Зошто СССР ѝ ги врати на Германија сликите на Рафаел и други ремек-дела од Дрезденската галерија?

Russia Beyond (Public Domain, Елизавета Микулина / Sputnik, Валентин Черединцев / TASS)
Во Пушкиновиот музеј во Москва на 2 мај 1955 година беше отворена изложбата на ремек-дела од Дрезденската галерија, кои советската војска по капитулацијата ги однесе од Германија. Зошто жителите на Советскиот Сојуз дури 10 години по крајот на војната имаа можност за прв и последен пат во живо да ја видат „Сикстинската мадона“?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Ноќта помеѓу 13 и 14 февруари 1945 година, на крајот од Втората светска војна, се случи еден од најразорните воздушни напади врз градот во целата негова историја. 773 британски бомбардери во два брана исфрлија огромно количество бомби врз легендарниот Дрезден со околу 630 илјади жители. По ноќниот напад од страна на Британците врз незаштитениот град во текот на следниот ден следуваше бомбардирање од страна на 311 американски бомбардери. По ваквите разорни напади фантастичната барокна архитектура на градот, вклучувајќи ги и зданијата на познатите уметнички галерии, лежеа во урнатини. А, многу уметнички предмети кои се наоѓаа таму засекогаш беа изгубени.

За среќа, значителен дел од експонатите успеаја да ги преживеат воените дејствија надвор од Дрезден. Евакуацијата на музејските скапоцености нацистите ја започнаа уште во 1938 година, а до 1943 година таа беше практично завршена. Големата „преселба“ беше реализирана на иницијатива на Хитлер, чии амбициозни планови ја опфаќаа и музејската сфера.

„Музејот на Фирерот“ во Линц

Хитлер своето детство го минал во Линц, австриско гратче на брегот на Дунав. Тука тој победнички се врати по анексијата на Австрија во 1938 година. Тука, исто така, планираше да основа сопствен супермузеј, во чиј состав би се нашле ремек-делата од музеите од сите освоени територии. Хитлер лично го водеше процесот на составување на оваа „најголема уметничка колекција во историјата“. Оваа огромна операција го носеше називот „Специјална мисија Линц“ или „Музеј на Фирерот“.

Хитлер имаше намера од Линц да направи културна престолнина не само на нацистичка Германија, ами и на целиот свет. Според неговата замисла, требаше тоа да биде „град на уметноста“ за пример, каде освен галериски слики, колекции на скулптури и многу други работи, би се наоѓале и опера, библиотеки, кина и други институции. Супермузејот заземаше посебно место во животот на фирерот. За тоа зборува и фактот што неговата архитектонска макета се наоѓаше во посебен музеј заедно со Хитлер сè до неговото самоубиство во мај 1945 година.

Со формирањето на колекцијата за супермузејот се занимаваше директорот на Дрезденските уметнички колекции Ханс Позе, еден од најдобрите познавачи на уметноста во земјата. Базата беше составена од ремек-дела од неколку германски музејски колекции. Државните колекции на земјите што Хитлер ги вбројуваше во „западната цивилизација“, на пример на Франција и на Австрија, останаа недопрени. Меѓутоа огромен дел уметнички дела беа предмети конфискувани од „непријателот на нацијата“ и од „безвредните народи“, во кои нацистите ги вбројуваа Словените и Евреите.

Токму поради таа причина уште пред почетокот на Втората светска војна големи дела од Дрезден, меѓу кои и „Сикстинската мадона“ на Рафаел, „Портрет на дама во бело“ на Тицијано, дела на Вермер, Дирер, Рембрант, Холбајн, Кранах и на други сликари беа спакувани и испратени во депоата и во тајни складишта западно од Лаба.

Пронаоѓањето на ремек-делата

Во мај 1945 година во еден каменолом во близина на населеното место Гроскот групата под команда на советскиот поручник Леонид Рабинович пронајде скриено складиште со слики од Дрезденската галерија, меѓу кои се наоѓаше и легендарната „Сикстинска мадона“ на Рафаел. Таа не беше единственото место на кое Советите пронајдоа вредни уметнички дела.

Пушкинов музеј

Слики и други предмети од неколку такви ризници веднаш беа префрлени во летната резиденција на саксонските изборни кнезови Пилниц. Тука стручњаците од посебната комисија за воени трофеи проверуваа дали предметите се оштетени и ги подготвуваа за понатамошен транспорт во СССР.

По војната во 1956 година Рабинович ги објави романизираните мемоари „Седум дена“ (под книжевен псевдоним Волински) за потрагата по богатството од Дрезден. Сеќавајќи се како е пронајден и отворен сандакот со „Сикстинската мадона“ авторот во уметнички облик го опишува посебниот однос на војниците кон оваа слика: „...поради што луѓе кои се неупатени во уметноста <...> привидно рамнодушни кон она што го воделе потоа <...> се приближуваа до сликата и долго стоеја пред неа, а потоа се оддалечуваа молкум на прсти?“

На 11 август 1945 година „Сикстинската мадона“ заедно со други делови од колекцијата на Дрезденската галерија пристигнаа во Москва, во Државниот музеј за ликовни уметности „Александар Пушкин“. Набргу таму започна детална реставрација.

„Целосна тајност“

Пушкинов музеј

На почетокот не се поставуваше прашањето за враќање на дрезденските ремек-дела во Германија. Советското раководство планираше да ги вброи во фондот слики на старите мајстори во колекцијата на Пушкиновиот музеј. Познатиот советски историчар на уметноста Андреј Чегодаев, тогаш задолжен за трофејскиот фонд на музејот, меѓу другото, остави и вакви сеќавања: „Ми беше наложено <...> да ја распоредам целата галерија слики на музејот така што нашите слики ќе се измешаат со дрезденските. Но, тогаш не стануваше никаков збор за 'спасување' на Дрезденската галерија, тие се сметаа за воени трофеи“. Меѓутоа кога сликите беа закачени, некој од највисокото раководство забрани да се прикажат на пошироката јавност. Сликите донесени од Германија требаше да се сместат во две сали каде влез можеше да одобри само директорот на музејот и тоа само за избрани“.

Кон крајот на четириесеттите години од минатиот век Сталин веќе потпиша указ со кој забрани каков и да е пристап кон овие дела. Во салата во која се наоѓаа можеа да влезат само директорот на музејот Сергеј Меркуров, реставраторите и самиот Андреј Чегодаев. „Дрезденската галерија беше префрлена во режим на 'потполна тајност', со цел никој да не може да насети дека овие дела сепак се наоѓаат во музејот“, запиша тој.

Во 1955 година советското раководство донесе одлука оваа исклучително богата колекција да ѝ се предаде на Германската Демократска Република. Во белешката од 3 март 1955 година упатена до Президиумот на ЦК на КПСС, министерот за надворешни работи Вјачеслав Молотов го отвори прашањето за сликите од Дрезденската галерија. „Денешната ситуација со Дрезденската галерија е ненормална. По ова прашање можат да се предложат две решенија: или да се соопшти дека сликите како воени трофеи му припаѓаат на советскиот народ и да се дозволи пристап на пошироката јавност, или да му се вратат на германскиот народ како нивна национална сопственост. Во сегашната ситуација второто решение изгледа подобро. Предавањето на сликите од Дрезденската галерија ќе придонесе за понатамошно зајакнување на пријателските односи помеѓу советскиот и германскиот народ и воедно ќе ги унапреди политичките позиции на Германската Демократска Република“.

Политичкото решение преовлада.

Советската историја на „Сикстинската мадона“

Пред враќањето во Германија сликите сепак беа изложени за советската јавност. Изложбата беше отворена наспроти првата десетгодишнина од Победата, на 2 мај 1955 година. Предизвика длабоки и искрени реакции во срцата на луѓето кои ја преживеаја трагедијата на Втората светска војна. „Секој ден доаѓаат илјадници посетители. Луѓе пристигнуваат од други градови за да ги видат сликите на Тицијано, на Рембрант, на Дирер и на Вермер, кои претходно ги гледале само на репродукции. Посетителите долго стојат пред бесмртната Сикстинска мадона“, се наведува во репортажата на списанието „Огоњок“

Пушкинов музеј

За вработените во музејот кои преживеаја тешки воени и повоени години изложбата беше голем предизвик. Во текот на десет години, колку што сликите минаа во музејот, советските стручњаци ги реставрираа и внимателно ги проучија. Тоа им овозможи во кус рок (за три и пол недели) да направат план на изложбата, да состават каталог и кус водич, да подготват екскурзии и предавања за изложбата. За поставување на дрезденските слики требаше да се ослободат четиринаесет сали и во депото да се сместат над 2.500 дела од постојаната изложба.

До затворањето на изложбата музејот работеше секој ден по 12-14 часа. Луѓето доаѓаа од далеку. За првпат редицата посетители се извиваше околу целата зграда на улицата Волхонка. Беа направени 2.000 екскурзии и над 1.000 предавања. За четири месеци изложбата ја посетија 1,2 милиони луѓе.

На оваа изложба сликата повторно ја виде и Леонид Рабинович кој ја пронајде: „Десет години подоцна се качувам по мермерните скалила на музејот во Москва и срцето ми замира од нетрпение, како кога човек му приоѓа на пријател по многу години раздвоеност“.

Изложбата беше затворена на 25 август 1955 година кога беше одржана церемонијата на потпишувањето акт за предавање на првата слика – „Портрет на момче“ на Албрехт Дирер. Ремек-делата едно по друго потоа ја напуштија Москва.

Советскиот Сојуз на Источна Германија ѝ предаде вкупно 1.240 реставрирани сликарски дела и 1.571.995 експонати на Пергамскиот жртвеник и на збирката „Зелен трезор“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња