Објаснување на сликата на Василиј Суриков „Болјарката Морозова“

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Димензиите на ова огромно платно се 3 х 5,8 метри. За првпат е прикажано на јавноста на изложбата на передвижничките реалисти во 1887 година. Првите впечатоци биле контроверзни, а некои критичари дури и го споредувале платно со ишаран персиски тепих. Делото е купено за московската Третјаковска галерија и сѐ уште е изложено на нејзините ѕидови како едно од најскапоцените дела на колекцијата.

Која е болјарката Морозова?

Се викала Феодосија Морозова, била угледна благородничка и имала највисоко потекло. Била ќерка на слугата на царот, Прокофиј Соковнин. Кога имала 17 години, се омажила за 54-годишниот благородник, државник и војсководец Глеб Морозов, еден од најбогатите луѓе во Русија. Тој имал болјарска титула, така што таа станала болјарка, сопруга на болјар.

За тоа кои се болјарите прочитајте тука.

По смртта на својот сопруг живеела во луксузен имот со околу 300 слуги, а се наоѓал во близина на дворот на царот Алексеј Михајлович.

Зошто била уапсена?

Патријархот Никон во педесеттите години од 17 век започнал црковни реформи кои предизвикале раскол во Руската црква. Царот ги поддржал промените, но некои благородници не го сториле тоа, а меѓу нив била и Морозова.

Станала таканаречена староверка, протестантка на официјалната Црква. И се зближила со протојерејот Авакум, еден од идеолозите на движењето, кој подоцна е погубен така што бил запален жив. Царот Алексеј сакал да ја казни Морозова зашто не била лојална, но имала високорангирани застапници, па дури и самата царица барала од него да не ја санкционира Морозова.

Меѓутоа, длабоко искрена во своите уверувања, болјарката била во опозиција, се повлекла од јавниот живот и престанала да ги посетува настаните на суд. Царот се разбеснил кога одбила да присуствува на свеченоста по повод неговата втора венчавка, па наредил нејзино апсење.

Заедно со сестра си, болјарката била ставена во пранги (што тогаш било незамисливо за жена од високото благородништво) и била префрлена во манастир во Боровск надвор од Москва. Поради залагањата на своите благороднички пријатели, вклучувајќи ги и оние од потесното царско семејство, не била запалена жива, но била оставена да умре од глад.

Што е толку посебно во врска со оваа слика?

Пред оваа слика можете да мине буквално неколку часови, истражувајќи ги деталите, лицата и облеката. А, покрај самата слика во галеријата се наоѓаат неколку скици на Суриков кои ги користел за изработка на делото.

Болјарката е прикажана во пранги како седи на запрежна кола што ја носи во прогонство. Едно од првите нешта што можете да ги забележите на сликата е мошне изразеното лице на болјарката. Се чини дека е во очај, изгледа исцрпено и бледо, но одлучно и речиси фанатично. Ова бил необичен приказ на нејзиниот лик кој претходно се има појавено на некои слики како света блажена староверска маченичка, а не како воинка. А, претходната скица на Суриков покажува уште една емоција на нејзиното лице...

Мошне важен детаљ е десната рака на Морозова, високо крената над главата. Таа покажува староверски крст со два прста. Ова е еден од симболите на движењето, зашто реформата ги натерала луѓето да се крстат со три прста.

Приврзаниците на „бискупидалното крстење“ инсистирале на тоа дека Исус Христос е распнат во својата двојна природа на Бог и на Божји син, а не во концептот на Светото Тројство (Таткото, Синот и Светиот Дух) кое се појавило подоцна.

Важен дел од сликата и всушност е и причина за нејзината огромна големина се мноштвото луѓе што се наоѓаат околу Морозова. Пред сѐ ова е одличен начин да ја погледнете традиционалната руска облека од 17 век. Но, исто така погледнете само колку различни емоции се насликани на лицата на присутните. Постојат луѓе што ја исмеваат фанатичната жена. Но, многумина набљудувачи се тажни и збунети, па дури и вџашени. Се чини дека сочувствуваат со Морозова и со нејзините маки и можеби дури и се сложуваат со нејзиното сфаќање на верата, но не се толку храбри да го изразат тоа, плашејќи се од прогонство и од казна.

Но, има и еден човек кој не изгледа дека е исплашен, а тоа е просјакот кој седи со скрстени нозе во крпи и бос на снегот. Тој исто така покажува знак со два прста. Овие луѓе во Русија се наречени „свети будали“. Можеле слободно да ја зборуваат вистината, не плашејќи се од казни, и ги сметале благословени од Бога.

Зошто Суриков ја насликал оваа слика?

Сликата силно одекнала и предизвикала голем интерес во 1887 година кога за првпат била изложена во јавноста. Инаку, современиците изнесувале контроверзни мислење и информации за ваквата историска слика, но сите се сложиле во едно: ова е неверојатно талентиран реалистички приказ на „стара“ Русија од времето пред Петар Велики, во сета своја автентичност.

Како уметникот од крајот на 19 век можел да биде толку прецизен во описот? Работата е во тоа што Василиј Суриков израснал на Сибир, каде што живееле многумина староверци. Тие сѐ уште биле во некаква полулегална положба и биле потомци на прогонетите во 17 век поради своето сфаќање за верата. И тука сликарот и се запознал со приказната за Морозова, што староверците ја сметале за своја светомаченичка.

Суриков длабоко сочувствувал со овие луѓе, што поголемиот дел од московското и од петербуршкото секуларно општество од 19 век ги сметало за средновековни фанатици и затоа прикажал толкав спектар измешани емоции и експресии на лицата на луѓето од сликата.

Истовремено, за успехот на сликата придонел и наглиот пораст на интересот за „рускиот стил“ и сето она што е автентично руско. По два века сеопфатно влијание на европската уметност во Русија, кон крајот на 19 век уметниците се свртеле кон националната стварност, започнале да сликаат селани, да ги прикажуваат животите на обичните луѓе и секојдневни сцени од средновековна Русија.