Од што се состојат руските православни храмови?

Наталија Носова/Russia Beyond
Конструкцијата на храмовите понекогаш изгледа неверојатно комплицирана, но нејзината структура е секогаш кристално чиста. Ќе ви помогнеме подобро да ги разберете сите поединости и потоа лесно да ги препознаете елементите на архитектурата на руските цркви.

Купола

Најтипичен и најпрепознатлив елемент на православните цркви е куполата украсена со православниот осумкрак крст. Најчести се куполите во облик на луковица (слика бр. 3). Тој облик има чисто практична функција - снегот не се задржува на таква купола, што е исклучително важно со оглед на руската клима, бидејќи целата структура би можела да попушти под тони снег. Покрај практичната функција, таквата купола има и симболично значење, бидејќи луковицата свртена нагоре потсетува на пламен од свеќа.

Се смета дека изградбата на луковични куполи во целата земја станала стандардна по изградбата на храмот на „Св. Василиј Блажени“, односно од средината на XVI век. На многу стари градби изградени пред монголската наезда, т.е. во XII и XIII век куполите често имаат облик на шлем (2).

Кон крајот на XVI и почетокот на XVII век станале „модерни“ шаторестите конструкции (4) (форма во вид на повеќестрана пирамида) за завршување на храмовите, на чиј врв биле поставувани мали златни куполи. До храмот биле градени и помошни згради како шаторести камбанарии.

Подоцна изградените храмови имаат сферични куполи (1) и ја симболизираат вечноста.

Според бојата на куполите може да се одреди кому му е посветен храмот.

Храм со златни куполи е посветен на Господ Исус Христос, сини куполи со ѕвезди - на Пресвета Богородица, зелени куполи - на Света Троица или преподобните светци, сребрени куполи - на светци, а црни куполи често се среќаваат на манастирските храмови.

Важен е и бројот на куполи.

Три куполи ја симболизираат Светата Троица, пет - Господ Исус Христос и четворицата евангелисти, седум - бројот на Светите Тајни, девет - бројот на ангелските чинови, тринаесет - Господ Исус Христос и апостолите, дваесет и пет - бројот на старозаветните пророци, триесет и три - годините на Господ Исус Христос.

Има и храмови со 11 или 15 куполи, но тоа е главно исклучок.

Тамбур

Куполата стои на цилиндричен тамбур (најчесто е со поголем дијаметар од тамбурот). Повеќето тамбури имаат тесни прозорци кои не се само декоративен елемент, туку и важен извор на осветлување за храмот. Постојат и слепи тамбури кои немаат прозорци. Обично се тесни и издолжени, па изгледаат како „врат“ што држи купола, и затоа се нарекуваат така на руски („шея“).

Храм во вид на коцка

Храмот може да биде со коцкест облик (не е задолжително да е правилна коцка, таа често е издолжена во должина или во висина) и таквата четиристрана форма се нарекува „четверик“ (1).

Има и храмови со осумстран облик и таквата градба се нарекува „восмерик“ (2).

Многу храмови биле градени на повеќе нивоа, па вообичаената композиција била „восмерик на четверику“.

Апсида

Многу нешта се надоврзуваат на основната форма на храмот. Важен елемент е апсидата. Олтарската апсида е малку понизок испакнат дел од храмот свртен кон исток. Храмот може да има една, три или дури пет апсиди (како, на пример, Успенскиот храм на Московскиот Кремљ).

Закомара и кокошници

Важен елемент на архитектурата на надворешниот декор е и сводот-закомара (1), полукружен или зашилен завршеток на ѕидот покриен со покрив со иста форма. Закомарите имаат ист облик како и внатрешната структура на храмот и доколку постојат тоа значи дека храмот има засводени тавани.

Постојат и лажни закомари кои имаат исклучиво декоративна функција и се нарекуваат кокошници (2). Можело да ги има во голем број на храмовите градени во стилот „узорочје“ (руски китнест стил), кој ја претставува руската варијанта на барокот.

Пресло и пиластери

Вертикалната површина на ѕидот, која завршува со закомар, се нарекува „пресло“ („прясло“) (1). Често меѓу тие ѕидни површини, како продолжение на лакот на закомарата, се наоѓаат декоративни столбови - пиластери (2) (плитки столбови извлечени од рамнината на ѕидот).

Тимпанон

Некои цркви градени во стилот на класицизмот наместо закомара имаат тимпанон (триаголна површина на ѕидот над прозорците и вратите), т.е. своевиден кос двоводен завршеток на фасадата.

Припрата (Нартекс)

Наткриен или отворен трем на храмот. Според древната традиција, тоа било место каде што се собирале „бедните“ да просат милостина.

Страничен олтар

Страничен олтар е доѕидан дел или посебно одвоен дел од храмот каде што има уште еден олтар за богослужба. Секој спореден олтар има посебна купола. На пример, храмот „Св. Василиј Блажени“ има девет странични олтари распоредени во круг околу главниот. Главниот олтар е посветен на Покровот на Пресвета Богородица, а само еден страничен олтар е посветен на Св. Василиј Блажени.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња