5 препознатливи градби на Алексеј Шчусев, авторот на мавзолејот на Ленин

П. К. Остроумов/Adományozó/Donor: Nagy Gyula (CC BY-SA 3.0)
Архитектот Алексеј Шчусев е познат првенствено како автор на Мавзолејот на Црвениот плоштад. Меѓутоа, ученикот на познатиот сликар Иља Рјепин создал значителен број исклучителни градби.

Марфо-Мариински манастир, 1908-1912.

Шчусев ја започнува својата кариера на полето на црковната архитектура. Едно од неговите први дела е камбанаријата во вид на шатор за лаврата на Александар Невски и иконостасот за Успенската црква на Киевско-Печерската лавра. Во 1908 година архитектот добива нова нарачка, овој пат во Москва: да создаде проект на Покровската црква за Марфо-Маринскиот манастир, кој кратко пред тоа го основала Великата кнегиња Елисавета Фјодоровна. Во контурите на Покровскиот храм од бел камен со една купола и две камбанарии може да се препознае една од најстарите цркви на Кремљ - Спас на Бор. Црквата „Покров на Пресвета Богородица“ е користена за празнични богослужби и за духовни предавања.

Казанска железничка станица, 1911-1940.

Асиметрични форми, крупни детали, мотиви на староруската архитектура - живиот, динамичен стил на Шчусев е истакнат пример на рускиот Арт-Нуво. Во 1910 година тој решава да учествува на конкурсот за проект на новата зграда на Казанската железничка станица во Москва. Од учесниците се бара да создадат „порта кон Истокот“, градба која ќе ги комбинира европските и азиските црти. Конкурент на Шчусов е славниот Фјодор Шехтел, но комисијата сепак го одбира неговиот проект. Тоа била изградбата на векот: се чинело дека Москва добила уште еден Кремљ со голем број згради со различна големина, кула која потсетува на казанската кула Сјујумбике и зашилени покриви. Многу од идеите на Шчусев се реализирани дури во постсоветската ера. На пример, по реконструкцијата во 1987-1997 година се појави Царската кула.

Мавзолеј, 1924-1930.

По револуцијата Алексеј Шчусев станува многу баран. Работи на генералниот план за развој на Москва и како главен архитект на Серускиот земјоделски и производствено-индустриски саем (денешен ВДНХ). Во 1924 година добива посебна нарачка: за три дена да подигне на Црвениот плоштад привремен дрвен мавзолеј за гробот на Ленин. Конструкцијата треба да се вклопи во постоечкиот ансамбл на Црвениот плоштад. Архитектот веднаш наоѓа решение: мавзолејот ќе биде низок, со скалеста форма, со краток натпис на фасадата: „Ленин“. Во 1925 година Шчусев започнува да работи на проектот за камен мавзолеј направен од црвен гранит, порфир, сив и црн лабрадорит. Проектиран е така што колона луѓе се движи непрекинато, без да создава гужва. Посетителот влегува преку десните скалила, го обиколува во круг саркофагот со телото на Ленин и го напушта мавзолејот преку левите скалила. Архитектот ќе го нарече овој проект „најзначајното креативно доживување во својот живот“.

Хотел „Москва“, 1932-1935.

Алексеј Шчусев ги црта проектите со слободна рака, без користење линијар. Велел дека така се појавувала живост во неговите дела. Оваа постапка е спасоносна кога треба да се решат сложени архитектонски проблеми. Така е и со хотелот „Москва“ кај Црвениот плоштад. Неговиот првобитен проект во стилот на конструктивизмот го прават соработниците на ателјето на Шчусев - Освалд Стапран и Леонид Савељев. Но, тој не се вклопува во стилот на старите делови на градот. Хотел со големина на еден кварт не може да има толку строг изглед. На крај го повикуваат Шчусев да го „спаси“ проектот. Оставајќи го конструктивистичкиот скелет непроменет, тој го дополнува со неокласичен декор, грандиозен трем со осум столбови и тераси. И, се разбира, со познатите асиметрични кули. Според легендата, нивните резултати се различни, бидејќи Сталин, кога го одобрува проектот, го става својот потпис на средината на цртежот. Всушност, работата е многу поедноставна: во хотелот „Москва“ е вѕидан стариот „Гранд хотел“, а при изградбата се покажува дека неговите ѕидови мораат да се зајакнат.

Метро-станица „Комсомолскаја“, 1947-1952.

Едно од последните дела на архитектот е станицата „Комсомолскаја“ на кружната линија на московското метро. Со оглед на тоа дека се наоѓа на пресекот на трите московски железнички станици, нејзината задача е веднаш да ги импресионира и воодушеви гостите на главниот град. Огромната централна сала со два реда мермерни столбови е создадена во препознатлив руски стил, кој Шчусев често го користи и порано. Во него е вклопен и ликовниот изглед на станицата, посветен на борбата за слободата на рускиот народ и победата во Втората светска војна. Украсена е со мозаици со ликови на војсководци и политички дејци од Александар Невски до Михаил Кутузов.

Алексеј Шчусев, 1914.

Изложбата „Алексеј Шчусев – архитект, уметник, директор. По повод 150-годишнината“ се одржува во Третјаковската галерија во Москва до 14 мај 2023 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња