На почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес на изработка на колор-фотографии кој дава исклучително живописни фотографии со мноштво детали. Неговото сфаќање за фотографијата како форма која има образовна и просветна улога просведочено е со посебна впечатливост на неговите фотографии на архитектонските споменици од историските локации ширум Русија. Основниот дел од колекцијата на Прокудин-Горски е влезен во составот на американската Конгресна библиотека.
Прокудин-Горски во Америка исто така развил бизнис за производство на разгледници во боја и илустрации во книги. Неговите печатени дела опфаќаат фотографии во боја, веројатнo направени во 1907 година, на една од најпознатите знаменитости на Санкт Петербург, црквата која поради тоа што се наоѓа покрај Грибоедовиот канал (некогашен Екатериински канал), местото на убиството на царот Александар Втори во март 1881 година, познат како Храмот Спас на Крвта (1883-1907).
Иако Санкт Петербург е познат по својата грандиозна архитектура во барокен и во неокласичен стил, препознатлив во комплексите како што е Зимскиот дворец, изгледот на градот во подеднаква мера го дефинира оваа импресивна црква изградена во неоруски стил.
Во величествен контраст еден од најголемите неокласични споменици во градот – Казањската црква или црквата на Богородица од Кaзањ – оддалечена е само два блока од истиот канал.
Казањска икона на Богородица
Веќе во осумдесеттите години од 18 век постоеле планови да се преуреди скромната црква на Раѓањето на Пресвета Богородица на Невската авенија, местото во кое се чува чудотворната Казањска икона на Богородица. Оваа икона, често копирана и еден од најпочитуваните прикази на Богородица со Исус, според преданието е откриена по пожарот од 1579 година во кој настрадал дел од Казањ.
Иконата добила на значење на почетокот на 17 век кога се верувало дека одиграла значајна улога во спасувањето на Русија по династискиот хаос на Смутната доба. Затоа е непрекинато поврзана за династијата Романови, основана во 1613 година. Петар Велики во 1721 година една од најстарите копии на иконата ја донел во новата престолнина Санкт Петербург.
Настанувањето на ремек-делото на архитектурата
Архитектот на црквата Андреј Воронихин (1759-1814) роден е во кметско семејство на уралскиот имот на грофот Александар Сергеевич Строганов, потомок на едно од најбогатите семејства во Русија. Како упатен мецена на уметноста, Строганов го препознал талентот на Воронихин, го довел во Москва во 1777 година, каде што му дал слобода и му обезбедил архитектонско образование.
Царот Павел во 1799 година распишал конкурс за изградба на нова црква која што требало да ја одразува величественоста на Рим. Александар Строганов се нашол на чело на комисијата и Воронихин бил избран за архитект. Иако неговите квалификации биле спорни, довербата на Строганов се покажала оправдана, како во поглед на организацијата на огромниот процес на изградба, така и во поглед на величественоста на самиот дизајн.
Казањската црква има облик на латински крст со коринтски пронаоси на западната, на северната и на јужната страна и полукружна апсида на истокот. Релјефниот фриз над апсидата го прикажува Влезот на Христос во Ерусалим. Овенчана со голем парапет, црквата е крунисана со купола над рамбурот чии пиластри ги рефлектираат низи столбови во долниот дел на градбата.
Позицијата на црквата на Невската авенија изискувала ингениозно решение. Со оглед на тоа што главната оска на катедралата (исток-запад) е паралелна со Невската авенија, архитектот ја креирал величествената северна фасада која излегува на авенијата со полукружна колонада.
Според оригиналниот план иста таква колонада требало да има на јужната страна на зданието< но со оглед на огромните трошоци не била изградена. Главниот влез од западната страна е скриен зад северната колонада.
Убавина во детали
Ѕидовите од тула се покриени со пудостски камен, травертин од блискиот рудник во Гатчина. Овој камен е лесен за обработка, па оваа негова особина е искористена во изградбата на монументалните релјефи на библиски теми и на скулптурните панели.
Надворешните столбови и капителите, подредени во низи од по четири, исто така се од пудестски камен, со различни детали во гранит, варовник и мермер. Бронзата е користена во изградбата на статуите, вклучувајќи ги и свети Владимир и Александар Невски.
Величествениот ентериер е организиран со помош на колонади од 56 возвишени коринтски столбови кои го дефинираат центарлниот наос и страничните краци на структурата. Столбовите високи 10,7 метри се направени од измазнет црвен фински гранит со позлатени бронзени капители. Подот е мозаик од камен претежно донесен од Урал.
Центарот на ентериерот е просторот под куполата. Внатрешната тамбура во долниот дел содржи насликан фриз како имитација на скулптура со сцени од животот на Христос и на Богородица.
Национално светилиште
Кога во 1811 година е завршена нејзината изградба, Казањската црква започнала да се доживува како национално светилиште. Тука во 1812 година биле сместени во војната добиени француски трофеи, а во јули 1813 година во црквата е погребан кнезот Михаил Голенишчев-Кутузов, кој ја предводел руската војска во борбата против Наполеон.
Казањската црква му припаѓа на монументалниот стил на класицизмот чија репрезентативна градба е цркавата на свети Петар во Рим. Со северната колонада црквата на величествен начин ги интегрира архитектонската форма и јавниот простор.
Конечно, Казањската црква ја маркира Невската авенија на местото на кое таа преминува преку Грибоедовиот (поранешен Екатеринински) канал. Зградата на Сингер, подигната од другата страна на авенијата во 1902-1904 година, подоцна се приклучила на оваа задача, како и црквата Спас на Крвта. Овие две светилишта, изградени во толку различни стилови и сместени во видокруг една од друга, ја одразуваат бурната судбина на династијата Романови и на цела Русија.