Фјодор Алексеев. Никољската кула и Алевизовиот ров, 1800.
Сликарот Фјодор Алексеев го прикажува Кремљ од неочекуван агол. До 1814 година по должината на неговите ѕидини имало фортификациски ров кој подоцна бил пополнет со земја и претворен во алеја со дрвја.
Фјодор Алексеев. Црвениот плоштад, 1801 година.
Уметникот ги прикажа метежот и вревата на плоштадот со трговските тезги, како и функционалната Спаска капија на истоимената кула низ која се влегува во Кремљ.
Иван Мошков. Москва. Кремљ. Спаската кула (Поглед од Кремљ на капијата на Спаската кула), 1800-1802.
Сликарот Мошков ни дава можност да ја видиме внатрешноста на древниот Кремљ. Спаската кула е најважна и таа е во центарот, а лево од неа е манастирот „Вознесение Господово“, кој бил срушен во советско време.
Иван Ајвазовски. Пожарот во Москва 1812 година, 1851.
Ајвазовски е познат како сликар на морски пејзажи, па затоа овој пејзаж е невообичаен за него бидејќи не прикажува вода, туку друга стихија - оган. Прикажани се контурите на Кремљ, во чија позадина гори најголемиот пожар во историјата на градот за време на војната со Наполеон. (Овде прочитајте повеќе за тоа кој ја запалил Москва)
Алексеј Саврасов. Московскиот Кремљ. Пролет, 1873.
Сите слики на Саврасов зрачат со своевидна руска меланхолија. Неговата природа е секогаш тажно овената и максимално реална. Дури и Кремљ е прикажан во позадината на старата ограда. Од друга страна, тука е и пролетното сонце кое влева оптимизам.
Архип Куинџи. Москва. Поглед на Москворецкиот мост, Кремљ и Храмот „Василиј Блажени“, 1882.
На оваа слика Кремљ е композициски центар, а сè друго изгледа како да е графички скицирано. Куинџи, рускиот мајстор на осветлувањето, си поигрува фантастично со светлината и сенката, доловувајќи ги тоновите на сончевиот ден.
Архип Куинџи. Москва. Поглед на Кремљ од Замоскворечје, 1882.
Уште една слика на Куинџи која го прикажува Кремљ од другата страна. Се чини дека, како и во првиот случај, главната работа на неа не е Кремљ, туку играта на светлината.
Архитектонскиот пејзаж е претставен со своевиден калеидоскоп на згради и прикази на Москва. Според зборовите на самиот уметник, сета тоа „шаренило“, „декоративно-раскошна убавина“ ја разместил околу камбанаријата на Иван Велики, како централна точка на Кремљ. И, се разбира, во овие црвени потези на сликарската четка може да се препознаат ѕидините на Кремљ и впечатливиот храм „Василиј Блажени“.
Василиј Кандински. Москва. Црвениот плоштад, 1916.
Низ прозорецот на ателјето на Кандински, исто така авангарден сликар, пукаше поглед на Кремљ. Уметникот го забележа на платно целиот московски „оркестар“ од цркви, куќи и фабрички оџаци.
Борис Кустодиев. Пазар на Цветници кај Спаската капија на Црвениот плоштад во Москва, 1917 година.
Кустодиев сакаше жанровски сцени, а Црвениот плоштад го прикажуваше како што е од памтивек, т.е. како пазар. На сликата е метежот пред Велигден. Тука се и трговците, и средношколците, и благородниците во крзнени капути. А тука е и прекрасниот храм „Василиј Блажени“ и дел од Спаската кула.
Аполинариј Васнецов. Московски кремљ. Храмовите. 1894.
Златните куполи на храмовите на Кремљ кои блескаат на сонце, претставуваат една од најубавите разгледници на стара Москва.
Аполинариј Васнецов. Облаци и златни куполи. Симоновиот манастир, 1920-ти.
Васнецов се восхитува на убавината на Симоновиот манастир во Кремљ. Урнат е во советско време и е зачуван само на сликарски платна и стари фотографии.
Аполинариј Васнецов. Дуќанчиња со книги на Спаскиот мост, 1916 година.
Васнецов, мајстор на историскиот пејзаж, ги прикажува белите ѕидини на средновековниот Кремљ.
Уметникот има и цела серија слики во кои ја следи историјата и промените на московскиот Кремљ, од дрвен со бели ѕидини, до тврдина од црвени тули.
Московскиот кремљ за време на владеењето на Иван Калита, 1921.
Претпоставениот изглед на Кремљ со бели ѕидини изградени од Дмитриј Донски. Крај на XIV век. 1922 година
Московскиот кремљ за време на владеењето на Иван III, 1921.
Процутот на Кремљ. „Мостот на сите свети“ и Кремљ кон крајот на XVII век, 1922.
Михаил Бобишов. Почесна стрелба. Москва. Кремљ 1945, 1958.
На овој акварел сноповите светлина ги претставуваат почесната стрелба и радоста по повод Победата. А народот ита на Црвениот плоштад за да го прослави овој долгоочекуван ден.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче