Ленските столбови - светско чудо среде Сибир (ФОТО)

Всеволод Пуља
На ова неверојатно место во камен се овековечени неколку степени еволуција. Но, ако планирате да го посетите, обрнете внимание: под влијание на природата техниката тука лесно може да откаже.

Ленските столбови се уникатен споменик на природата во Република Саха (Јакутија), најголемиот регион во Русија. По должината на бреговите на реката Лена се протегаат повеќе од 40 километри варовнички карпи обликувани со ерозија. Карпите достигнуваат височина од 220 метри. Огледувајќи се во мазната површина на водата, столбовите изгледаат уште повеличествено.

До Ленските столбови не се стигнува лесно. По шестчасовен лет од Москва до главниот град на Јакутија - Јакутск, следат уште 200 километри пат до ова чудо на природата. Најбрзиот, но и најскапиот начин да стигнете на ова посебно место е со помош на хеликоптер. Но, за еден час време морате да издвоите 250 илјади рубли (3900 долари).

Патувањето со брод од Јакутск трае неколку часа, а со глисер на Министерството за вонредни состојби околу два часа. Бродовите тргнуваат од речното пристаниште во Јакутск и нудат сместување во кабини со еден, два и четири кревети, три оброци на ден и разновидна забава. Повеќето бродови имаат дури и сауна и кино-сала.

Зиме со автомобил лесно се стигнува до населбата Батамај, а оттаму право по замрзнатата река до Ленските столбови. А токму зимата е годишното доба кога Ленските столбови, покриени со снег и лед, најмногу потсетуваат на познатите ѕидини од „Играта на тронови“.

Ленските столбови изгледаат импозантно гледано од секој агол. Нивниот облик и положба наведуваат на мисла дека сето тоа е дело на човечки раце. Меѓутоа, не, столбовите ги создала природата. Варовничките процеси и еолската ерозија во текот на последните 400 илјади години ги извајале овие неповторливи форми.

Ленските столбови, освен тоа, се скаменета историја, споменик на „камбриумската експлозија на животот” која се случила пред повеќе од 500 милиони години, кога масовно почнале да се појавуваат животните со минерални скелети.

Милиони живи суштества се раѓале и умирале, еволуцијата напредувала, а уникатниот распоред на Ленските столбови овозможил да останат забележани во камен различни еволуциски степени.  

1994-та година беше основан националниот парк „Ленски столбови”, а 2012-та стана дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Ова место речиси и да не е допрено од човечка рака. Во долгата низа варовнички карпи е одбрано само едно погодно место каде можат да се укотват бродови.

Тука се наоѓа уреден влез во паркот на природата, продавница за сувенири, како у неколку куќички во кои живеат вработените во паркот. Преку реката се наоѓа мало село.

По патеката долга околу два километра од влезот можете да се искачите до врвот на столбовите. На посебно стрмните места се направени дрвени скалила. Има и неколку постојки за одмор со клупи.

Во составот на каменот има многу железна руда, така што на врвот компасот на дронот може да откаже. Тоа значи дека летате на сопствен ризик.

Од врвот на столбовите се пружа величествен поглед на реката и карпите со остатоци од трилобити и други суштества од палеозоикот.

Да споменеме и дека на подрачјето на паркот, во делот што се нарекува Тукулан (што на локалниот дијалект значи „песоци“), каде што има вистински песочни дини, се пронајдени остатоци од мамут, влакнест носорог и други изумрени цицачи од подоцнежните периоди. Денес тука можете да сретнете бизамски стаорци, лакомци, зајаци, верверици, па дури и мечки. На небото летаат златни орли,  соколи и големи ушести бувови, а во Лена живеат и риби како липљани и есетра.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња