагилев ја ангажираше во неговата прва „Сезона“ во Париз. Посебен успех постигна во Лондон, каде што ја менуваше Ида Рубинштајн во улогата на Клеопатра.

Астафјева реши да остане во Лондон каде што, не плашејќи се од ривалството со Ана Павлова, отвори сопствена балетска школа во Челзи. Беше ученичка на Екатерина Вазем, една од омилените балерини на Мариус Петип, и очигледно ги имаше усвоено нејзините методи на подучување. За дваесет години работа му ги даде на англискиот балет првите и најсјајни ѕвезди: Антон Долин, Алисија Маркова, Марго Фонтен.

Вера Волкова

Вера Волкова (десно), 1965 година.

Волкова не само што не беше балерина на Императорските театри, но не успеа ни да се запише на Театарската школа зашто периодот на нејзиното детство беше во годините на револуциите. Кога одлучи да учи балет веќе беше доцна. Но, во Петроград во тоа време за оние кои имаа повеќе години одошто е предвидено отворена беше школата на Балтичката флота, позната и како Школа на рускиот балет на Аким Волински. Токму таму својата педагошка дејност ја започнаа Ољга Преображенскаја, Марија Романова, мајката на Галина Уљјанова, како и Агрипина Ваганова, чија една од првите ученички беше токму Волкова.

Без оглед на забрзаната обука, од младиот педагог имаше научено сѐ за методиката на класичната балетска игра. Волкова никогаш не стана истакната балерина, но простувајќи се од сцената, Волкова не ја напушти страста кон танцот.

Откако во 1936 година се најде во Европа, таа почна да ги посетува париските балетски студија на Егорова, на Књазева, на Спесивцева. Војната ја натера да се пресели во Лондон. Таа ѝ држи часови на Марго Фонтејн која веќе стана ѕвезда во искачување во англискиот балет. Соработката која ќе трае целиот живот, позитивно се одрази врз судбината на двете дами, Фонтејн низ обуката стекна индивидуалност, а Волкова име.

Волкова добива покана да го води балетот во миланската Скала, а потоа и од славниот Дански кралски балет. Токму во Копенхаген таа се занимава со редакција на наследството на прочуениот балет-мајстор Бурновил, пред сѐ подигнувајќи го на врвот на прстите кордбалетот на неговата „Силфида“. Нејзиното око коешто изискуваше беспрекорен академизам во изведувањето, истовремено создаде современа форма, динамично подвижна, остра. Токму поради тоа во малата Данска се собра кремот на балетскиот свет, од Французинот Зизи Жанмер и Ролан Пети до Англичанката Светлана Берјозова, од Американката Мелиса Хајден до советскиот емигрант Рудолф Нуреева и Италијанката Карла Фрачи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња