„Лолита“ од Владимир Набоков: кратко резиме

Russia Beyond (Photo: Legion Media; Gertrude Fehr/Getty Images)
Прво го нарекуваа порнографски роман, за потоа да стане бестселер и класика.

Напатен човек ја користи можноста да заведе 12-годишно девојче. Тој ја носи на пат низ Америка за да се препушти на уживањето без последици.

Заплет 

„Лолита“ е роман напишан во вид на автобиографија од измислен лик по име Хамберт Хамберт. Приказната ја содржи нарацијата на целиот негов живот, но особено се фокусира на случајот кога нараторот се вљубува во 12-годишно девојче Долорес Хејз, на кое ѝ го дава прекарот Лолита.

„Лолита“ 1962, реж. Стенли Кјубрик

На почетокот на книгата читателите дознаваат дека Хамберт цел живот страда од сексуална опсесија со девојчиња на возраст меѓу девет и четиринаесет години. Тој ги нарекува „нимфети“ и тврди дека имаат демонска природа која го привлекува. Спротивно на тоа, на нараторот му се одбивни постари жени со зрели сексуални желби.

Во една прилика Хамберт доаѓа во гратчето Рамсдејл и наоѓа сместување во куќата на 35-годишната Шарлот Хејз. Не му се допаѓа ни Шарлот ни нејзината куќа, но одлучува да остане таму бидејќи се вљубува во 12-годишната ќерка на Шарлот Долорес.

Хамберт не може да одолее на нагонот што го влече кон младата девојка, но постапува внимателно за да не предизвика сомнеж. Постојано бара можности да остане со Лолита и пронаоѓа сексуално задоволство и во најмалиот физички контакт со неа. Води и дневник во кој ги искажува своите фантазии за девојката.

Кога Шарлот, која Хамберт ја смета за одбивна, му ги признава своите чувства, тој решава да си поигра и да се ожени со неа за да добие старателство над Лолита и официјална причина да биде околу неа.

„Лолита“ 1962, реж. Стенли Кјубрик

По трагичната смрт на Шарлот, Хамберт ја носи Лолита на пат низ САД како нејзин единствен старател. Една ноќ во хотел тој ја дрогира Лолита со апчиња за спиење, планирајќи да ја искористи во сон, но на крајот се откажува од својот план. Следното утро Лолита, како што тврди самиот Хамберт, самата иницира сексуални односи со него.

Односите меѓу Хамберт и Лолита се влошуваат бидејќи Хамберт станува сè поопсесивен и љубоморен на Лолита, а нејзиното однесување, пак, станува сè понепредвидливо.

Конечно, населувајќи се во Бердсли, Хамберт ја губи контролата над Лолита бидејќи таа е заведена од драматург по име Клер Квилти, кој ја сака Лолита за свои себични цели.  

Очаен, Хамберт ја носи Лолита надвор од градот, но таа бега. Потресениот Хамберт го поминува остатокот од летото безуспешно во потрага по Лолита и нејзиниот љубовник.

Кога Лолита повторно ќе се појави во животот на Хамберт години подоцна, таа му кажува дека заминала со Квилти, кој се обидел да ја искористи на неговите зли начини, но дека таа побегнала од него и сега е мажена за друг маж.

Иако Хамберт повеќе не ја доживува Лолита како „нимфета“, тој ја моли да побегне со него, бидејќи чувствува дека сè уште ја сака. Меѓутоа, Лолита одбива.

Со скршено срце, Хамберт му се осветува на Квилти, убивајќи го во неговиот дом. Потоа Хамберт е уапсен. Умира во затвор откако во дневникот ќе ја раскаже својата верзија на настаните. Лолита, во меѓувреме, умира за време на породувањето.

Што се крие зад романот? 

Набоков почнал да го пишува романот во 1946 година во САД. Му требале осум години да го заврши романот. Ниту еден американски издавач не ја прифатил книгата која, на прв поглед, се приклонува кон жанрот порнографија. На крај, романот е објавен од француски издавач специјализиран за авангардна литература и порнографија.

Романот доби различни критики и предизвика скандал во издавачкиот свет. Некои ја нарекоа книгата ремек-дело, додека други ја оценија како валкана порнографија. По објавувањето во САД, книгата стана бестселер, а Набоков се стекна со светска слава.

Романот, кој Набоков го преведе, или подобро кажано, повторно го напиша на руски јазик, дојде во СССР во 1967 година и беше дистрибуиран илегално. Во Советскиот Сојуз критичарите едногласно го осудија.

Дури и денес контроверзниот роман останува предмет на расправа. Некои читатели ја отфрлаат како порнографска книгата популарна само затоа што успеала да ја шокира неподготвената јавност во 1950-тите.

Други ја нарекуваат „Лолита“ ремек-дело богато со поетска проза, скриени теми, суптилни алузии, сатира и храна за размислување. Навистина, романот има повеќе слоеви кои ја надминуваат централната приказна, која се врти околу насилникот и неговата малолетна жртва.

„Лолита“ 1962, реж. Стенли Кјубрик

Набоков ги истражува темите на непристрасната судбина и човечката контрола над своите животи, забранетата љубов, табуто, себичноста, консумеризмот во современото општество, отуѓеноста...

Особено авторот ја покажува моќта на јазикот и реторичкото убедување преку кое постигнува главниот лик да ја брани својата педофилска склоност пред скептичните читатели со помош на своите беспрекорни реторички вештини.

Откако книгата беше објавена во 1955 година, таа предизвикува скандали, внимание и мешани критики, станувајќи еден од најконтроверзните романи на руската и американската класична литература.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња