Десет места во Русија кои потсетуваат на холивудски блокбастери (ФОТО)

Сергеј Фомин/Global Look Press
Кога немате голем буџет за филм, а барате локации како во најскапите холивудски остварувања, слободно дојдете во Русија. Тука барем има преубави места колку што сакате, и ќе ве чинат ептен бадијала!

Едната фотографија е снимена во Русија, втората е кадар од познат холивудски филм. Дали гледате некаква разлика?

1. Silent Hill е рускиот маглив Калининград

Калининград е руска енклава во срцето на Европа, која нема копнена врска со остатокот од Русија. Овој регион некогаш беше дел од Прусија (тогаш познат како Кенигзберг), што може да се види по архитектурата. Додека шетате низ градот, може да ви се причини дека сте се нашле во средновековен германски град. Старите катедрали, зградите од црвена цигла и бујното зеленило на градините го прават градот на Балтичкото море инспиративно место.

2. Висорамнината Путорана и „Осми патник: Ковенант“

Дали се сеќавате на екипажот на колонијалниот брод „Ковенант“ заробен на далечна планета? Луѓето откриваат нешто што изгледа како изгубениот рај, а всушност е мрачен и опасен свет. Кога ќе се соочат со закана каква што никој не можел ни да сонува, ќе се обидат да избегаат. За среќа, висорамнината Путорана е сон на многу љубители на патувањето. Тоа е место „каде што не стапнала човечка нога“. Ако се набљудува од хеликоптер или авион, среде мочуришната тундра може да се види планински масив со површина како Велика Британија. Тука се зачувале недопрени сите арктички екосистеми: тајгата, голата тундра и тундрата со ретки шуми, па дури и арктичките пустини.

3. Серијата The Haunting of Hill House лесно би можела да се одигра во замокот Муромцево

Во Русија има доволно стари морничави градби за секој хорор филм. Замокот Муромцево од 19 век се наоѓа во близина на градот Владимир и настанал како резултат на расправија меѓу двајца благородници за тоа која држава е подобра, Русија или Франција? На Русинот му здодеало да го слуша Французинот како се фали со француската китнеста архитектура и одлучил да изгради исто толку убав замок. Се разбира, славните денови на замокот поминаа и останаа прекрасни урнатини во кои не сакате да ја поминете ноќта.

4. Баренцбург е идеален сет за „Суштество“ на Џон Карпентер

Руската рударска населба Баренцбург со вкупно 500 жители се наоѓа на архипелагот Шпицберген. Поларниот архипелаг припаѓа на Норвешка, но на него со потполно исти права како Норвежаните можат да живеат и работат граѓани од преку 70 земји. Четири месеци во годината тука трае поларната ноќ, а четири месеци поларниот ден. Многумина поради имаат здравствени проблеми. Тука климата е прилично сурова и не може секој да ја издржи.

5. Чарските Песоци, руската пустина идеална за снимање на „Лудиот Макс“

Во Забајкалскиот крај на Сибир постои едно исклучително необично и мистериозно место. Тоа е пустината Чарски песоци („Чарские пески”), опкружена со тајга и со планинскиот венец Кодар. На површина од 54 квадратни километри Лудиот Макс би можел да јури колку што сака со целата моторизирана банда главосечачи.

6. Кисловодск од „Младост“ на Мајкл Кејн и Харви Кајтел

Русија си има свој Давос, свои Карлови Вари. Во 19 век боемската и интелектуалната елита радо одеше во бањите на Кисловодск, каде што лековитите процедури се засновани на спојот од минералната вода „Нарзан“ и планинскиот воздух, како и на долги прошетки во бањскиот парк. По препорака на лекарите од престолнината во Кисловодск заради лекување и инспирација доаѓале руските писатели Александар Пушкин, Михаил Лермонтов и Лав Толстој. Во нашево време, Кисловодск им вели добродојдовте на Мајкл Кејн и Харви Кејтел.

7. Ленските столбови како Северниот ѕид во „Игра на тронови“

Во непрегледните пространства на Јакутија, над бескрајната река Лена се издигаат Ленските столбови: величествено на природата, карпи од црвен песочник, наместа обраснати со шума, кои се огледуваат од мазната површина на големата река. Туристите можат да се искачат на некои карпи со слоеви од светликав кварцит и да уживаат во погледот од најмладиот руски природен резерват на листата на УНЕСКО. Тука живата на термометарот зиме паѓа и под -35°C! Само дома си е дома, би рекол Џон Сноу!

8. Институтот за истражувања на мозокот во Москва како „Затворениот остров“

Недалеку од „Курската“ метро станица во Москва се наоѓа Институтот за истражување на мозокот, познат по тоа што чува делови од мозокот на Владимир Ленин, Сергеј Ејзенштајн, Владимир Мајаковски и други историски личности. Затоа и сметаме дека Леонардо Дикаприо, во улогата на психички нестабилен шериф овде лесно би можел да го бара, на пример, исчезнатиот мозок на Сталин.

9. Најстрашниот затвор во Русија како Алкатраз

Вологодскиот пјатак или Огнениот остров е еден од осумте затвори со најстрог режим во Русија. Се наоѓа во поранешниот Кирило-Новозерски манастир на Ново езеро во близина на градот Белозерск. Ако многу американски филмски ѕвезди успеаја да избегаат од Алкатраз, од Огнениот остров сè уште нема никој избегано.

10. Дагестанската фабрика за машиноградба како скривалиштето на Раул Силва во филмот „Скајфол“

Хавиер Бардем во улогата на негативецот Силва се криеше на јапонскиот остров Хашима, а Фабриката број 182 или „Дагдизел“ се наоѓа во Каспијск. Во оваа зграда, која постои од 1932 година, се тестира и подводно оружје. Се разбира, затворена е за посетители.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња