„Кавкаска заробеничка“
Леонид Гајдај, 1966/Мосфильм„Луѓето живеат толку тешко. Нека се смеат“, велеше Леонид Гајдај. Неговите комедии „Кучето Барбос и необичниот крст“, „Мајстори за самогон“, „Операцијата „И“ и другите авантури на Шурик“, „Кавкаска заробеничка“, „Дијамантска рака“, „Иван Василевич ја менува професијата“, „Дванаесет столчиња“ , „Не може да биде!“ беа најгледаните во советските кина. Милиони гледачи итаа да ја гледаат секоја од нив. Многу фрази од тие филмови влегоа во народот како крилатици, а нивната музика стана култна. Филмските остварувања на Леонид Гајдај порано беа популарни во СССР, популарни се и денес во модерна Русија и во целиот свет. Која е тајната на успехот на Гајдај?
Леонид Гајдај е роден во 1923 година на Далечниот Исток. Неговиот татко бил осуден и испратен на изградба на Амурската железничка магистрала. Подоцна семејството се преселило во Иркутск. Малиот Леонид, иден режисер, уште од детството бил заинтересиран за жанрот комедија.
Негов пример бил Чарли Чаплин. Гајдај ги гледал сите негови филмови во локалното кино (а понекогаш се криел меѓу редовите за време на паузата за повторно да го гледа истиот филм). Подоцна, влијанието на Чаплин ќе биде забележливо во филмовите на рускиот режисер, што е особено видливо во раната филмска новела на Гајдај „Откупот на црвениот главатар“ („Вождь краснокожих“), базиран на истоимениот расказ на американскиот писател О. Хенри. Во неа има многу малку текст, речиси како во нем филм, а целиот комичен ефект се базира на смешни ситуации и звуци.
Веднаш по завршувањето на училиштето, Гајдај сакал да замине на фронтот како доброволец. Тогаш не го примиле, но сепак добил покана есента 1941 година. Бил во извидниците, па дури и се истакнал во една битка кога со гранати гаѓал германска позиција. Од експлозија на нагазна мина во 1943 година се здобил со тешка повреда на стапалото и по долго лекување повеќе не бил способен за воена служба. Се вратил во Иркутск и по завршувањето на драмските студии заминал во велеградот со желба да го „освои“. Во Москва се запишал на режија на Универзитетот за кинематографија (ВГИК). Оттаму речиси веднаш стигнал до „Мосфилм“.
Леонид Гајдај
Георгиј Тер-Ованесов/SputnikГајдај сакаше да работи исклучиво во еден жанр, а тој жанр беше комедијата. Само еднаш, на почетокот на кариерата, по совет на директорот на „Мосфилм“ Иван Пирјев, сними сериозен филм за револуцијата наречен „Трипати воскреснати“. Тоа дело наиде на жестока критика и за малку ќе го чинеше кариерата.
Првиот голем успех Гајдај го постигна со краткометражниот филм „Кучето Барбос и необичниот крст“ во 1961 година, кој дури беше номиниран за награда на Канскиот филмски фестивал. За прв пат во комедијата се појавуваат тројца хулигани: Трус, Балбес и Бивали (кукавица, будала и „стар“), кои ги играат Георги Вицин, Јуриј Никулин и Евгениј Моргунов. Тие станаа миленици на публиката и подоцна се појавуваа и во другите филмови на Гајдај.
Балбес, Бивали и Трус. Кадар од краткометражниот филм „Кучето Барбос и необичниот крст“, 1961.
Леонид Гајдај, 1961/МосфильмСлава во целиот Советскиот Сојуз му донесе комедијата „Операцијата „И“ и другите авантури на Шурик“ (1965), која стана лидер на благајните на советските кино-театри. Главниот лик, малку прост, но искрен и принципиелен студент Шурик, стана вистински миленик на публиката. По невидениот успех, беше снимено и продолжението „Кавкаска заробеничка“ или „Новите авантури на Шурик“ (1967), кое исто така постигна огромен успех во кината.
Кадар од филмската новела „Привидение“ во филмот „Операцијата „И“ и другите авантури на Шурик“
Леонид Гајдај, 1965/МосфильмХуморот во овие комедии се заснова на гегови, комични методи базирани на очигледен апсурд. Хумористичниот ефект го засилуваат гестовите и гримасите на актерите.
Комедијата „Дијамантската рака“ од 1969 година е приказна за чесниот семеен човек Семјон Горбунков, кому бандити по грешка му ставаат дијаманти во гипсот. Тој е еден од трите филмови со најголема заработка во историјата на СССР. Инаку, Шурик (но сега како научник кој направил временска машина) се појавува и во култниот филм на Гајдај „Иван Василевич ја менува професијата“ (1973), базиран на драмата на Михаил Булгаков.
Гајдај, исто така, често се свртуваше кон класиците. Ги екранизираше О. Хенри, Илја Иљф и Евгениј Петров („Дванаесет столчиња“), како и Михаил Зошченко („Не може да биде“).
Шурик и Иван Грозни. Кадар од филмот „Иван Василевич ја менува професијата“
Леонид Гајдај, 1973/МосфильмСвојот последен филм го сними по распадот на СССР, во 1993 година, под наслов „Убаво време е во улицата „Дерибасовска“, или пак врне во Брајтон Бич“. Во него режисерот до срце им се насмеа и на советските лидери и на КГБ.
Според Нина Гребешкова, сопругата на режисерот, младиот Гајдај и самиот личел на неговиот херој Шурик. Нина и Леонид биле на иста години студии, иако тој бил постар (се запишал на факултет по војната). Бил маркантен, слаб, висок. Тој ѝ се додворувал скромно и несмасно, ја испраќал до дома низ цела Москва и ѝ подарувал цвеќе. Гајдај и Гребешкова се венчале додека биле студенти во 1953 година и живееле заедно со нејзините родители во иста соба. Само голем плакар ги засолнувал од љубопитните очи.
Леонид Гајдај (лево) и актерот Јуриј Никулин читаат сценарио
Семјон Мишин-Моргенштерн/МАММ / МДФ/Russia in photoРежисерот во секојдневниот живот ни најмалку не бил некој што бара многу, дури може да се каже дека живеел аскетски. Не му требал надворешен комфор. Посветен цело време на работата, повеќе време поминувал на снимање и во студијата на „Мосфилм“ отколку дома. Стотици милиони луѓе ги гледале неговите комедии, а тој живеел во скромен стан и немал заштеда дури ни да ја реновира викендичката по еден пожар.
Нина Гребешкова во филмот „Дијамантска рака“
Леонид Гајдај, 1968/МосфильмГајдај ја прослави и својата сопруга. Докторката на душевната болница во „Кавкаската заробеничка“ и сопругата на главниот лик во „Дијамантската рака“ се улогите по кои таа стана позната и славна.
Велат дека хумористите и кловновите се обично тажни луѓе во реалниот живот, понекогаш и прилично мрачни. Дури и да е вистина, тоа сигурно не важи за Гајдај. Современиците се сеќаваат дека тој бил неверојатно остроумен, имал истенчена смисла за хумор, често се шегувал, кажувал вицови и сакал да се забавува.
Леонид Гајдај (десно) и актерот Вјачеслав Невини на снимањето на филмот „По кибрит“
Игор Гневашов/МАММ / МДФ/Russia in photoГледаше нешто смешно каде што повеќето луѓе не ни забележуваат, а на сите им откриваше што видел. Понекогаш дури и на своите најдобри комичари им покажуваше како се игра одредена сцена.
И покрај типично советскиот амбиент, филмовите на Гајдај се разбирливи и смешни за гледачите од која било земја и било која возраст. Актерката Наталија Варлеј се сеќава како една црнкиња во Африка била толку воодушевена на проекцијата и толку многу се смеела што од радост го фрлила своето бебе до таванот.
Леонид Гајдај на снимањето на филмот „Иван Василевич ја менува професијата“
Игор Гневашов/МАММ / МДФ/Russia in photoТајната на успехот на Гајдај лежи во педантната работа на сценариото и внимателниот избор на актерите и музиката. Сценаристот на главните комедии „Операцијата „И“, „Кавкаската заробеничка“ и „Дијамантската рака“ Јаков Костјуковски вели дека тој и Гајдај секогаш работеле заедно на текстот и дека имале своја „формула“. Постојано размислувале дали тоа што го прават ќе биде разбирливо и интересно за некоја баба, некаде во Јошкар Ола, на пример.
Актерот Јуриј Никулин раскажа како Гајдај многу внимателно ја осмислувал секоја сцена. Снимал еднаш, па втор пат, без да ја штеди филмската лента. Најважно му било на тие сцени да се смеат сите - и филмската екипа и техничарите задолжени за опремата. „Тоа значи дека има нешто“, велел Гајдај. Значи, и другите ќе се смеат.
Гајдај на снимањето на „Дијамантската рака“.
МосфильмПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче