На 4 јуни 1972 година рускиот поет Јосиф Бродски засекогаш ја напушти својата татковина. Беше принуден да замине, оставајќи ги во Ленинград своите родители кои никогаш повеќе нема да го видат, љубовта на неговиот живот, синот и пријателите.
Еден американски издавач кој беше воодушевен од неговото творештво му понуди место на предавач на Универзитетот во Мичиген. Потоа, во 1977 година доби американско државјанство, а во 1987 година Нобеловата награда за литература.
Што беше тоа со кое Бродски толку многу им напакости на советските функционери што го натераа да ја напушти земјата и да остави сè што сакаше?
Иако би се очекувало, Бродски воопшто не беше борец против советскиот режим, дисидент или русофоб. И по многу години поминати во Америка, тој чувствуваше само љубов и почит кон својата Русија.
Патот на Бродски, според мислењето на многумина, беше пат на отуѓување. Како што напиша Сергеј Довлатов, познат писател и пријател на Јосиф: „Тој не живееше во пролетерска држава, туку во манастир на сопствениот дух. Тој не се бореше против режимот. Не го ни забележуваше“. Немото непротивење не беше принципиелен и свесно изграден став кој поетот го избрал, за Бродски таквиот начин на размислување и чувствување беше вроден. Тој потсетува дека кога имал 10-11 години му дошла мисла која би можела да го опише целиот негов понатамошен животен пат: „...Тврдењето на Маркс дека „Постоењето ја предодредува свеста“ е вистинита само додека свеста не завладее со умешноста на отуѓување; понатаму свеста живее самостојно и може како да го регулира, така и да го игнорира постоењето“. За советскиот систем свеста на Бродски беше премногу самостојна.
На 15 години Јосиф го напушти училиштето и се вработи во фабрика. Подоцна зборуваше дека едноставно не можел да поднесе некои од неговите соученици, наставници и сеприсутните портрети на Ленин и Сталин и одвратната боја на ѕидовите. Поетот се згрозуваше од она што го сретнуваше насекаде: не само на училиште, туку и на секое друго место, сè беше подеднакво обезличено и обесмислено. Подоцна поетот нема многу да жали што не го завршил училиштето и што не се запишал на факултет. Поважно беше тоа што, според неговото сопствено признание, напуштањето на училиштето било првиот слободен чин во неговиот живот.
Внатрешната слобода на Бродски, толку туѓа за советскиот систем, се рефлектираше и во неговиот поетски јазик: Јосиф во своите дела никогаш не ја критикуваше советската власт, но власта чувствуваше дека тој ја критикува. Во разговор со новинарот Соломон Волков, Бродски го објасни тој феноменот вака: „Влијанието на поетот се протега надвор од границите на неговиот таканаречен световен опсег. Поетот го менува општеството индиректно. Го менува неговиот јазик, дикцијата, влијае на степенот на самосвест на општеството. Како доаѓа до тоа? Луѓето го читаат поетот, и ако поетовото дело е завршено на смислен начин, она што тој го создал почнува повеќе или помалку да се таложи во човечката свест“. Бродски го сметал јазикот што го користела власта за „загаден жаргон на марксистичките трактати“, „неруски“ . Оттука потекнува и конфликтот меѓу власта и книжевноста, каде што првата е исполнета со сомнежи и предрасуди кон непознатиот, неразбирлив поетски јазик.
Се разбира, функционерите гледаа на ситуацијата на сосема поинаков начин. Во 1963 година весникот „Вечерен Ленинград“ ја објави статијата „Околукнижевен трут“, во која авторот жестоко го критикува Бродски: „...неговите стихови претставуваат мешавина од декаденција, модернизам и најобични бесмислици“ и го обвини дека не ја сака Татковината и дека „кова план за предавство“. Статијата завршува со повик да се казни Бродски за паразитизам, кој тогаш беше третиран како прекршок.
Судењето на Јосиф Бродски
Н. ЈакимчукТекстот на законот го опишуваше поимот паразитизам крајно неодредено. Член на законот можеше да се примени на секое лице што ѝ беше непријатно на советската власт. Властите ја искористија оваа можност. Бродски беше осуден и помина година и пол (од петте досудени) на принудна работа во селото Норенскаја во Архангелската област.
Благодарение на силната реакција на јавноста на обидот на властите да го казнат незгодниот поет, тој беше ослободен. Го поддржуваа луѓе и во земјата и во странство. На крајот на 1964 година, благодарение на француските и англиските медиуми, целиот свет дозна за процесот против поетот. Само што Бродски немаше каде да се врати по принудната работа. Практично беше невозможно да се вклопи во советскиот систем. Како и пред апсењето, тој се посвети преведувањето, пишувањето стихови за деца, понекогаш добиваше пари за читање поезија во заинтересираните кругови.
Бродски во Архангелската област 1965.
Архивска фотографијаЗатоа изданијата на поетот беа печатени во странство. Во Њујорк 1970 година беше објавена книгата „Станица во пустината“. Содржеше 70 песни, неколку поеми и преводи. Судот и кампањата за поддршка на поетот го направија познат во странство. Затоа почна да добива покани од различни земји: Израел, Италија, Чехословачка, Англија.
Како Евреин, Бродски имаше право на репатријација. Во исто време, властите апсолутно не знаеја што да прават со овој чуден човек: немаат за што да го затворат, не можат да го примат во Сојузот на писателите, ниту пак да му ги печатат песните. Во строго системска земја, Бродски беше човек надвор од системот. Едноставно не се вклопуваше во советскиот живот, бидејќи постоеше сам за себе, без надворешна точка на потпора. Таквиот човек системот го третираше како штетен и опасен.
Бродски на аеродромот Пулково. На 4 јуни 1972 засекогаш ја напушти татковината.
Михаил Миљчик / Музеј на Јосиф БродскиВо 1972 година Бродски беше повикан во одделението за визи, каде што му беше кажано дека е подобро да ја искористи поканата да замине во странство и да ја напушти земјата. Бродски ја опиша оваа епизода вака: „Од љубезното полициско „вие“ се префрли на „ти“. Еве што ќе ти кажам, Бродски. Сега ќе го пополниш овој формулар, ќе напишеш молба, а ние ќе донесеме одлука. А ако одбијам? - прашав. Полковникот возврати: тогаш за тебе ќе дојдат бушави денови“. Бродски се согласи. Од поканата во визното одделение до заминувањето на поетот за Виена поминаа само три недели.
Јосиф Бродски и Сергеј Довлатов во Америка
Нина Аловерт / Музеј на А.С. Пушкин „Михајловское“Пропагандата ги претставуваше сите емигранти како предавници, додека враќањето во земјата беше речиси невозможно за нив. Бродски замина засекогаш и не можеше да се види ни со родителите. Тие 12 пати поднесуваа молба да одат да го видат синот, но секој пат беа одбивани.
По нивната смрт и распадот на СССР, Бродски повеќе не сакаше да се врати. „Од неколку причини се воздржувам да го сторам тоа“, напиша тој. „Прво, не можеш двапати да загазиш во иста река. Второ: со оглед дека сега го имам овој ореол, се плашам дека ќе станам предмет на разни надежи и позитивни чувства. А да се биде предмет на позитивни чувства е многу потешко отколку да се биде предмет на омраза. Трето: не би сакал да се најдам во ситуација на човек кој живее во подобри услови од мнозинството“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче