Изложба на слики во Париз. Пабло Пикасо не може да влезе зашто ја заборавил поканата.
„Докажете дека сте Пикасо“, му велат. Сликарот го црта гулабот на мирот и го пуштаат да влезе.
На истата изложба пристигнува Екатерина Фурцева. И таа ја заборавила поканата. Не може да влезе.
- Но, јас сум министерка за култура на СССР! – се буни таа.
- Докажете ни! Еве, Пикасо ни докажа!
- А, кој е Пикасо?
- А, тоа сте вие, госпоѓо министерке, повелете влезете!
Ова е еден од најпознатите вицови за Екатерина Фурцева, која често ја обвинуваа за неупатеност, недоволно образование, отсуство на вкус и тесни хоризонти во сферата на уметноста. Меѓутоа, благодарение на неа е одржана првата ретроспективна изложба на Пикасо во Пушкинскиот музеј во Москва во 1956 година.
Фурцева на изложба на слики
Јуриј Абрамочкин/SputnikЕкатерина Фурцева (1910-1974) 14 години беше министерка за култура на СССР и во историјата е запаметена како прилично контроверзна личност. Од една страна ги забрани концертите на „штетните“ капиталистички „Битлс“ и „Ролинг Стоунс“, се приклучи на хајката против Борис Пастернак, а кинематографијата ја подвргна на бесконечна цензура. Од друга страна, договараше посети на странски филмски ѕвезди во СССР, гостувања во миланската „Скала“, изложување на француските импресионисти, на „мона Лиза“ од Леонардо да Винчи.
Патем, можеби единствено за Хрушчов имаше повеќе вицови одошто за Фурцева, што укажува на влијанието и впечатливоста на нејзината личност. Таа, секако, не беше длабински упатена во прашањата за литературата, за музиката и за сликарството, но ги ценеше познавачите на уметноста и раководителите со нивните совети во најразлични области. Дури и лично има спасено неколку филмови и театарски претстави од цензура.
Министерката на култура Екатерина Фурцева
Павел Маныч/МАММДФ/russiainphoto.ruДодека за вруме на основањето на советската држава имаше многу угледни револуционерки, па болшевиците се гордееја со тоа што воспоставија рамноправност, за време на Сталин и по него во СССР жените не се наоѓаа на толку високи позиции. Затоа брзиот раст во кариерата на Фурцева беше пред сѐ исклучок одошто правило. Таа беше меѓу ретките жени во педесеттите години од минатиот век која успеа да се пробие во највисоките кругови на власта, но и повеќе од тоа: во текот на дваесеттина години беше и една од највлијателните личности во земјата.
Имаше идеална биографија за советски државник: родена во работничко семејство, беше активистка во Комсомолот, а потоа еден од неговите лидери. За време на Втората светска војна учествуваше во евакуацијата на експонатите од московските музеи. Рано се зачлени во комунистичката партија, се занимаваше со спорт и, според легендата, кога му ја претставиле на Сталин, тој ѝ упатил комплимент.
Фурцева и Хрушчов 1963. година
Владимир Мусаељан/ТАССВо педесеттите години беше поставена за заменичка на Никита Хрушчов, кој се наоѓаше на чело на московскиот партиски комитет. На свои 40 години беше фактички втор човек во Москва.
Од 1954 до 1957 година Фурцева фактички беше „газдарица на Москва“, откако се најде на чело на градскиот партиски комитет на местото на Хрушчов, кој премина на раководна позиција во земјата. Додека се наоѓаше на оваа функција во градот беа подигнати голем број згради и објекти кои денес се сметаат за препознатливи обележја на Москва. На пример, стадионот „Лужники“, продавницата „Детски мир“, книжарницата „Москва“ на Тверскаја улица. Токму таа го реализираше планот за масовна изградба на достапни станбени згради, прочуените „хрушчовки“.
Фурцева сакаше да напредува на партиското скалило, па дури и стана член на Президиумот на Централниот комитет на партијата. Но, поради внатрепартиски интриги и конфликти со Хрушчов, фактички се најде во немилост и подоцна не беше повторно избрана за член на Президиумот.
Климент Ворошилов,Семјон Будјони и Екатерина Фурцева во Кремљ
Павел Маныч/МАММДФ/russiainphoto.ruЗатоа своето именување за министер за култура на СССР во 1960 година го доживеа како назадување во кариерата, а не како успех. И... си ги пресече вените.
Сепак беше спасена. Кога се прибра, со ревност на некогашна комсомолка и спортистка се фрли на работа.
Токму таа го иницираше одржувањето на Московскиот меѓународен филмски фестивал, како и легендарниот VI Светски фестивал на младината и студентите. Во рамките на овие две манифестации во Москва се собра неверојатен број странци, кои целосно ја преобразија советската престолнина.
Аргентинската глумица Лолита Торес и Екатерина Фурцева
Евгений Халдей/МАММДФ/russiainphoto.ruФурцева секогаш посветуваше особено внимание на театарот. Беше опседната со идејата за основање аматерски театри и сметаше дека на социјализмот му се потребни само такви театри, додека професионалните се надминати. Со тоа е поврзана една анегдота за Фурцева. Кога по кој знае кој пат инсистираше на аматерски театри, наводно ја прашале: „А, зошто не се обратите на аматерски гинеколог, доколку ви затреба помош во врска со женското здравје?“
Одлево надесно: италијанската глумица Џина Лолобриџида, Јуриј Гагарин, глумицата Мариза Мерлини и министерката за култура на СССР Екатерина Фурцева за време на приемот по повод II Московски меѓународен филмски фестивал.
Јаков Халип/SputnikЗа време на Фурцева изграден е голем број денес култни театри и реновирани се зградите на старите. Меѓу нив се Театарот на естрадата, Театарот на Таганка, новата зграда на МХАТ и театарот „Современик“, како и концертната хала „Русија“ и Големиот циркус на авенијата Бернадски.
Фото-репортерот на весникот „Известија“ Александар Стешанов и министерката за култура на СССР Екатерина Фурцева на прием по музичкиот наѕтпревар „Чајковски“.
Григориj Дубински/Газета Известия/russiainphoto.ruВо нејзино време процут доживеа и цела генерација поети: Евгениј Евтушенко, Андреј Вознесенски, Роберт Рождественски, Бела Ахмадулина. Тие беа толку популарни што со своите настапи можеа да наполнат цели стадиони.
Фурцева исто така иницираше турнеи на Бољшој театар и на други руски театри во странство, вклучувајќи ги и САД. Додека во Советскиот Сојуз гостуваше миланската Скала, ремек-делата на њујоршкиот „Метрополитен“ и други западни музеи.
Фурцева (во средината) на изложба на Анри Матис во Пушкиновиот музеј.
Эммануил Евзерихин/МАММ/МДФ/ТАСС/russiainphoto.ruСе сметаше дека Фурцева не се разбира од уметност, но благодарение на неа се одржани првите изложби на француските импресионисти, на Марк Шагал, на трофејни ремек-дела од Дрезденската галерија и на богатствата од гробницата на Тутанкамон. Исто така тука е и уникатната изложба со една слика – „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи (по што ова дело повеќе никогаш не го напушти Лувр).
Повеќегодишната директорка на Пушкиновиот музеј Ирина Антонова се сеќава: „Имаше страст кон големи проекти. Да се однесе ремек-дело од Ермитаж, од Третјаковска галерија, од Рускиот и од Пушкиновиот музеј во Јапонија без осигурување и на лична одговорност – знаеше да ризикува...“
Фурцева имаше исклучително чувство за стил, секогаш носеше префинети фустани, струкирани костими, убави чевли, идеално обликувани кадрици.
Екатерина Фурцева во Лондон, 1963 година.
George Stroud/Daily Express/Hulton Archive/Getty ImagesИстовремено беше жена со челична волjа и тешко дека некоjа друга можеше да постигне такви успеси. Беше верен „војник“ на партијата и ревносно се бореше против нејзините „непријатели“. Денес често ја критикуваат зашто ја поддржуваше хајката против Борис Пастернак за објавувањето на „Доктор Живаго“ на Запад и за Нобеловата награда за литература. Ги забрани и турнеите и настапите на виолончелистот Мстислав Ростропович зашто го поддржа Солженицин, па музичарот мораше да ја напушти земјата.
Фурцева го забрани и, на пример, воениот филм за колаборационистите „Проверка на патиштата“ (1971) кој беше прикажан дури во 1986 година и денес се смета за еден од најдобрите филмови за војната. Причината беше во тоа што во филмот беше прикажано сожалување кон оние кои му се предале на непријателот. Но, се зборува дека Фурцева приватно имала нетрпеливост кон актерот Ролан Биков. Го забрани и детскиот филм „Внимавај, желка!“, зашто ѝ се присторило дека алудира на настаните во Чехословачка од 1968 година.
Екатерина Фурцева и пејачот Леонид Утјосов на неговиот седумдесетти роденден
Павел Маныч/МАММДФ/russiainphoto.ruПејачот Муслим Магомаев се сеќава: „Беше исклучителна личност и на свое место. Ја сакаше својата работа, ги сакаше уметниците. На многумина им помогна да станат она што се. Но, од некоја причина денес се смета дека треба само да се критикува. Мене ми се чини дека тоа е недостојно. За волја на вистината, беше дел од оној систем, но, за разлика од многумина, во него работеше со познавање на работата што ѝ беше доверена“.
Екатерина Фурцева, поетот Евгениј Евтушенко и вајарот Ернст Неизвестни
Александр Устинов/Архив Нинели Александровны Устиновой/russiainphoto.ruВо седумдесеттите години од минатиот век почнаа да кружат гласини за тоа дека Фурцева има проблеми со алкохолот. По обидот за самоубиство, беше психички нестабилна, сметаше дека партиското раководство не ја цени доволно, а освен тоа во приватниот живот не беше среќна (маж ѝ ја изневеруваше).
Од местото министер за култура беше тргната без предупредување, поради обвинение дека наводно трошела државни пари за изградба на викендичка. Тоа беше тежок удар за неа и срцето набргу ѝ откажа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче