Како ФИЛМОВИТЕ од ЈАКУТИЈА ги освоија Русија и светот

„Агент Мамбо“

„Агент Мамбо“

Alexey Ambrosyev/Suoratt, 2019
Филмови, се разбира, се снимаат во цела Русија, но вистинска локална филмска индустрија се појави само во еден регион - Јакутија. Денес во регионалните кина јакутските филмови се повеќе гледани и од продукциите на главниот град и Холивуд. Како да се објасни овој феномен?

Филмската индустрија во Јакутија ги има сите карактеристики на вистинска кинематографија, иако во помал обем. Има конкуренција од приватни студија, работат филмски школи, формиран е приватен фонд за поддршка на кинематографијата, редовно се одржуваат фестивали, дури имаат и свој Netflix, видео-сервисот SAKHAMOVIE.RU. Јакутските режисери, освен тоа, почнаа да носат дома награди од водечките руски и западни филмски фестивали.

Која е тајната на „јакутскиот филмски феномен“?

Ѕидот од „Играта на тронови“ навистина постои!

Судејќи според сé, би можело да се постави прашањето, зошто воопшто да се чудите на јакутските успеси? Зарем тоа не е најголемиот регион во Русија? Дел од надалеку познатиот Сибир? Република Саха (така ја нарекуваат Јакутите) сочинува речиси дваесет проценти од територијата на Руската Федерација и по површина (повеќе од три милиони квадратни километри) само малку заостанува зад Индија. Меѓутоа, додека во Индија живеат речиси милијарда и пол луѓе, во Јакутија нема ни милион жители. Речиси четири петтини од републиката заземаат шуми, летото овде е исклучително кратко, а зимските температури се исклучително ниски. Селото Ојмјакон припаѓа на таканаречените „полови на студот“. Токму зимава беше соборен триесетгодишен температурен рекорд кога беа забележани минус 62,4 степени на Целзиусовата скала.

Со други зборови, тоа е едно од најсуровите места на планетата Земја, каде се чини дека не постојат ама баш никакви предиспозиции за филмски бум. Повеќе од далеку се традиционалните центри на филмската продукција - Москва и Петербург. Но, затоа дестинациите се крајно филмски, па така се појавија смешни клипови кои „сведочат“ дека Ѕидот од „Играта на тронови“ навистина постои. А тоа се Ленските столбови.

Сите тие особености на овој мултинационален регион и различните начини на живеење се чини како да се создадени за филмското платно. Својот дом со Јакутите и Русите го делат многу северни народи (Евенки, Евени, Долгани, Јукагири, Чукчи) кои внимателно ги чуваат своите традиции. Меѓутоа, републиката ја нема потребната инфраструктура за снимање филмови. Може да се снимат неколку филмови, но филмската индустрија не се заснова на ентузијазам.

Меѓутоа, токму тоа се случи. Буквално целиот регион преку ноќ „се зарази“ со кинематографија.

Сé се снима и сé се гледа

Јакутија се приклучи на филмската индустрија уште во триесеттите години на минатиот век. Студија од други региони снимаа документарни филмови овде и ангажираа актери од локалните театри. Јакутските филмски претпријатија, вклучително и државното студио „Сахафилм“, беа основани дури по распадот на СССР, на почетокот на деведесеттите. Вистински филмски бум следеше малку подоцна, кога кината поверуваа во локалниот филм и почнаа да го прикажуваат. Првата ластовичка, трилерот „Љубов моја“ на Сергеј Потапов од 2004 година предизвика голем скандал. Иако филмот заработи четири пати повеќе отколку што беше вложено во него, бројните гледачи кои очекуваа мелодрама (судејќи според насловот) беа револтирани од крвавите сцени и црниот хумор. Сепак, процесот беше незапирлив. Последниве години, во локалната кино дистрибуција се прикажуваат еден до два јакутски филма месечно.

Се гледаат филмови од сите жанрови, од историски акциони филмови како „Студено злато“ до комедии за „танцови битки“ („Чеке“). Хорорите спаѓаат во најуспешниот жанр на јакутскиот филм. Има дури и локална верзија на зомби апокалипсата, филмот „Република Z“ од 2018 година. Меѓутоа, многу почести се филмовите за духови. Визуелно, сè потсетува на јапонските хорор филмови, меѓутоа, додека таму, по правило, пратеници од другите планети се осветуваат, јакутските хорори зборуваат за љубовта меѓу живите и мртвите.

Локалните филмаџии се добро упатени во глобалниот филмски контекст. Тие ја познаваат не само холивудската, туку и азиската кинематографија (на која отворено се фокусираат), но се трудат да остават свој белег и на таканаречените универзални теми. Во мистериите користат мотиви од локалниот фолклор, во историските драми се свртуваат кон пресвртните настани во историјата на својот народ, а сите филмови (без исклучок) се снимени на мајчин јазик. А тоа секако влијае на бројот на гледачи, бидејќи само половина од населението во републиката (помалку од 500 илјади) зборува јакутски. Меѓутоа, се работи за принципи. Филмот во Јакутија е повеќе од забава, тој е начин на зачувување на националниот идентитет.

Многу филмски работници немаат формално професионално образование, а своите филмови ги снимаа (или снимаат) во слободното време, првенствено занимавајќи се со работи кои често немаат многу врска со филмот. Така, на пример, Дмитриј Давидов, најпознатиот јакутски режисер, бил учител во селско училиште. Дури откако неговиот трет филм „Плашило“ сензационално го освои Гран-прито на „Кинотавр“, најважниот руски филмски фестивал, Давидов даде отказ во училиштето и дефинитивно се фокусира на филмот.

Режисерот Дмитриј Давидов и актерката Валентина Романова

Интересно е што тој бил толку самоуверен што не се плашел да земе кредит од банка за својот дебитанстки филм. Моментално планира да снима мјузикл за неговото родно село Амга. Дел од приходите Давидов, како што најави, ќе ги вложи во изградбата на парк.

Јакутск - Москва - Јакутск

„Агент Мамбо“

Најгледаниот јакутски филм е крими-комедијата „Агент Мамбо“ (2019), чие дејствие е фокусирано на лекомислен полицаец кој се инфилтрира во криминална банда. Со буџет од 2 милиони рубли, или околу 25 илјади евра, филмот заработи речиси 16 милиони рубли (над 200 илјади евра). Просечниот буџет на јакутскиот филм се движи од еден до три милиони рубли (помеѓу 10 и 40 илјади евра), креативните тимови се компактни, снимањето е брзо, а заработката е мала.

Секако, има и филмови со поголем буџет. На пример, првиот јакутски филм во серуската кино дистрибуција, трилерот „Мојот убиец“ на Костас Марсаан, чинеше пет милиони рубли (над 60 илјади евра).

Буџетот на следниот филм на овој режисер, етно-хоророт „Ичи“ од 2020 година, изнесуваше 26 милиони рубли (330 илјади евра). Главната улога ја имаше Марина Василева, позната по улогата во драмата „Нељубов“ на Андреј Звјагинцев, номинирана за „Оскар“. „Ичи“ беше успешно прикажан на фестивалите во Лисабон, Виена и Сиџес (Шпанија). Напролет, во кино дистрибуцијата ќе влезе новиот филм на Марсаан, трилерот „Детектор“ со Кирил Кјаро („Епидемија“), снимен во продукција на московското филмско студио „Горки“. Треба да се каже дека ваквиот кариерен пат од Јакутија до Москва е крајно необичен. Многумина доаѓаат да студираат во филмските школи во главниот град, но и се враќаат на работа дома.

Кирил Кјаро во „Детектор“

„Јакутскиот феномен“ го привлече вниманието врз себе во Русија и во светот, пред сé благодарение на авторскиот, а не на жанровскиот филм. Локалните режисери се добитници на главните признанија на руските филмски смотри како што се „Кинотавр“, „Прозорец кон Европа“ или на Московскиот меѓународен филмски фестивал, како и на многу меѓународни награди и номинации. Дебитантскиот филм на Дмитриј Давидов од 2016 година „Оган на ветрот“ ја освои наградата за најдобра драма на фестивалот ImagineNATIVE во Торонто, прикажан во натпреварувачка конкуренција во Бусан и беше номиниран за азискиот „Оскар“, наградата на Азиско-тихоокеанската филмска академија. Историската драма „Нуча“ од 2021 година ја освои главната награда во програмата „Исток запад“ на фестивалот во Карлови Вари.

„Оган на ветрот“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња