Кој е принцот Иван, третиот царски син и легендарен јунак од рускиот фолклор?

Nizhny Novgorod State Art Museum
Тој е аутсајдер сé додека не го пронајде сопствениот пат.

Кога некој ќе украде златни јаболка од волшебно дрво во царевата градина, царот им дава задача на своите синови да го фатат крадецот. Така започнуваат низа настани кои водат до опасно патување, предавство и убиство. А главниот јунак на оваа класична народна бајка е принцот Иван.

Најмалиот син на царот  

Принцот Иван е главниот јунак на бројни руски бајки. Секогаш е прикажан како трет и најмлад син на царот. Со оглед на неговата младост, царот и постарите браќа на Иван не го сфаќаат сериозно.

Иако се споменува како принц, што укажува на неговото потекло и статус на царски син, тој не може да го наследи царскиот престол, бидејќи е само трет по наследна линија. Принцот Иван често е прикажан како паметен, скромен и храбар младич, кој ништо не зема здраво за готово и мора да работи напорно за да се здобие со наклоноста на својот татко.

Во најпознатата бајка со овој јунак - Бајката за принцот Иван, жар-птицата и сивиот волк - принцот Иван го моли својот татко да му дозволи да се обиде да го фати крадецот на златните јаболка, за кого се покажува дека е жар-птицата. Царот на почетокот се двоуми. Меѓутоа, кога неговите постари синови ќе задремат на стража и нема да фатат крадецот, тој конечно му дозволува на Иван да си ја проба среќата.

Иван е поттикнат од ветувањето на татка си дека синот што ќе го фати крадецот ќе добие половина од царство и ќе стане наследник на престолот. Меѓутоа, во бајката Иван никогаш не е мотивиран од алчност или желба за власт. Она што е најважно за него е да биде еднаков со постарите браќа и да стекне симболично признание од татка си.

Митски суштества  

На патувањето на Иван често му помагаат разни митски суштества, како што се волшебниот волк, жар-птицата и волшебниот коњ. Дури и ако на почетокот ѕверот му се заканува на Иван, тој подоцна станува негов близок помошник и му овозможува да ги совлада предизвиците со кои се соочува.

Во Сказната за принцот Иван, жар-птицата и сивиот волк се вели:

„Кој ќе помине од овој столб право, тој ќе биде гладен и беден; кој ќе појде на десната страна, тој ќе биде жив и здрав, а коњот ќе му биде мртов; а кој ќе појде на левата страна, самиот ќе биде убиен, а коњот ќе му остане жив и здрав“.

Принцот Иван размислува, а потоа решава што да прави.

„Можеби ќе го изгубам коњот, но барем ќе ја најдам жар-птицата и ќе постапам како што ми заповеда татко ми!“, вели тој.

И го фаќа патот надесно.

Иван ќе го здогледа волшебниот волк кој ќе му го изеде коњот. Меѓутоа, подоцна волкот му нуди помош на очајниот Иван, можеби за да му го надомести изедениот коњ.

Волкот не само што му помага на Иван да ги совлада сите пречки на патот, туку и го оживува јунакот откако неговите љубоморни браќа ќе го убијат.

Поука на бајката   

Во бајките Иван не е поттикнат од алчност, како неговите браќа, туку од благородна желба: да ја придобие татковата наклонетост или да ја спаси принцезата што ја грабнал Кашчеј Бесмртниот.

Бидејќи неговите намери се чесни, патем тој наоѓа помош. Благодарение на тоа, тој може да ги постигне своите цели, да го наследи татка си и да ја освои раката на преубавата принцеза.

Можеби главната поука на сите бајки за принцот Иван е дека човекот со благородни особини секогаш ја пронаоѓа среќата и е награден, дури и ако на почетокот се чини дека околностите се против него.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња