Првиот крстен од секој христијанин го изведува околу крстилницата веднаш по светата тајна на крштевањето. Поголемиот дел христијани тоа го прави во прегратките на возрасно лице, зашто тогаш е бебе. Според правилата на тајната на крштевањето по три потопувања во вода и по миропомазание „новоизбраниот Христов воин“ трипати ја обиколува крстилницата, одејќи зад свештеникот кој во раката држи крст. Ако се крштева новороденче, во прегратка го носи кумот.
Литијата е посебно богослужење, кога верниците со пеење литиски песни и молитви кон Бога се движат во поворка по светиот крст и иконите, свештениците и појците. Тие обиколуваат некое место, на пример храм или град, или се движат кон него. Специфичноста на литијата е во тоа што богослужењето се врши надвор од црквата и е отворено за сите.
Од каде потекнува крстниот од?
Крстниот од е древен христијански обичај, иако во Библијата не се споменува под овој назив. Во Стариот завет опишани се две вакви процесии: обиколување на ѕидините на Јерихон со заветниот ковчег и преносот на ковчегот од страна на царот Давид и на царот Соломон. Овие поворки се сметаат за архетип на литијата, како и влезот на Христос во Ерусалим, додека народот го следел со извиците „Благословен во името на Господа, царе на Израел!“
Се смета дека литиите се појавиле како одговор на поворките на еретиците кои ги одржувале аријаните (приврзаници на аријанството) во Константинопол за време на Јован Златоуст (4 век од нашата ера). Како спротивност на него се воспоставувале литии со пеење псалми, ектении, химни и молитви. Од византиската традиција крстниот од се проширил кај руските и кај другите православни христијани.
Какви можат да бидат литиите?
Литиите се делат на востановени (пропишани со црковниот устав) и произволни. Востановените литии се одржуваат како задолжителен дел од богослужбата. На пример, литија за Велигден, литија до водите на Крстовден или обиколка на храмот трипати по неговото осветување.
Произволните литии се изведуваат по благослов на свештеник. Во нив спаѓаат, на пример, поворки со молитви за време на суши или поворки посветени на определени светители или во случај на Божја помош.
Според времетраењето литиите можат да бидат еднодневни (што е најчест случај) и повеќедневни, кога верниците минуваат многу километри, запирајќи само за преноќување.
Литијата како фактор за обединување
Во 17 век прашањето за насоката на движење на литијата било едно од најважните во спорот помеѓу приврзаниците на „стариот“ и на „новиот“ обред. Традиционално литијата се изведувала „по сонцето“, односно во насоката на движењето на стрелките на часовникот. Реформите на Никон ја свртеле насоката на движење спротивно од стрелките на часовникот, што било предмет на спорови и еден од поводите за раскол на руската православна црква.
Меѓутоа, со текот на времето литиите станаа еден од ретките ритуали што можеше да ги обедини староверците со останатите верници. Од црковниот раскол на староверците, имено, им беше забрането да одржуваат литии, да ѕвонат со камбана, да градат храмови итн. Тие, сепак, не престануваа да го слават Господ. Притоа, многу стари икони што староверците ги почитуваа останаа во храмовите, каде што тие немаа пристап. Затоа само за време на литиите, кога крстовите и иконите се изнесуваа од храмовите, тие можеа да се помолат.
Основната смисла на секоја литија е формулирана уште во Евангелието според Матеј: „...зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“, велел Христос. Учесниците на литијата одат по крстот и по иконите во свечена поворка, верувајќи дека духовно ги предводи Исус.