5 популарни хероини од руските бајки

В.Н. Курдюмов / Иван Билибин / В. Васнецов / Јавен домен
Постои стереотип дека Русинките се убави, скромни и одлични во домашните работи. Сигурно мислите дека слично размислување било застапено и во рускиот фолклор. Сепак, не било секогаш така.

5. Марјушка од бајката „Финист – светлиот сокол“

Оваа приказна се врти околу една млада и убава селска девојка по име Марјушка, која од својот татко го добива магичниот пердув на соколот Финист. Перото ѝ помага да го повика Финист Соколот, убав принц кој се претвора во сокол и секоја вечер ја посетува Марјушка доаѓајќи преку прозорецот.

Кога нејзините љубоморни сестри ставиле остри ножеви во прозорецот, соколот се повредил и одлетал далеку, велејќи ѝ на Марјушка да го најде. И така, Марјушка тргнува на тешко патување за да ја пронајде својата љубов. По пат ѝ помагаат разни животни и вештерки и на крајот таа го наоѓа својот единствен, омамен со напивка за спиење и оженет со кралица. Но, сега е предоцна да запре - и Марјушка истрајува, успева да ја надмудри кралицата, да го разбуди принцот и да ја растури магијата. Среќен крај!

4. Марја Моревна

Овој лик е прилично феминистички. Марја Моревна (од истоимената приказна) во основа е Кралица на жените-воини на која ѝ се допаѓа принцот Иван, кој наидува на нејзиниот воен логор. Тие се вљубуваат еден во друг и тој станува маж кој „седи дома“, додека неговата сопруга оди на уште една воена мисија. Тој е задолжен за водење на домаќинството, но му е забрането да влезе во подрумот каде, како што се покажува, е затворен лошиот Кашчеј

Се разбира, љубопитноста на Иван го надвладува и тој ќе му се смилува на Кашчеј, давајќи му малку вода. Тоа, пак, му дава доволно енергија на злобниот лик да се ослободи и да избега, земајќи ја Марја со себе во неговото далечно кралство. Човек може да се запраша дали Марја воопшто го заклучила Кашчеј? И, ако е така, веројатно би можела да го направи тоа повторно, како кралица на жените-воини? Но, во секој случај, Иван не ја разочарува сопругата - успеава да ја придобие и да го убие нејзиниот бивши, обезбедувајќи ја нивната мирна и среќна иднина.

3. Принцезата Лебед од „Сказната за царот Салтан“

Уште една убавица која првично се претставува во животинска форма е принцезата Лебед од „Сказната за царот Салтан“. Во текот на приказната, главниот лик, добродушниот принц Гвидон, спасува лебед од птица-змеј, со што ја добива нејзината благодарност (а тоа, всушност, бил злобен волшебник).

Таа потоа му помага на принцот на секој можен начин: гради цел град на ненаселен остров, давајќи му магична верверица и армија од 33 „морски витези“ за кои излегува дека се нејзини браќа. На крај таа го открива својот вистински човечки облик на прекрасна принцеза и се мажи за Гвидон.

2. Василиса Прекрасна

Василиса Прекрасна (од истоимената бајка) има сосема поинаква приказна. Како дете, нејзината мајка на умирање ѝ дава волшебна кукла која ја штити и ѝ помага на Василиса во секој поглед. Откако нејзиниот татко повторно ќе се ожени, Василиса добива класичен пакет во вид на злобна маќеа и полусестри, кои со сите сили се трудат да го уништат нејзиниот убав изглед, но безуспешно.

На крај тие ја праќаат директно кај злобната Баба Јага која јаде деца, надевајќи се дека вештерката ќе се ослободи од убавата млада жена. Но, со помош на својата магична кукла, Василиса успева да ја надмудри Баба Јага и заминува не само неповредена, туку и со подарок - маѓепсан човечки череп со оган внатре, кој потоа преку ноќ едноставно ги „гори“ злобните роднини на Василиса.

После тоа, сè тече како по лој: Василиса наоѓа добра старица со која живее, почнува да ја прави најубавата постелнина за царот, кој потоа се вљубува во неа и се жени со неа! Уште еден среќен крај!

1. Василиса Премудрата од бајката „Принцезата-жаба“ 

Кој би сакал да се ожени со жаба? Никој, нели? Сепак, во популарната руска бајка „Принцезата-жаба“, жабата излегува дека е ништо помалку од убава и паметна принцеза која исто така може да прави магични работи.

Приказната почнува кога царот им наредува на своите три сина да си најдат себеси идни сопруги со тоа што ќе исфрлат стрела во случаен правец и ќе видат каде ќе слета. Најмладиот принц, Иван Царевич, ја има таа „среќа“ да ја испрати својата стрела право во мочуриште во кое живее жаба. Иван е блиску до враќање без невеста, но жабата му вели сепак да се ожени со неа. „Нема да зажалиш“, вели таа.

И жабата не го разочарува. Секоја вечер таа ќе се преобрази во убавата и млада жена Василиса Премудрата и успешно ќе ја извршува секоја задача што се бара за да царот биде импресиониран: го пече најдобриот каравајски леб, ги ткае најубавите теписи и го изведува најдобриот танц во нејзиниот човечки облик.

Сè оди добро додека Иван не се решава да ја запали жабјата кожа на својата сопруга, што никако не смеел да го направи. Василиса се претвара во лебед и одлетува, велејќи му на Иван да ја најде во кралството на Кашчеј Бесмртниот (кој, очигледно, е одговорен за магијата).

Се разбира, сè завршува добро: Иван го победува злобниот Кашчеј и ја враќа Василиса дома.

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња