Пет клучни руски писателки на ХХ век

Armenian Museum of Moscow and Culture of Nations, Петр Шумов / Public Domain, Моисей Наппельбаум/Sputnik
И додека речиси сите без многу размислување ќе наведе дваесет машки имиња на руската книжевност, прашање е на колку писателки ќе успеат да се сетат. А нивното перо често беше помоќно од перото на машките колеги.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Зинаида Гипиус (1869-1945)

Една од првите руски феминистки, Гипиус се обидуваше да излезе од родовата рамка и да ги скрши стереотипите за жените. Сакаше да ја шокира публиката појавувајќи се во машки костум, знаеше да зборува за себе во машки род, особено кога се работеше за поезија. Таа знаеше да носи и исклучително женствени фустани.

Како и нејзиниот сопруг, писателот Дмитриј Мерешковски, таа беше филозоф, се залагаше за духовна слобода и слободна љубов и стана еден од идеолозите и истакнатите претставници на рускиот симболизам во поезијата. „Се сакам себеси како бог“, скандалозно изјавуваше таа во своите стихови, интересирајќи се за индивидуализмот.

Нивниот стан во Куќата на Мурузи во Санкт Петербург беше мека за уметниците во северната руска престолнина. По револуцијата во 1917 година, заедно со нејзиниот сопруг емигрираше и во Париз продолжи да биде стожер на руската култура, собирајќи ги околу себе своите сонародници кои ја напуштиле татковината. Во советската земја декадентните стихови на Зинаида Гипиус не беа печатени.

Марина Цветаева (1892-1941)

Творештвото на Марина Цветаева во голема мера беше одредено од околината. Родена е во Москва во уметничко семејство, опкружена со музика и уметност. Таткото на Марина беше историчар на уметноста и основач на Музејот на ликовни уметности „Пушкин“, а нејзината мајка беше пијанистка. Можеби затоа стиховите на Цветаева се толку музикални, а нејзиното творештво неразделно од нејзиниот живот.

И како што нејзиниот живот беше исполнет со вистински трагедии, таква е и поезијата на Марина, нервозна, со испрекинати стихови на вечно немирен и измачуван човек. Проникната со потресна отвореност на чувствата и љубовни страдања. Ќерката на Марина Цветаева почина од глад за време на Граѓанската војна. По емиграцијата, 1939 година таа се врати во СССР во најлошото време на Големиот терор. Нејзиниот сопруг беше уапсен, а другата ќерка помина петнаесет години во ГУЛАГ и прогонство. Марина Цветаева изврши самоубиство.

На стиховите од нејзината песна „Мило ми е што не сум таа поради која страдате“ е компонирана музика, а оваа романса може да се слушне и во еден од најпопуларните советски филмови на сите времиња, „Иронија на судбината“ на Елдар Рјазанов, кој со децении редовно се емитува на телевизија во новогодишната ноќ.

Ана Ахматова (1889 - 1966)

Името на Цветаева е неразделно од името на Ахматова. Толку многу различни поетеси кои притоа го формулираа поетскиот јазик на цел век. И раната поезија на Ахматова е фокусирана на љубовните драми, за со текот на времето да прерасне во граѓанска лирика за судбината на народот и земјата.

Сопругот на Ана Ахматова се најде на удар на репресијата, нејзиниот син беше уапсен, а поетесата ги преживеа блокадата на Ленинград и долгите години забрана за објавување поезија. Редици очајни жени кои се обидуваат да дознаат за судбината на своите синови и мажи за време на Големиот терор се отсликани во нејзината најпозната поема „Реквием“.

Маркантниот профил на поетесата стана своевиден заштитен знак, а нејзини портрети правеа Кузма Петров Водкин, Амадео Модиљани, Нејтан Алтман и многу други истакнати сликари од тоа време.

Евгенија Гинзбург (1904-1977)

Родена е во Москва во еврејско семејство, студираше на Казанскиот универзитет и работеше како новинарка. Во 1937 година беше уапсена поради наводно членство во терористичка организација. Како „татко и мајка на непријателот на народот“ беа уапсени и нејзините родители.

Десет години во затвори и логори и уште една деценија без можност да се врати во родната Москва, Гинзбург остави зад себе едно од првите сведоштва за ѕверствата на советскиот казнен систем и репресиите. Нејзиниот роман „Стрмна маршрута“ содржи шокантни описи на однесувањето спрема жените во затворите, како и вистински приказни за што сè во времето на Сталин можело да се заврши во затвор (на пример, ако не сте го осудиле вашиот сосед).

Првото издание на книгата се појави во Милано во 1967 година, а во Советскиот Сојуз дури по смртта на авторката, кон крајот на 1980-тите. Книгата успеа да ја види, како што се надеваше Гинзбург, и нејзиниот син, познатиот писател Василиј Аксјонов.

Нина Берберова (1901-1993)

Животот долг речиси цел век подразбираше бројни речиси неверојатни пресврти. Берберова е родена и порасната во Санкт Петербург. Еден од нејзините сопрузи беше истакнатиот поет од Сребрениот век Владислав Ходасевич. По револуцијата од 1917 година, двојката ја напушти Русија и долго време живееше во Париз, заземајќи централно место во културниот живот на руската емиграција. Нина ги помина деновите на германската окупација во село во близина на француската престолнина.

Иако не знаеше ниту збор англиски, во 1950 година таа реши да замине во САД. Многу брзо го научи јазикот и почна да објавува алманах посветен на руската интелигенција и да предава руски јазик и книжевност на неколку американски универзитети.

Автобиографијата на Берберова „Курзивот е мој“, нејзиното најпознато дело, претставува ризница на документарни сведоштва за времето и современиците. Берберова напиша и неколку романи и една од првите биографии на Петар Илич Чајковски во која таа отворено зборува за неговата хомосексуалност, како и книгата „Железна жена“ за тројниот агент на тајните служби на СССР, Германија и Англија, бароницата Мура Будберг, љубовницата на Максим Горки, а потоа и на Херберт Велс.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња