5 „руски“ мотиви во Нетфликсовата серија „Сенка и коска“

Shadow and Bone, 2021, Netflix
На 16 март почна емитувањето на втората сезона од серијата за Руската империја во светот на фантастиката. Дознајте што се најде во серијата од реалната руска историја.

Во 2009 година писателката Ли Бардуго напиша тинејџерски роман од жанрот фантастика, заснован на естетиката, културата и политиката на Руската империја на крајот на XIX век. Притоа, таа успеа да создаде класична приказна од овој жанр за избран херој во необичен свет на стереотипи за Русија и нешта блиски на руското срце од различни епохи.

Географски називи и имиња на ликовите

Алтернативната Руска империја се вика Равкија, а во неа живеат луѓе кои владеат со магија, како и обичните жители - „отказници“ (во книгата, поради некоја причина, авторката ги означува со терминот отказат'сија, иако на руски тоа не е именка, туку глагол). Земјата е во повеќегодишен конфликт со својата соседна земја Шухан, која истовремено потсетува на Кина и Монголија.

Многу географски називи ќе му бидат познати и забавни на рускиот гледач. Таму се Керч, Новокрибирск (sic!), Сибир и Нови Зем. Сепак, тие немаат никаква врска со нивните реални прототипови. Авторката едноставно ја пополнува картата со зборови кои ќе ѝ паднат во очи.

Јазикот во Равкија е инспириран од рускиот јазик, но оној што зборува руски ќе забележи дека Ли Бардука практично не знае руски. Руските преведувачи на романот и авторите на синхронизацијата на серијата прилично се измачиле да ја поправат замрсеноста што постои кога се во прашање имињата на ликовите и нивниот пол. Многу често женските ликови имаат машко презиме, а машките женско.

На пример, главниот женски лик во оригиналната серија е Алина Старков (наместо Старкова), додека еден од првите моќни магови е Илја Морозова (наместо Морозов), а другарката на главниот женски лик е Жења Сафин (наместо Сафина) и слично. глупости. Главниот негативец на серијата, генералот Кириган, за рускиот гледач губи дел од својот демонски карактер кога ќе се покаже дека се вика Александар Морозова. Иако можеби после Баба Јага во интерпретацијата на Киану Ривс тоа и не изгледа толку страшно.

Разнобојни кафтани, униформи и руски бунди

Во серијата главно ги гледаме главните и споредните ликови облечени во руски стил, пред сé во воени униформи и кафтани.

Кога се запознаваме со главниот лик Алина, таа е картограф во Првата армија (составена од луѓе без магиски способности). Нејзината униформа се состои од шубара од овча кожа, капа што ја вовел царот Александар III за одредени припадници на војската на Руската империја и мундир од Првата светска војна. Во реалноста, во времето кога руската армија почна да носи мундири со таков крој, шубарите од овча кожа излегоа од употреба.

Освен тоа, на крајот на XIX - почетокот на ХХ век, за жената било практично невозможно да се најде во состав на војската. Во оваа прилика можеме да се потсетиме, на пример, на Марија Бочкарова, која на почетокот на Првата светска војна сакала да стапи во резервниот баталјон, но наместо тоа била посоветувана да стане милосрдна сестра. Марија не се откажала и се обратила до царот, кој ѝ ја услишал молбата. Дури тогаш Марија можела да се приклучи на војската, каде што на крајот го заслужила крстот „Св. Георгиј“ и три медали за храброст.

Другата армија, составена од магови, носи кафтани со различни бои. Бојата и везот на кафтанот зависат од тоа какви магиски моќи поседува неговиот сопственик. Во Руската империја кафтанот бил многу популарен многу векови. Секојдневните кафтани се шиеле од сукно, како во серијата, додека за свечени пригоди се користеле кафтани од свила и плиш, при што популарни биле светлите бои. На почетокот на XVIII век дворјаните на Петар Велики биле толку занесени со украсување на кафтаните со везови, златни гајтани и ширити што Петар морал да издаде указ за ограничување на оваа мода, за да ги ослободи своите поданици од непотребни трошоци. Кафтанот за студено време бил поставен со крзно или овча кожа, што може да се види и во серијата.

Царското семејство

Со Равкија во серијата владее царското семејство, при што во книгите царот се нарекува Александар III, додека во серијата неговото име е променето во Петар. Името на еден од синовите на царот е Николај, така што гледачот кој ја познава руската историја нема да биде изненаден од изборот на наследник во втората сезона. Актерот што ја игра улогата на царот навистина потсетува на Александар, кој бил крупен човек и кој, според сеќавањата на современиците, сакал да носи војнички чизми со вовлечени ногавици.

Григориј Распутин и магијата на „гришевите“

Луѓето со магиски способности во серијата се нарекуваат „гришеви“. Името на оваа „раса“ е формирано од името на Григориј Распутин, познатиот семеен пријател на последниот руски цар Николај II.

Во серијата Распутин послужил не само како инспирација за овој збор, туку и за еден од најзлобните ликови. Станува збор за свештеник, советник на царот по име Апрат. Неговата улога во првата сезона не е целосно јасна, но очигледно е дека има несфатливо влијание врз царот и дворот.

Во втората сезона гледачите ќе го видат развојот на овој лик и ќе можат да го споредат со трагичната судбина на Григориј Распутин, кој беше убиен од заговорници во обид да го спасат угледот на царското семејство.

Ликови од руските бајки и легенди

Како што доликува на ликови од тинејџерска фантастична серија, Алина и нејзините помошници тргнуваат во потрага по магични суштества и предмети, кои во светот на Ли Бардуго се нарекуваат „засилувачи“. Имено, тие се способни да ги засилат магиските моќи на некои волшебници.

Двата засилувача потекнуваат директно од светот на руските бајки и легенди. Првата е крлушката на суштеството по име Русале. Кај Ли Бардуго тоа е морски змеј од детските бајки кој одвлекува убави жени под вода. Додека во руските легенди, русалка е лош дух што се појавува во вид на жена со долга коса во бела кошула во поле, вода или шума. Таа може да скокотка човек до смрт или да го удави во вода. Таа нема крлушки ниту опашка од риба, така што од неа не може да се добие такво нешто.

Другиот засилувач што Алина Старкова треба да го најде е жар-птицата, митска птица со огнени крилја која се смета за душа на Равканската империја. Во словенските бајки тоа е птица со златни и сребрени пердуви околу која се шири силна светлина. Познато е дека се храни со златни јаболка, кои даваат младост, убавина и бесмртност, а нејзината песна може да ги излекува болните. Пронаоѓањето на жар-птицата е класична задача на главниот лик од руските бајки.

Во втората сезона љубителите на серијата секако ќе имаат можност да видат и други работи поврзани со Руската империја, за кои нема да пишуваме за да не им го расипеме уживањето. И покрај големиот број забавни грешки на авторката „Сенка и коска“ е свет полн со словенски шарм кој вреди да се запознае.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња